Постои напредок во користењето на бизнис-можностите на интернет во Македонија, но и простор за подобрување на ова поле, што во одредена мера беше забележано и при неодамнешниот глобален пад на социјалните мрежи. Покрај поволностите, социјалните мрежи и интернетот носат и мноштво ризици и непредвидливи опасности
Светскиот ден на интернетот како повод
Испраќањето на почетните две букви од зборот „логин“ во првата порака помеѓу два компјутера оддалечени со километри во САД, на денешен ден во 1969 година, го претставува зачетокот на интернетот и е повод за одбележување на Светскиот ден на глобалната мрежа – 29 октомври. Тогашниот историски потфат резултира со прекин на работата на двата компјутера. Нешто повеќе од половина век подоцна, светот неодамна пак се соочи со неколкучасовен пад на интернетот и социјалните мрежи, што наспроти напредокот на технологијата и придобивките ја покажува и ранливоста, но и ризиците на овој начин на комуникација.
Познавачите на состојбите сметаат дека постои напредок во користењето на бизнис-можностите на интернет во Македонија, но и простор за подобрување на ова поле, актуализирајќи го прашањето како македонските граѓани ги користат придобивките од светската мрежа и од дигитализацијата.
– Има напредок во секој сегмент од користењето на бизнис-можностите на интернет и на дигиталната трансформација и кај медиумите и кај брендовите. Тоа е позитивно и дава дополнителен избор. Секоја современа компанија знае да ги искористи можностите и да пронајде спој што ќе одговори на потребите на потрошувачите. Во однос на прифаќањето на дигитализацијата, нашето општество оди во крајност, од негирање до целосна вложеност. Но само правилниот спој и стратегија овозможуваат соодветен начин на работа – истакнува Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста и нови медиуми.
Фејсбук, Инстаграм и Воцап се платформи за водење бизнис, пристап до медицинска нега, спроведување онлајн предавања и политички кампањи, како и за брзи реакции во итни случаи. На светско ниво, просечно 2,76 милијарди луѓе користат барем една апликација поврзана со Фејсбук на дневна основа, според податоците на компанијата. Воцап се користи за испраќање повеќе од 100 милијарди пораки дневно и апликацијата беше симнувана преку интернет речиси шест милијарди пати од 2014 година, по аквизицијата од страна на „Фејсбук“. Неодамнешниот пад и недостапноста на дигиталните платформи, сепак, немаше сериозни ефекти во Македонија зашто во земјава тие главно се користат за секојдневна комуникација, а во помала мера за бизнис.
– Падот на социјалните мрежи беше премногу краток за нашето општество да го почувствува, бидејќи не е брзодвижечко. Овдешниот бизнис не се води преку социјалните мрежи за да има големи загуби, како што е случај во светот. Најголемите светски компании го користат Линкдин, кој е најпогоден за бизнис, додека Фејсбук треба да биде за поддршка, а не главна платформа за оваа намена. Компаниите кај нас честопати гледаат да поминат поевтино и се насочуваат кон Фејсбук, па таквата практика всушност се плаќа поскапо – објаснува пиар-стратегот и политиколог Синиша Пекевски.
Фејсбук е особено актуелен и во текот на кампањата за претстојните локални избори, бидејќи партиите во голема мера ги користат дигиталните платформи за политички маркетинг и за комуникација со гласачите.
– Несоодветно е што изборните кампањи се фокусирани на социјалните мрежи бидејќи таму се помладите, кои немаат интерес за нив, ниту пак гласаат. Кампањите исто така сѐ повеќе се насочени кон дигиталните мрежи, веб-страниците, банерите… На тој начин тие даваат лажна слика – смета Пекевски.
Во ваква ситуација се поставува прашањето колкава е користа од вмреженоста на македонските граѓани, во поглед на можностите што ги нуди интернетот.
– Државниот завод за статистика бележи дека 80 отсто од населението користи интернет на дневно ниво, а со пописот тој удел достигнува и 90 отсто. Но прашање е колку се користи ваквото вмрежување. Честопати се вперува прст во социјалните мрежи, но тие се најмал проблем. Луѓето ги даваат своите податоци на разни апликации, а не ги даваат на регуларните мрежи. Од друга страна, десет илјади млади луѓе наоѓаат работа и обезбедуваат егзистенција преку онлајн платформите, што ги задржува во државава. Колку повеќе ја разбираме дигитализацијата, толку повеќе ќе успеваме да ја приспособуваме на навиките на потрошувачите. Дајте избор, а задржете ги стандардите и квалитетот – посочува Кордалов.
Социјалните мрежи се погодни за комуникација и тие претставуваат добивка на модерното живеење, па затоа вообичаена е нивната секојдневна употреба. Користењето на апликациите дополнително се зголеми за време на пандемијата кога тие станаа неопходни во образованието, за споделување информации, како и за одржување контакт со најблиските.
– Нормално е да се потпираме на социјалните мрежи бидејќи се најпогодни за комуникација. Станува збор за основна потреба на која се навикнавме. И своевремено, кога луѓето комуницирале преку пошта, кога би ја снемало услугата, тие би реагирале исто. Или, пак, кога бензинските пумпи би останале без гориво, исто така би била почувствувана непријатност бидејќи не може да се одвива транспортот, кој е вообичаен. Добивката од модерното живеење не е патологија, туку секојдневна потреба. Не станува збор за зависност што е присутна во мал број случаи, кога некој го поминува сето време на социјалните мрежи – заклучува психолог Мирјана Јовановска Стојановска.
Сепак, честите упади и хакирања на социјалните мрежи предизвикуваат и глобална загриженост и за доверливите податоци на нивните корисници, но и на компаниите, кои би можеле да бидат злоупотребени, внесувајќи страв од безбедносни, финансиски и друг вид импликации и од можни хакерски напади.
Во глобални рамки секојдневно се појавуваат информации за разни упади во дигиталните мрежи и системи, кои предизвикуваат и големи штети на корисниците и општествата. И во Македонија изминатиот период имаше случаи на упад во системот на Државната изборна комисија, потоа упад при спроведување на пописот итн. Сето тоа е показател дека вмрежувањето и интернетот се ранливи и кријат непредвидливи опасности.
За време на неодамнешниот само неколкучасовен пад на неговите платформи, извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, загубил шест милијарди долари. Светот доби можност накратко да види како изгледа секојдневието без социјалните мрежи, што поттикна стравувања за последици по глобалната безбедност и по финансискиот сектор. Тоа отвори и прашања за подобра регулација на социјалните мрежи, со што е извесно дека планетата ќе ја дочека следната ваква ситуација многу подобро подготвена.