Турканици и метежи пред ординациите, незадоволни, презакажани или вратени пациенти, доктори што за преглед трошат само 10 секунди додека 30 минути трошат на пополнување формулари, извештаи и друга документација. Како да се смени ова, во интерес и на лекарите и на пациентите. Или што би рекол Нил Армстронг, еден таков системски зафат би бил мал чекор за надлежните, но голем чекор за јавното здравство и пациентите
ИСТРАЖУВАЊЕ: НАШИОТ ВЕСНИК ВО ЧЕКАЛНИЦА ЗАЕДНО СО ПАЦИЕНТИТЕ
И покрај пандемијата на ковид-19 и препораките на здравствените работници да се избегнуваат групирања, во која било клиника да се отиде ќе се забележат редици и метежи од повеќе десетици граѓани стуткани еден до друг за кој побрзо да влезе или да фати ред за на шалтер. Екипа на нашиот весник деновиве посети повеќе здравствени установи и секаде регистриравме големи метежи и турканици. Таква беше состојбата на клиниката „8 Септември“, во Државната болница на Институтот за трансфузиона медицина, на Клиниката за кожно-венерични болести, на Очната клиника итн. На некои од пациентите токму поради големите метежи им се презакажува терминот за преглед за друг ден и се враќаат назад. Но и при повторно доаѓање на новозакажаниот термин, пак се соочуваат со иста ситуација, во преполна чекалница и куп пациенти закажани сите во ист термин.
– Имав приоритетен упат од матичен лекар за закажан преглед на Клиниката за трансфузиологија на 6 февруари. Беше невиден метеж и ми одложија за 11 февруари, исто така во 8.30 часот. Кога отидов на вториов термин, повторно беше како на митинг, луѓето се расправаа меѓусебно кој прв да влезе бидејќи на повеќето на упатите им пишуваше 8.30. Дојде до таква турканица, па и караница што сестрата мораше да повика и обезбедување, што е навистина непријатна случка за болни лица што поради мака дошле на лекар – вели пензионерот Стојан Доневски.
Некои од пациентите реагираат и на времето што се губи во бирократски и административни процедури наместо ефективно да се користи за поквалитетна дијагноза и преглед.
– Целиот преглед траеше 10 секунди, додека потоа, средувањето на документацијата, пополнувањето формулари, пишувањето на компјутер на докторот му одземаат повеќе од 20 минути. Ај што чекав надвор се изначекав и во ординацијата, затоа што примариусот напиша цела лектира, повеќе имаше административна работа отколку што потроши време за преглед. Зарем истото тоа не може да го работи помошен персонал, практиканти да ги завршуваат тие административни и бирократски процедури. За тоа време докторот можеше да прегледа барем најмалку уште тројца пациенти. Кога заврши дури и самиот доктор ми се пожали со зборовите, еве, во што се претворивме во дактилографи – вели нашиот соговорник.
За ваквите состојби побаравме објаснување од првите луѓе во Институтот за трансфузиона медицина. Оттаму образложија дека директивите за сета таа бирократија доаѓаат од Министерството за здравство и дека всушност тие се скроени заедно со претставниците од Владата.
– Постојано и секогаш се обидуваме да им излеземе во пресрет на сите пациенти. Но бидејќи матичните лекари имаат право да пишуваат и пишуваат приоритетни упати за своите пациенти, па тие сметајќи дека рано наутро треба да дојдат и да завршат работа се судираат со оние што имаат веќе закажан термин. Докторите првин ги прегледуваат закажаните пациенти, а потоа и оние со приоритетни упати и никој не е вратен. Бидејќи сѐ се сведува на електронска комуникација, докторите мораат сѐ да запишат, а под запишаното стои нивен потпис и никој друг не може наместо нив да го напише тоа. Таков е системот во здравството што е предвиден од Министерството за здравство, кое ако донесе нови правила ние ќе ги применуваме – објаснува м-р Венко Стомнароски, организациски директор во Институтот за јавно здравје.
Прашавме една од медицинските сестри на шалтерите дали секој ден има вакви метежи и како се снаоѓаат со овој хаос, а таа само кратко рече дека мораат да се снаоѓаат бидејќи многумина се на боледување и немаат доволно персонал, а сите пациенти што доаѓаат имаат упат или имаат закажан термин.
Граѓаните, пак, мислат дека токму ваквите состојби, долги и неизвесни административни и бирократски процедури, го доразболуваат и јавното здравство, но и пациентите. Има ли надеж и има ли најави сево ова да се промени побаравме одговор и од Министерството за здравство. Дали можеби се размислува докторите да бидат ослободени од многубројните администрирања и да се остават да си ја вршат својата докторска работа.
– Секоја јавно-здравствена установа, како посебен правен субјект има право да склучува договори и да вработува лица или да ангажира помошен персонал во согласност со потребите на установата, доколку воочи потреба за истото тоа. Инаку системот „Мој термин“ функционира непречено со закажување термини како спрема сите установи така и спрема Институтот за трансфузиона медицина. Сите термини за закажување се креирани со поголема временска рамка на закажување за да се избегнат метежите во чекалниците и како дополнителна заштита од вирусот – информираа од ресорното министерство.
Но кога е во прашање заштитата од вирусот, повторно некои ситуации во нашето јавно здравство се контрадикторни. Имено, на двајца сопружници што од својот матичен лекар биле известени дека им стигнале резултатите од нивното тестирање, кое покажало дека се позитивни на коронавирусот, им било кажано да дојдат на шалтерот во поликлиниката и да си го подигнат упатот за ковид-центарот во градската болница „8 Септември“ за да ги направат потребните испитувања.
– Прво се прашавме како нѐ повикуваат кога сме веќе заразени, двајцата бевме малаксани и со првите симптоми на ковид-19, треска и температура што беше присутна особено навечер. Зарем тој упат не е електронски креиран и не може ли само да се испрати електронски таму каде што сме упатени. Зошто некој мораше да го земе во испечатена форма на хартија. Потоа никој не ни кажа дека во ковид-центарот треба да одиме во одреден час. Кога стигнавме таму требаше да ни направат лабораторија, да ни измерат Д димери и сетурација и рендген на белите дробови. Немаше други пациенти, немаше никаков метеж, но никој не нѐ повикуваше, па му се обративме на едно медицинско лице облечено со скафандер. Ни го зеде упатот од раце и откако го прочита ни рече: „Вратете се дома ќе дојдете во 14 часот, за тогаш имате закажано, не знам зошто не сте прочитале, зарем не ви кажа матичниот лекар“.
Се вративме зашто никој не сакаше да нѐ прими надвор од терминот и повторно дојдовме на запишаната саатница, иако едвај стоевме на нозе – велат двајцата сопружници Стаматовски.
Граѓаните имаат разбирање за сите тешкотии со кои се соочуваат здравствените работници, како и за нивната огромна пожртвуваност во ова време на пандемија, но токму и во интерес на докторите и здравствените работници и, секако, во функција на заложбите за подобро здравство, поквалитетна и побрза услуга за пациентите мора да се наоѓаат начини да се отклонуваат и минимизираат сите административни и бирократски пречки што се испречуваат на патот. Зашто само задоволни и растоварени лекари што нема да работат под стрес и притисок може да понудат и поквалитетна услуга, со што ќе се намалат и турканиците и метежите пред ординациите. Ако системот се преоптовари, значи е потребно негово рестартирање или реорганизација, или можеби подобра внатрешна организација и координација. Или што би рекол Нил Армстронг, еден таков системски зафат би бил мал чекор за надлежните, но голем чекор за јавното здравство и пациентите.