Баиба Браже, помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, се осврна на соработката со Македонија, предизвиците кои ги претставува пандемијата на коронавирус, како и на општата безбедносна ситуација на Западен Балкан, во интервју за „Јуропиан вестерн балканс“.
– Главна задача на НАТО е да продолжи да развива кредибилно и ефективно одвраќање, како и одбраната на нашите земји и население. Ги преземавме сите неопходни мерки за НАТО да остане претпазлив и подготвен да одговори на која било закана, бидејќи тоа е од важност за здравствената криза да не стане безбедносна криза – истакна Браже, додавајќи дека пандемијата на ковид-19 претставува предизвик без преседан и оти НАТО настојува да биде солидарен со сите кои се погодени од кризата.
Пристапувањето на Македонија кон НАТО, според Браже, претставува резултат на долгорочната цврста соработка.
– Пристапувањето на Северна Македонија кон НАТО е резултат на долгорочна цврста и обострано корисна соработка, со одлучност и посветеност на реформите од страна на властите во Северна Македонија, што доведе до зајакнување на бебедноста на државата. Северна Македонија, како суверена држава се придружи кон силниот сојуз, со столче на нашиот стол и еднаков глас во обликувањето и носењето на нашите одлуки. Северна Македонија, продолжува како полноправна членка, значително да придонесува на кооперативните и безбедносни напори на многуте разни боишта. Северна Македонија од безбедносен консумент стана давател на безбедност за помалку од 20 години. Ова е најважното постигнување и за Северна Македонија и за Алијансата – заклучува Браже.