Бугарија го потврди својот став за европската перспектива на Република Македонија на денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ, за изнаоѓање заемно прифатливи решенија, соопшти попладнево Министерството за надворешни работи во Софија.
Бугарија на состанокот беше претставена од заменик министерот за надворешни работи, Румен Александров. Александров посочил дека Бугарија продолжува со консултациите со Македонија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство.
– Ова вклучува експлицитно откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани заради бугарската самосвест. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за соседство од страна на Република Северна Македонија да биде вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристапување на Скопје во ЕУ – рекол заменик министерот Александров.
Истовремено, тој ги пофали достигнувањата на Албанија во реформскиот процес и ја потврдил поддршката за усвојување на рамката за преговори на Тирана со ЕУ.