ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да се распушти Собранието и да се распишат вонредни парламентарни избори, заедно со претседателските.
Ова вечерва пред партиското седиштего изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, откако претходно Собранието ги усвои уставните измени, кои произлегуваат со Договорот од Преспа.
-Според законските прописи и врз основа на минатото искуство на овие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи и волјата на мнозинството граѓани ќе биде испочитувана. Потребни се избори на кои Заев ќе падне, а Македонија ќе победи, народот ќе каже каква Македонија сака сака Северна Македонија на Заев, понижена и засрамена или Македонија на народот, горда, напредна и почитувана, рече Мицкоски.
На прашањето кои се следите чекори на партијата, Мицкоски одговори дека тоа ќе се види во периодот, кој следи, а не ја исклучи ниту можноста за бојкотирање на Парламентот.
-Сите опции се отворени. Ова што денеска се случи е црн петок за Република Македонија, за граѓаните, за македонскиот народ, за македонската нација, додаде тој.
Повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека не ја поддржува промената на Уставот со цел промена на уставото име на РМ , промената на идентитетот, на историјата.
-Тој став е непроменет и конзистентен и се темели на партиската идеологија, програма, резолуции, акти, документи е е базиран на одлуката на народот потврдена на референдумот на 8 септември 1991 година и на 30 септември 2018 година. Одлуката за промена на името, идентитетот, културата, образованието, историјата е одлука на 81 пратеник, но не е одлука на македонските граѓани. Со ваква одлука се суспендирра волјата на граѓаните и самиот начин и постапките до кои се дојде со сето ова е чин на предавство, нагласи Мицкоски.