Во интерес е и на Бугарија и на Македонија да најдат решение за прашањата кои предизвикуваат недоразбирања. Ова е моментот за да се постигне договор, кажа еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи на денешната заедничка прес- конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје, додавајќи дека ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред, без да се разјаснат.
– Гледам посветеност од страна на Заев и на Бојко Борисов и се надевам дека ќе успеат да изнајдат решение. Ќе направиме се што можеме, доколку и ние можеме да помогнеме. Да се изнајде решение не е невозможно – истакна Вархеи.
Вархеји рече моментно се работи на одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и со Албанија.
– Се надеваме дека ќе можеме да продолжиме според планот и дека во рамки на германското претседателство ќе можеме да ја одржиме првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија. На тоа работиме во моментов. Постојат и други прашања кои мораме да ги опфатиме – изјави еврокомесарот за проширување, додавајќи дека извештајот на ЕК е потврда оти сите услови за одржување на меѓувладината конференција се исполнети и сега претстои да се донесе одлуката за усвојување на рамката за проширување.
Еврокомесарот Вархеи кој е во еднодневна посета на Македонија, денеска ќе се обрати пред пратениците во Собранието, ќе има работен ручек со претседателот Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.
Заев: Ќе ги имплементираме препораките на Европската комисија
Земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементација на веќе донесените закони и постоечки механизми. Ќе ги искористиме укажувањата на Европската комисија за проверка на нашите акциски планови и стратегии од првиот кластер од поглавјето за преговори, порача денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во Скопје, додавајќи дека во извештајот е нотирано оти Македонија во многу области постигнала високо ниво на усогласеност со европското законодавство и оти се препорачува имплементација и испорака на уште подобри резултати.