Јасно е дека пандемијата целосно го наруши образовниот систем, за кој многумина тврдат дека веќе од порано почнал да губи важност, па затоа воведувањето на новиот хибриден модел на образование изгледа како исклучително привлечно решение. А само до вчера, некои од главните теми за дискусија беа токму опасните последици од зависноста од технологија врз здравјето на младите луѓе
Учење на далечина
Пандемијата на ковид-19 беше основа за досега незабележаниот социјален инженеринг во светската историја, во чии рамки започна најголемиот, наедно и екстремно брз експеримент за учење на далечина. „Новата нормалност“ ги втурна учениците, студентите и наставниците директно во дигиталната ера, без оглед на нивниот интерес, вештини или степен на образование. Оттука, се поставува едно огромно прашање – дали денешните ученици и студенти ќе станат изгубена генерација, личности чии животи ќе бидат трајно жигосани од страна на глобалните пандемии?
Затворањето на образовните институции е една од највидливите, наедно и најконтроверзни алатки на глобалната изолација. Имено, според податоците на УНЕСКО, оваа присилно донесена одлука досега погоди речиси 1,6 милијарда ученици во 190 држави, или 90 отсто од децата на училишна возраст. Повеќе од 100 држави во светот ги затворија своите универзитети, што имаше директно влијание врз половина од светската студентска популација.
Методот на учење на далечина познат, но заднината е различна?
Методите за онлајн настава постоеја и пред пандемијата. Уште од почетокот на 21 век, огромниот број онлајн курсеви и забрзаното добивање онлајн дипломи, едноставно станаа дел од вообичаената понуда на многу врвни универзитети. Во текот на наставниот процес, најважна е комуникацијата меѓу предавачите и студентите, но во согласност со образовните промени донесени со користење на современите технологии, фокусот полека се префрли од едукаторите (како централни фигури во наставниот процес) кон учениците, односно студентите. На тој начин, во неолибералната глобализирана економија, професорот станува само еден од материјалните ресурси потребни за успешно усвојување на наставната програма, а како предност на онлајн наставата се истакнуваат намалените временски, просторни и, генерално, финансиски трошоци, кои се наметнуваат во процесот на една традиционална „лице в лице“ настава. Дигитализацијата на наставниот процес постепено ја трансформира и самата работа, а со тоа и голем број професии се редефинираат или дури престануваат да постојат. Конечно, дигитализацијата почна да влијае врз улогата на едукаторот и да го трансформира образовниот процес и пред појавата на пандемијата, имајќи предвид дека дигиталните вештини одамна станаа интегрален услов за оваа професија. Сепак, сега кога сѐ е „заклучено“, сите ние сме во ситуација да учествуваме во една мошне драматична реалност. Кина веќе има искуство со оваа нова форма на наставен процес. За време на епидемијата на САРС, иновативните онлајн алатки беа масовно користени. Австралија, пак, уште во почетната фаза од епидемијата беше принудена да ги користи можностите на интернет за 100.000 Кинези што студираат на нејзина територија, но беа осудени да останат во Кина. Тука е и примерот со американскиот универзитет „Дјук“, каде што се започна со примена на интернет-платформа за учење, за да се обезбеди континуирана настава за студентите во кампусот „Дјук Куншан“ во Кина, кој функционира како партнерска институција на матичниот универзитет.
Дигитална глобална образовна програма што ја дефинираат корпорациите и владите
Политичките елити низ светот ги поздравија новите наставни методи, нагласувајќи дека станува збор за најновата генерација ученици и студенти, наречени „дигитални домородци“, мислејќи притоа на фактот дека тие се првата генерација за која е сосема вообичаена употребата на паметни телефони и социјални медиуми, што е, впрочем, дел од современата култура во која се пораснати. Визијата за иднината на образованието, која треба да стане реалност до 2030 година, опишува еден свет во кој учењето, работата и семејниот живот се длабоко интегрирани. Младите учат од дигитална глобална програма, која се темели на „реални проблеми што треба да се решат“. Тие реални проблеми ги идентификуваат меѓународните организации (владини и невладини), корпорациите и државните влади.
Градинките, училиштата и универзитетите, воспитувачките, наставниците и професорите, исто како и учениците и студентите, се најдоа во сосема нови околности. За жал, токму сега кога има проблеми, образовниот сектор има дефицит на конкретни решенија, иако тој е најмногу погоден (заедно со туризмот и угостителството), па следствено на тоа е подложен на огромни турбуленции или, поточно, на судбински промени
Така, во иднина, сите корпорации ќе имаат свој сопствен универзитет. Вработените (наедно и родители) во компанијата, покрај работните задачи што ги извршуваат, ќе посветуваат дел од времето и за подучување на помладите, што ќе води кон нивно етапно вклучување во содржините на работниот процес. Се разбира, сето тоа постои и сега – тука се, на пример, академијата „Оракл“, Академијата за аналитика и онаа за маркетинг на „Гугл“, како и многу други. Генерално, може да заклучиме дека корпорациите постепено се трансформираат во големи семејства во чии рамки ќе се одвива целокупниот живот на секој поединец. Ова е многу интересна тема за социолошки истражувања! Прашањата што може да се постават би звучеле вака: „Што значи сево ова за иднината на образованието? Дали онлајн образованието ќе опстане, со оглед на проблемите со кои се соочува? Може ли ваквата практика да стане нова норма и што би значело тоа?“
Економските интереси на високотехнолошките компании фокусирани на пазарот на онлајн образованието
Мотивацијата за воведување онлајн настава изгледа логична, со оглед на глобалната пандемија. Имено, училишната средина е доста погодна за ширење заразни болести. Општо е познато дека пренесувањето на вирусот е поголемо во затворени простори, па. така, иако ризикот за ученичката и студентската популација можеби е помал од оној за нивните возрасни едукатори, младите би можеле да станат брзи преносители на вирусот, кој може да ги нападне најранливите членови на општеството, како на пример нивните дедовци и баби. Меѓутоа, ноќните клубови и кафулињата и понатаму нормално работат, па поради тоа јас лично не верувам во овој аргумент, ниту пак во чувството за одговорност на власта. Мотивацијата со сигурност лежи на друго место – таа се однесува на економските интереси на високотехнолошките компании, фокусирани на пазарот на онлајн образованието, кој, пак, од своја страна, нуди неисцрпни можности за заработка.
Дури и пред пандемијата, истражувањата предвидуваа негов забрзан раст од околу 350 милијарди долари до 2025 година. На пазарот постојат голем број платформи за учење преку интернет, какви што се Зум, Хенг аут мит, Јудеми, Курсер, Линд и Јудасити, кои веќе на големо се користат од страна на милиони луѓе. Засилениот пробив на интернет е главен фактор за растот на пазарот на онлајн образование, а од почетокот на кризата со ковид-19 дојде до значаен пораст на употребата на софтвери за виртуелно подучување, алатки за видеоконференција и слични технолошки изуми. Јасно е дека пандемијата целосно го наруши образовниот систем, за кој многумина тврдат дека веќе од порано почнал да губи важност, па затоа воведувањето на новиот хибриден модел на образование изгледа како исклучително привлечно решение. А само до вчера, некои од главните теми за дискусија беа токму опасните последици од зависноста од технологија врз здравјето на младите луѓе.
Што сѐ ќе донесе транзицијата од традиционална кон онлајн настава?
Претераното користење на интернетот луѓето социјално ги изолира, телесно и ментално ги истоштува, а тоа секако влијае на семејното, социјалното, училишното или работното функционирање, со можност на крајот да резултира со целосна психичка декомпензација, пишува на страниците на една од регионалните институции за јавно здравје, значи истата онаа институција што сега ги затвора училиштата и ја наметнува онлајн наставата како задолжителна. Електронското насилство денес веќе никој не го спомнува, исто како и проблемите со социјализацијата на младите луѓе. И додека некои од нас навистина ги загрижува избрзаната транзиција од традиционална кон онлајн настава, најмногу поради загрозувањето на менталното здравје кај младината, но и кај наставниот кадар, владите планираат е-учењето да го наметнат како „нова нормалност“. Но многу студенти што немаат сигурен и постојан пристап до интернет и новите технологии, мораат да се борат за учество во дигиталното учење. Овој дигитален јаз е присутен во рамките на секоја држава, но и помеѓу групите на развиени и неразвиени земји. На пример, додека 95 отсто од учениците во Швајцарија, Норвешка и во Австрија поседуваат компјутер што го користат за своите училишни обврски, во Индонезија таа бројка изнесува скромни 34 отсто.
Во некои други земји во развој ситуацијата е уште полоша – повеќето од училиштата и факултетите на Филипините се затворени, што значи дека во држава со 100 милиони жители, младите воопшто не се школуваат. Во април 2020 година, ООН објави дека половина од учениците што во моментот не одат на училиште не поседуваат компјутер за работа. Многу деца и млади на планетава немаат пристап до интернет, ниту пак соодветни услови или мотивација да се придржуваат кон рутината, а родителите не сакаат или едноставно не се во состојба да помогнат. Иако дигиталните решенија може да се користат за учење, тие не се погодни за педагошка работа и со сигурност не можат да бидат замена за присуството на вистински учител, ниту пак за структурираното школско или факултетско опкружување.
Дали образованието преку интернет е ексклузивен концепт за елитите
Во современиот свет, дури и за време на пандемија, сѐ се мери со вредноста на парите. Образованието преку интернет е елитен концепт што може да биде применет само во развиените земји. Во оние другите (не зборуваме само за Индија или Филипините туку и за држави како оние од регионот – Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Македонија), придобивките од наставата преку интернет се многу дискутабилни. Како резултат на ова, ненадејното свртување кон онлајн образование евидентно ги влоши веќе постојните разлики меѓу развиените и неразвиените земји, како и меѓу богатите и оние со ниски приходи. Понатаму, оваа транзиција кај многумина предизвика длабоко чувство на загуба, бидејќи структурите на животот и секојдневието целосно исчезнаа. Неброени млади луѓе, целосно неприродно, своето време сега го трошат затворени во своите домови, делејќи ги просторот и компјутерот со родителите, браќата и сестрите (често околу нив потскокнуваат и домашни миленичиња).
Кога ваквата ситуација ќе се комбинира со многуте други стресни состојби (производ од животот во изолација), јасно е дека сево ова ќе остави сериозни, дури и трајни последици врз здравјето на младите луѓе. Една од најочигледните, секако, ќе биде застојот во нивниот когнитивен, емоционален и социјален развој. Кај оние во најкритичниот адолесцентен период, ова може да го зголеми и ризикот од појава на ментално заболување. На глобално ниво, се очекува изолацијата да ги продлабочи постојните нееднаквости низ светот, додека последиците од неа ќе бидат видливи и во текот на наредните неколку децении.
Познатата канадска писателка Наоми Клајн наведува дека трајната интеграција на технологијата во сите аспекти на нашите животи ќе биде главна карактеристика на „постковид-реалноста“. Први приоритети на „глобалната влада“ ќе бидат учењето на далечина, телемедицината и дигиталната трансформација, а сето тоа, се разбира, во соработка со големиот филантроп Бил Гејтс и неговата неизбежна фондација „Бил и Мелинда Гејтс“. Клајн смета дека се наоѓаме во заедничка лабораторија, во која се создава една многу профитабилна иднина без допири. Тоа е иднина во која нашите домови веќе никогаш нема да бидат исклучиво лични простори, туку по пат на брзо дигитално поврзување ќе се претворат во наши училишта, лекарски ординации, фитнес-клубови и, ако така одреди државата – наши затвори.
Длабоката трансформација
Кога станува збор за иднината на образованието по ковид-19, ни претстои длабока трансформација, која, според нејзините поборници, ќе донесе „едукациски процут“ и „хипериндивидуализирано образование“, во кое нема да има потреба за преиспитување на веќе научените работи. Според истите тие, „ова заштедува време и пари, меморирањето податоци станува речиси излишно, така што е можно материјалот од цела студиска програма да биде совладан само во рок од еден месец“. Ова е проекција на блиската иднина (или сегашност), во која оние привилегираните речиси сѐ добиваат на домашна адреса – било да се работи за виртуелна достава со помош на технологија, или, пак, за физичка, со помош на возила или беспилотни летала. Тоа е иднина што вработува многу помал број учители, професори, лекари, возачи, иднина што не прифаќа никаква готовина или кредитни картички (под превезот на контрола над вирусите). Иднина за која се тврди дека е управувана од вештачка интелигенција, но која всушност ја одржуваат десетици милиони анонимни работници сместени во магацини, центри за податоци, фабрики за електронска опрема, рудници за литиум (батерии за електрични автомобили), земјоделски фарми, погони за преработка на месо и слично, каде што никој не е заштитен од болести и жестока експлоатација.
Може ли да се претпостави каква ќе биде иднината
Тоа е иднина во која „паметните градови“, завиткани во камери и сензори, претставуваат замена за локалната управа. Иднина во која не се спомнуваат стабилните и квалитетни работни места, кои се избришани од надојдените дигитални технологии, ниту пак се критикуваат новите лоши – всушност ужасни робовски работни места, создадени од истите тие технологии. Сепак, најмногу од сѐ треба да нѐ загрижува неверојатната социјална нееднаквост, која стана „нова нормалност“ на дистопијата во која сме заглавени. Невидените богатства и моќ, присвоени од страна на високотехнолошките корпорации (кои избегнуваат секаква одговорност за општествените проблеми со кои сега се соочуваме), полека стануваат сериозна закана за демократијата, која сѐ уште функционира како номинален политички систем. Сомнителното ветување дадено од страна на силиконските гиганти – „Оракл“, „Амазон“, „Мајкрософт“, „Фејсбук“ и „Гугл“ – според кое дигиталната технологија претставува единствен можен начин за преживување за време на пандемиска криза, полека станува основа за ново глобално управување и опстојување, како на нечувствителните државни политички елити така и на меѓународните организации и интеграции.
Авторка: Јадранка Половиќ во анализата за „Геополитика њуз“