Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година ќе остане едно од најважните настани во современоста на нашиот регион, велат од бугарското Министерство за надворешни работи по повод 3 години од потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија.
Во соопштението се наведува дека Бугарија останува цврсто убедена дека европскиот проект нема да биде завршен без пристапување на Македонија.
– Ја поздравуваме одлуката донесена во март годинава за почеток на преговори за членство со Албанија и Република Северна Македонија. За Бугарија, главниот критериум за подготвеност за приближување кон ЕУ останува одржувањето на искрените добрососедски односи, заедно со владеењето на правото и основните права. Ние веруваме во добрососедските односи како основна европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Република Северна Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ – се наведува во соопштението.
Се додава дека со потпишувањето на Договорот Бугарија и Македонија направиле важен чекор за воспоставување на односите меѓу двете држави на нивно соодветно ниво како односи меѓу најблиски соседи и пријатели.
Бугарското МНР нагласува дека еден од најважните апсекти на Договорот е работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во овој контекст, Бугарија очекува Комисијата во најскоро време да ги продолжи своите активности и да оствари вистински напредок во својата работа врз основа на објективно толкување засновано на автентични историски извори засновани врз докази.
– Денес, политичарите од двете страни имаат задача да покажат одговорност и да го потврдат изборот што го направија пред 3 години и, врз основа на нашето заедничко минато, да ја изградиме нашата заедничка европска и евроатлантска иднина – соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.