Можно ли е Брисел да понуди формула за решавање на македонско-бугарскиот спор? Во пресрет на зимската сесија на Европскиот совет, која се одржа вчера и завчера (16 и 17 ноември) во Брисел, во Скопје повторно зовриваше атмосферата во круговите што се занимаваат со надворешната политика и со европската интеграција. Температурата дополнително ја подгреа петтата најава на премиерот Зоран Заев за „сигурно добивање датум“
Деновиве низ политичките кулоари на главниот град на државава кружи вест дека „Брисел ќе понуди решение за надминување на бугарското вето, кое Македонија ќе биде обврзана да го прифати“. Таквата вест, рака на срце, малку наликуваше на познатата реплика на мафијашкиот шеф дон Вито Корлеоне од култниот филм „Кум 1“ дека „ќе му предложам понуда што не се одбива“. Но досегашната практика покажа една ноторна вистина, а тоа е дека Брисел не може да дојде со неутрален предлог, ниту, пак, Европската Унија може да биде независен арбитер на некоја идна македонско-бугарска медијација!
ЕУ не може да биде неутрален арбитер, медијатор или набљудувач во спор помеѓу една нејзина земја-членка и некоја трета држава
Централната улога на секоја дипломатија во една држава е да биде строг чувар на државната памет (меморија). И македонската дипломатија, пред сè, ја има улогата да го чува сеќавањето на клучните историски премрежиња на македонскиот народ и да му нуди решенија за иднината врз основа на овие стекнати искуства, често и премногу болни искуства, прескапо платени. Доколку нешто требаше да научиме од триесетгодишниот македонско-грчки меѓудржавен спор е тоа дека Европската Унија едноставно не може да биде неутрален арбитер, медијатор или набљудувач во спор помеѓу една нејзина земја-членка и некоја трета држава, па макар таа била и кандидат за членство на прагот на отворање на преговорите. Самото институционално устројство на Унијата ѝ ја оневозможува таа ролја и сите институции на ЕУ ги претвора во алатка, механизам или орудие за проектирање на националниот интерес на засегнатата земја-членка.
Зошто е тоа така? И покрај добрите и благородни познати цели и вредности на Унијата, како „единство на разликите“, „сеевропско обединување“, „сè потесна унија“, демократија, човекови права, мултикултурализам и така натаму, ЕУ сè уште во самата своја основа е исклучиво заедничкиот европски пазар. Ова е едно огромно постигнување на повоената европска политика, изградено врз основа на лекциите од крвавата европска историја. Европската Унија не е изградена од безумници што сакале да ги надминат европските проблеми со игнорирање на историјата и безглаво гледање напред, туку од сериозни политички водачи, со длабоко познавање на најопасните текови на сопствената национална и европска историја, но и со јасна визија дека е потребно да се надминат историските конфликти со заемна економска соработка и со подобро запознавање помеѓу европските нации и нивните граѓани, преку зголемената мобилност и размена во секоја сфера од живеењето. Моќни цели што се далеку од реализирани, но за кои вреди да се работи, да се бори и да се копнее.
Исклучиво во тој домен, заедничкиот европски пазар и европските институции имаат изворна надлежност и дејствуваат независно од институциите на државите-членки (иако дури и тука европските институции, пред сè Европската комисија и Европската централна банка, мора да се потпрат на националните институции на државите-членки за примена на донесените европски одлуки).
Меѓутоа, нештата се далеку поразлични во делот на надворешната и безбедносната политика на Европската Унија. Во овој таканаречен „втор столб“ на Европската Унија сите одлуки се носат со едногласност, односно „со постигнат консензус“, како што се нарекува во ЕУ-говорот (жаргонот на европските службеници, како и на новинарите, истражувачите и аналитичарите што ја следат нивната работа). Тоа значи дека секоја одлука на Европската Унија мора да добие јасна и недвосмислена согласност од секоја од 27-те земји членки.
Притоа, Европската служба за надворешно дејствување (European External Action Service – EEAS) е нервниот центар на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и таа е своевидна европска дипломатија во зародок, со мрежа од делегации на ЕУ, која станува една од најгустите глобални филијали. Политички, со ЕСДП раководи високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, позиција што актуелно ја зазема шпанскиот политичар Жосеп Борел, додека, пак, шеф на стручната дипломатска пирамида е италијанскиот дипломат Стефано Санино, добро познат по неговите некогашни активности на Балканот. ЕСДП станува моќно тело и тука се раѓа и се развива и најосетливата област на сеевропското координирање, во делот на воените, полициските и разузнавачките активности. За квалитетот на работењето на европската дипломатија говори и фактот дека неколку недели пред фамозниот 27 април 2017 година, Македонија беше ставена на листата на кризни подрачја што дневно мора да се следат во кризниот центар на ЕСДП, со мошне длабоки дневни извештаи за политичките собитија во Скопје и темелна анализа на целиот наш домашен печат.
Зошто и покрај неспорната експертиза, ЕСДП не може и не смее да биде арбитер во македонско-бугарскиот спор
Токму заради потребата од едногласност, буквално секој проток на документи во ЕСДП, од моментот кога ќе биде смислен некој предлог, иницијатива или стратегија, па сè до самото нивно усвојување, во секој дел од неговата институционална врвица мора да помине низ рацете на дипломатите на земјите–членки на Унијата и да добие формално одобрување од секоја земја–членка. Исто така и извештајот од секоја активност на европската дипломатија на која било точка на Земјината топка, во истиот момент кога се доставува до централата во Брисел, се доставува и во сите министерства за надворешни работи на земјите–членки на Унијата, „на увид и натамошна надлежност“ како што тоа се нарекуваше во времето на социјализмот во Македонија. Оттука, секоја иницијатива, предлог или стратегија на европската дипломатија, кога една земја–членка е засегната, автоматски го носи печатот на националната дипломатска служба на таа земја–членка. Па, секоја предлог што би дошол во Скопје од Брисел, од европската дипломатија, нема да биде ништо друго освен бугарско кукавичино јајце, обвиткано во целофан со европско знаменце. Ова посебно важи за Балканот и за нашите балкански проблеми. Од гледна точка на големите европски земји и на нивните дипломатии, со балканските прашања не сака никој да се занимава затоа што ќе се заплетка, а потоа и ќе се избербати по нашите балкански беспаќа. Клучните земји од Западна Европа се индиферентни кон Балканот и кон балканските проблеми, како што веројатно и ние би биле индиферентни кон проблемите на Блискиот Исток, во Магреб, на Кавказот и во Централна Азија по нашето евентуално членство во Унијата. Тоа им даде одврзани раце на Грците да дивеат цели триесет и кусур години и да ги инструментализираат Унијата и европските институции за реализација на своите чудовишни националистички цели кон Македонија. Истиот филм, со истото сценарио, но само со променет главен актер, Бугарија, сега ни се одвива повторно пред очите и навистина би било трагично повторно да заврши со неславен крај за Македонија. Доколку треба да се извлече една поука од македонско–грчкиот спор, тоа би било дека Брисел не е сојузник на земјата–кандидат туку е само еден од инструментите за притисок на земјата–членка, посебно во вакви услови кога не постои никаква политичка волја за прием на земји–членки во ЕУ во скоро време, но и со новата француска методологија на процесот за преговори, која овозможува во секој момент да се поништи секој напредок и затворени поглавја, па земјата да се врати на самиот почеток на преговарачкиот процес.
Признавање со целосно почитување на посебноста на двата народа, нивните јазици и култури
Кое е тогаш решението за македонско–бугарскиот спор? И покрај сите наши сличности, Македонците и Бугарите му припаѓаат на истиот јужнословенски етнос распослан од Виена до Атина и од Драч до Истанбул, сепак современата македонска нација и современата бугарска нација не се познаваат. Нам ни е потребно да отвориме сеопфатен билатерален процес на заемно запознавање во сите сфери на живеењето, од студентските и академските размени, преку соработката во бизнисот, до културата, образованието и науката. Се разбира, дури и дипломатијата, војската, полицијата, разузнавањето, судството и обвинителството на двете земји треба да отпочнат со редовни билатерални средби, без посредници, без рокови, без испланирани агенди и без задни намери или притисоци. Мора да се запознаеме за да се разбереме, со цел потоа заеднички да се придвижиме напред, но со целосно почитување на посебноста на двата народа, нивните јазици и култури, како и со целосно почитување на суверенитетот на двете држави! Затоа охрабруваат изјавите на Кирил Петков, веројатно идниот бугарски премиер, доколку и тој го замислува македонско-бугарско приближување вака.
Македонската европска интеграција доволно настрада во очите на македонските граѓани со нејзината триесетгодишна злоупотреба од Грците и со нејзината тригодишна злоупотреба од Бугарите, за да добие уште еден сериозен удар со некакво бугарско кукавичино јајце, обвиткано во европски целофан. Време е уривањето на довербата на Македонците во Европската Унија да сопре, но за тоа е потребно прво македонската држава да си го врати изгубениот суверенитет и македонската држава да се врати на врвицата на демократизацијата.