Македонија како држава во ниеден случај не искажа територијални претензии кон Бугарија, ниту, пак, преземаше, поттикнуваше или поддржуваше дејства од непријателски карактер кон Бугарија. Мора да потсетиме дека македонската страна во ниту еден момент не го отвори прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Кооперативноста на македонската страна може да се согледа и во работата на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Повеќе од очигледно досега е дека Македонија како држава во голема мера го почитуваше договорот за пријателство и беше кооперативна страна, меѓутоа не може да се каже тоа и за бугарската држава. Во текот на изминатите години, Бугарија постојано го нарушуваше добрососедството и повеќепати тешко го кршеше меѓународното право, пред очите на целата меѓународна заедница…
Пет плус еден – анекс кон договор или, пак, сосема нов договор со Бугарија
Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, потпишан на 1 август 2017 година, многумина веруваа дека започнува нова ера во односите помеѓу македонската и бугарската држава.
Македонските оптимисти не беа без основа, бидејќи со договорот се предвидуваше дека бугарската страна ќе го сподели своето искуство, со цел безрезервно да ѝ помогне на Република Македонија да ги исполни неопходните критериуми за членство во Европската Унија. Со договорот се предвидуваше формирање заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, која треба да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани. Исто така, со договорот беше предвидено дека ќе се организираат со заемна согласност чествувања на историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности.
Македонската страна исполнуваше сѐ, бугарската страна не даде ниту
минимум поддршка
Од денешна перспектива може да се каже дека двете страни што депонираа потпис имаа големи очекувања. Нашата страна се надеваше на бугарската поддршка за започнување на преговорите со Европската Унија, а Бугарија веруваше дека со договорот конечно ќе си го реши во своја полза македонското прашање, кое повеќе од еден век има централно значење во бугарската надворешна политика.
Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, Македонија реално не можеше да се посвети на одредени прашања што беа предвидени со договорот, како што се движење на стоките, услугите и капиталот, вклучувајќи и проширување на транспортните врски и комуникации, како и регионалните инфраструктурни проекти помеѓу двете држави, поради случувањата во македонската економија. Но рака на срце, голем број од другите прашања беа почитувани од македонската страна. Македонија како држава во ниеден случај не искажа територијални претензии кон Бугарија, ниту, пак, преземаше, поттикнуваше или поддржуваше дејства од непријателски карактер кон Бугарија.
Мора да потсетиме дека македонската страна во ниту еден момент не го отвори прашањето за македонското малцинство во Бугарија. Кооперативноста на македонската страна може да се согледа и во работата на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања. Имено, двете страни, во духот на европските вредности, се согласија на своите влади да им препорачаат заедничко чествување на Григор Прличев како значајна личност за македонската и бугарската култура. Ова беше потврдено на заедничката прес-конференција на Драги Ѓоргиев и на Ангел Димитров. Но набргу потоа бугарските членови во комисијата ретерираа од согласноста за чествување на Прличев. Остана мистерија зошто се случи ова, но се појавија одредени информации, според кои, проблемот е во терминот македонска култура.
Јавна демонстрација на сеопфатни претензии на Бугарија кон Македонија
Очигледно е дека Македонија како држава во голема мера го почитуваше договорот за пријателство и беше кооперативна страна, меѓутоа не може да се каже тоа и за бугарската држава. Во текот на изминатите години, Бугарија постојано го нарушуваше добрососедството. Во споменатиот договор за пријателство, меѓу другото се вели дека ниту една од договорните страни нема да презема, поттикнува и поддржува дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, или дека двете договорни страни немаат и нема да пројавуваат територијални претензии една спрема друга.
Ова неколкупати беше грубо прекршено од бугарската страна. Милен Михов, заменик-претседател на ВМРО-БНД, во својот говор пред бугарските пратеници истакна дека: „Земјите за кои Бугарија војува, Добруџа и Македонија, се населени со над 1.400 000 души и остануваат повторно во границите на Романија, Југославија и Грција. Од старите земји од царството се откинати… целите реони Царибродско, Босилеградско и Струмичко… 25 бугарски села се поделени на половина… Западна Тракија со 250.000 Бугари ѝ е предадена на Грција… Бугарија се третира како несуверена држава…“.
Во овој дух е и последната изјава на Ангел Димитров, копретседателот на мешаната комисија за историски прашања, кој истакна дека: „Сѐ што се случило на територијата на денешна РСМ е последица на дејствувањето на бугарската држава.“
Експертска комисија за историски прашања, за бугарската страна била џокерот во игра?
Доколку внимателно се анализираат изјавите и однесувањата на бугарската политичка елита, очигледно е дека таа се надевала дека македонската држава ќе го прифати бугарското видување на историјата. Всушност, бугарските политички и општествени фактори своето внимание целосно го насочија кон работењето на експертска комисија за историски прашања. Кога комисијата не ги прифати бугарските видувања за историјата, бидејќи македонските членови работеа врз основа на научно толкување на историските настани, Бугарија ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија.
Бугарското вето наиде на жестоки критики во Европската Унија, бидејќи европските политичари не можеа и не можат да ги разберат обидите на Бугарија за менување на историјата. Бидејќи Бугарија нема аргументи за ветото, постепено се појави предлогот за пет плус еден, кој може да се толкува како нов анекс кон договор или барање за нов договор. Но од што точно се состои новиот предлог, кој се бара да влезе во преговарачката рамка со Европската Унија.
Во една своја изјава, македонскиот премиер Зоран Заев посочи дека шестата точка од протоколот „5+1“, кој го најави претседателот на Бугарија, Румен Радев, на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брдо, е признавање на бугарската национална заедница во македонскиот устав пред земјата да стане членка. Заев исто така додаде дека другите пет точки се веќе познати – дека немаме територијални претензии со името, немешање во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија најмалку пет пати да се состанува во годината, да се осудат актите на комунизмот на тогашното осудување на лицата што имале самоидентификацијата со Бугарите и да се реагира кон говорот на омраза.
Во протоколот 5+1 постојат неколку спорни нешта, но ние би се задржале на едно прашање. Во македонската држава никогаш немало прогони на Бугарите поради нивните национални чувства, со ова бугарската страна сака да прикаже дека по Втората светска војна имало насилна македонизација. Во повоена Македонија тогашните власти ги гонеа сите оние што отстапуваа од официјалната државна политика, треба да се спомене дека бројката на Македонците што се залагаа за обединување на Македонија и одвојување од југословенската федерација беше многу поголема, отколку од оние што се залагаа за обединување на македонската држава со Бугарија.
Бугарија неколкупати го прекрши договорот за пријателство, а повеќе од очигледно е дека ќе продолжи
Доколку внимателно се анализира, можеме да заклучиме дека Бугарија неколкупати го прекрши договорот за пријателство, а бугарското вето беше критикувано во Европската Унија. Исто така не смее да се заборави дека не постојат никакви гаранции дека и новиот договор, односно пет плус еден, ќе биде почитуван од Бугарија. Бугарската страна со договорот за пријателство нема основа за вето, затоа е легитимно прашањето дали со новиот договор, односно 5+1, е подготвена бугарска замка за Македонија.
Со новиот договор, всушност, на Бугарија ѝ се дава можност да ја блокира Македонија бесконечно и да има аргументи. Тој може да послужи како алатка за вечно кочење. Тоа што не го добија во договорот за пријателство ќе го добијат тука со европски амин, зашто сакаат да го вградат во преговарачката рамка. Плус легитимирање на дел од условите во рамковната позиција. Доколку се прифати новиот договор, на Бугарија ќе ѝ се овозможи да го оствари својот вековен сон – бугаризација на Македонија.