На минатите претседателски избори во САД, противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон, ги обвини македонските т.н. велешки сајтови „за лажни вести и за изборниот пораз“. И во пресрет на овие избори има индикатори дека вакви сајтови ќе бидат исклучително активни. Токму овој профил на сајтови се дел од еден комплексен мозаик, кој се нарекува сајбер-војување. Ова интернет-војување, според познавачите, го наметнуваат како практика одредени центри на моќ бидејќи „преку него лесно ги сервираат своите политики без притоа да потрошат значајни ресурси“…
Во пресрет на претседателските избори во САД повторно актуелни „велешките хакери“
Како што се финализира трката за претседател на САД, така во домашната јавност се актуализира темата што е активна повеќе години, а се поврзува со веќе познатите т.н. велешки сајтови. Имено, за тие сајтови, кои првпат се појавија во изборната кампања во Америка 2016 година, постоеше основан сомнеж дека тие копираат содржини од други американски сајтови, лиферуваат лажни вести, а целта им е финансиска корист.
Ваквото нивно дејствување беше разоткриено од страна на организацијата „Партнерство за изборен интегритет“, која информира дека дел од сајтовите што инкриминирано работеле потекнуваат од македонскиот град Велес.
Според „Партнерство за изборен интегритет“, сајтовите за своите нелегални активности сега ја користат социјалната мрежа Парлер, која важи за десничарско ориентирана платформа и која во САД има стотици илјади корисници за да добиваат значителен сообраќај на нивните интернет-страници.
За потсетување, на претходните избори, противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон, ги обвини токму велешките сајтови за лажни вести за изборниот пораз. Таа алудираше дека зад сајтовите стои Русија. Специјалниот обвинител Роберт Мулер ги истражуваше руското влијание и мешање во изборите во 2016 година, а лани и објави извештај за неговите сознанија во кои не успеа да најде докази за странско влијание во тамошните избори.
Поаѓајќи од искуствата од претходните претседателски избори во САД, кога на големо се пишуваше и анализираше појавата на илјадници сајтови што зазедоа страна и наводно помогнаа при изборот на претседател, постојат индиции дека и овој пат се подготвува и очекува слична стратегија.
Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи во својот осврт на актуелните случувања вели дека т.н. велешки сајтови веќе неколку години егзистираат во Македонија односно две претседателски кампањи во САД, бидејќи првенствено тие се многу доходни за оние што ги поседуваат.
– Иако никогаш јавно од институциите не беа соопштени подетални информации за овој проблематичен „бизнис“ на интернет, не е тешко да се претпостави дека заработувачката од овие сајтови се мери во илјадници долари за оние што раководат со нив и ги поседуваат – вели Трајкоски.
Тој вели дека состојбите со овие случувања не се наивни и тие се многу покомплексни отколку што навидум изгледаат за јавноста.
– Овие сајтови од кои некои публикуваат само лажни вести за политичките случувања во САД, а некои пак публикуваат вистинити, но крајно десноориентирани политички содржини, егзистираат во т.н. медиумски етер бидејќи се хостирани од лица што имаат точна, прецизна агенда и цели. Тоа го велам бидејќи сум сретнал информации што посочуваат дека лица што ги поседуваат сајтовите се и политички поддржувачи на десните политички партии во САД преточени во дејствувањето на Доналд Трамп, па оттука тие со своите интернет-изданија свесно потпомогнуваат американскиот претседател да ја бие битката во Америка – вели Трајкоски.
Тој објаснува дека нашите институции и органи со сигурност го следат овој проблем што живее во т.н. сива зона на интернетот, која сѐ уште не е законски комплетно регулирана.
– Компаниите што управуваат со социјалните мрежи во споредба со минатите избори го намалија доменот на велешките сајтови во САД, но факт е дека не ги исклучија од бизнисот – вели Трајкоски.
Познавачот на случувањата истакнува дека овој профил на медиуми, кои индиректно се поврзуваат со политичките настани во САД, не егзистираат само во Македонија туку ги има насекаде во светот, особено во Русија.
– Каков е мотивот зад формирањето на овие сајтови сѐ уште не е законски апсолвирано, но теории на заговор има многу. Она што е важно да се знае е дека теориите на заговор се само можен мотив што треба да се утврди од институциите што ги следат настаните, односно теории за велешките „ботови“ ќе има во јавноста до оној момент додека не интервенира државата и не ги разоткрие – вели тој.
Според него, во овие настани е битен уште еден агол на анализа за тој феномен.
– Она што е битно да се знае во моментот е дека овој профил на сајтови се дел од еден комплексен мозаик, кој се нарекува сајбер-војување. Ова интернет-војување го наметнуваат како практика одредени држави и центри на моќ бидејќи преку него во новото време лесно ги сервираат своите политики и желби врз други држави без притоа да испукаат ниту еден куршум – резимира Трајкоски.
Во своја изјава на темава, специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, вели дека лажните вести и дезинформациите постојат отсекогаш, но со интернетот и социјалните медиуми информацијата патува низ целиот свет за неколку секунди.
Според него, актуелните настани се голема предност, но и ризик, доколку не се интервенира веднаш може да создадат забуна и да влијаат врз одредени процеси.
Кордалов подвлекува дека социјалните мрежи од 2016, па досега преземаат многу поголеми мерки за спречување на ширењето на лажните вести.