Гордана Јанкулоска е жртва на неправдите и политичкиот прогон на мафијата на Заев. Јанкулоска оди во затвор за автомобил кој го вози и користи Зоран Заев и неговата мафија и во исто време кога истата таа власт троши над 8 милиони евра за купување нови службени возила, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, откако попладнево таа беше спроведена во затворот „Идризово“, каде што ќе треба да ја одлежи четиригодишната затворска казна која судот ѝ ја изрече во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“.
– Јанкулоска е жртва на неправдите на Заев и нејзиното одење во затвор е политичка пресметка и нарачка на мафијашот Заев со опозицијата. Додека власта се осветува кон мајка, сопруга и професионалец кој со години ѝ служел на државата сè уште нема ниту збор за тоа каде завршувале парите од рекетот на Зоран Заев, имаме амнестија на очигледен поткуп на Заев, евро за Вицето евро за црквата, имаме целосен молк за поткупот на ексдиректорот на ФЗО, Ден Дончев, обвинителството молчи за панамските пари и зделките со Заев за 2000 стана во Тетово, се молчи за измамата на штедачи на ‘Еуростандард банка’ и редица други скандали кои се случуваат на дневно ниво.
Забавата на Заев со човечки судбини нанесува зло и штета на државата. Денес треба да се зборува за Јанкулоска во состојба кога имаме 40 илјади невработени на улица или кога имаме колапс на образовниот систем. Заев има потреба да се плаши единствено од правдата која ќе го стигне по падот на мафијата на власт – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.