Практиката на централната власт за простување на долговите на локалната самоуправа деновиве е под лупа на експертската јавност. Имено, државниот врв оваа недела повторно најави спроведување слични „политики за простување долгови“. Како државниот буџет ќе го поднесе товарот на ваквите издатоци? Колку се издржани политиките да се избришат долговите на општините и на локалните јавни претпријатија? Колку простувањето на централната власт за долговите на општините формира нивна зависност од централната власт? Дали сето тоа, на крајот на краиштата, би паднало како товар на приватните компании и граѓаните?
Практика на простување на долговите на општините од страна на централната власт
Во септември минатата година, 70 од вкупно 80 општини во земјава пријавиле (достасани, неплатени) парични долгови по различни основи, со вкупна сума од над 63 милиони евра. Во истиот контекст, само две години претходно, државата на општините им прости 51 отсто од вкупните долгови, односно им даде 50 милиони евра од буџетот за да ги платат. Ваквата практика на централната власт деновиве е под лупа на експертската јавност. Имено, државниот врв оваа недела повторно најави спроведување слични политики за простување долгови. Во вакви околности, реално се наметнуваат повеќе прашања. Имено, како државниот буџет ќе го поднесе товарот на ваквите издатоци? Колку се издржани политиките за бришење на долговите на општините и на локалните јавни претпријатија? Колку простувањето на централната власт за долговите на општините формира нивна зависност од централната власт? Дали сето на крајот на краиштата би паднало како товар на приватните компании и граѓаните?
Законите за локална самоуправа и територијална поделба направија неодржливи општини
Петар Гошев, поранешен гувернер на Народната банка и бивш министер за финансии, вели дека општините не можат да ги плаќаат своите долгови бидејќи некои од нив се мали, економски зависни од државата, а политички донекаде оправдани за нивното постоење.
– Кога во минатото на времето се формираше бројката од 80 општини во Македонија, јас сметав дека е преголема, бидејќи, според моите процени, таа бројка би требало да се движи меѓу 40 и 50 за да имаат економска исплатливост. Но политичкиот притисок од локалните средини и албанскиот фактор придонесоа да имаме едноставно многу општини, кои некогаш не можат да ги намират трошењата – вели Гошев.
Тој тврди дека е многу очигледно дека многу од нив се раководат морално хазардерски и неодговорно.
– Треба да се знае дека општините што заглавуваат во долгови не се само малите, како на пример Дојран или Гевгелија или слични, туку се и оние големите, кои имаат милионски буџети а како таква можам да ја истакнам Општина Охрид, која има 30 милиони буџет. Имено, локалните власти заглавуваат и поради политички тенденциозни активности. Имено, партиите намерно ги празнат буџетите ако пресметаат дека по изборите на власт во таа општина доаѓа ривалската партија, па градоначалниците што ќе дојдат на својата функција се парализирани во долгови. Дополнително, за да биде поголем кругот на овој проблем, самите општини не ги плаќаат своите обврски кон компаниите, а фирмите не можат да ги наплатат со судски пресуди, бидејќи нашите закони се такви и се дизајнирани општините да не одат под стечај. Сѐ на сѐ, ова е еден магичен круг на долгови во кој најлошо минуваат фирмите, кои може да пропаднат, но и граѓаните, кои на крајот на денот ги плаќаат сметките – вели Гошев.
Тој вели дека вина во оваа состојба имаат и лидерите на партиите, кои не ги следат стратегиите на Министерството за финансии за динамиката на плаќањето на долговите, туку ги кројат проектите на општините на митинг.
– Пред граѓаните ветуваат сѐ и сешто, и тоа што може да се плати и тоа што не може. Па, со овие чекори и самите додаваат масло во огнот на состојбите – вели Гошев.
Тој истакнува дека овој чекор за простување на долговите е можно и да е поврзан со претстојните локални избори годинава, бидејќи на тој начин градоначалниците не плаќајќи ги своите долгови може да сечат ленти, да градат паркови, клупи, улици и слично.
– Системот има свој дефект во овој правец, кој е дел од моралниот хазард на однесување на политичарите и сето тоа земено со ваквите мерки во иднина само ќе создава и ќе стимулира неодговорно однесување на политичарите од локалните власти, дека некој друг ќе им ги плаќа нивните сметки за нивните политики – резимира Гошев.
Константното простување на долговите на општините е проблематично
по повеќе основи
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека и онака буџетот го полнат граѓаните и компаниите со парите што се слеваат во графата приходи, но, благо речено, „неодговорно е и проблематично константно да се простуваат долговите на локалната самоуправа“.
– Со простување на долговите се креираат навика и чуство дека ако не ги платат обврските, тоа ќе го стори некој од државата, повторно и повторно. Ова нема никаква економска логика, туку станува збор за политичка процена. Ако еднаш се прости, добро е и во ред и најверојатно е во склоп на некое поголемо државно дејствување, но ако се повторуваат овие мерки, тогаш се формира зависност на општините од централната власт, а сето е лошо и за буџетот и за оние што го полнат – вели Узунов.
Професорот забележува дека ако се тргнат политичките мотиви, можеби не е лошо некои помали општини што се економски неспособни да не постојат, односно тие во иднина да се припојат на поголеми и економски ликвидни општини.
– На овој начин, оние што сакаат да се градоначалници но не можат да го издржат притисокот на постоењето, економски барем ќе се решат како проблем. Кога неликвидните општини ќе бидат дел на општини поголеми од нив, тогаш најверојатно нема да имаме вакви состојби – вели Узунов.
Тој резимира дека проблемите на локалната власт не се решаваат како оние на монетарната политика и во практика можеби некогаш општините треба да дејствуваат со непопуларни мерки, како зголемување на давачките на граѓаните, за да имаат пари во своите каси за да ги решаваат комуналните проблеми и да не ни се случуваат вакви состојби.