Лидерската средба што беше планирана за денеска дефинитивно нема да се одржи. Од Владата велат дека причината за откажување на средбата е поради тоа што не е постигнат консензус и дека одбиваат да прифаќаат ултиматуми од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој рече дека ќе присуствува на средба на која ќе се разговара само за предвремени парламентарни избори.
– Владата одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја – соопштија од Владата.
Премиерот, Зоран Заев, во понеделникот ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, Мицкоски, Али Ахмети и Зијадин Села, на лидерска средба со, како што велат од Владата, единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во унијата.