Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, вели дека треба да се почекаат официјалните изјави и реакции од страна на унгарските власти пред да се коментира барањето азил на Никола Груевски.
-Треба да се почекаат фактите, официјалните изјави од унгарските органи и тогаш да се изгради слика. Секако, во ЕУ постои јасно изразен политички однос кон состојбата и почитувањето на правната држава во Унгарија, тоа е познато. Не верувам дека овој случај битно ќе влијае врз таа слика, но ќе биде предмет на интересирање на медиумите и во Унгарија и надвор од неа, изјави Вајгл.
Тој смета дека бегството на поранешниот премиер не би требало “непосредно“ да влијае врз евроатлантскиот пат на Македонија.
– На други места се одлучува за тоа, пред сѐ во собранието со активниот однос кон договорот со Грција, и за тоа одлучуваат на индивидуално ниво и пратениците во собрание кои мораат да знаат дека во прашање е иднината на нивната земја и дека не е време за тактички приоритети.
Известувачот за Македонија изрази надеж дека новонастаната ситуација нема да влијае врз атмосферата во земјата и евроатланските приоритети.
– Се надевам дека во духот на правото и правилата на ЕУ ќе настапи и унгарската влада и органи, рече Вајгл.