Тајната книга на богомилите од островот Св. Петар (4)
Патот на богомилите и нивната „Тајна книга“ почнал од островот Св. Петар, или Голем Град, во Преспа, Богомила, Бабуна – Македонија; Требиње, Мостар – Босна и Херцеговина; Имотски, Сплит, Крк – Хрватска; Сан Лазаро, Конкорецо, Милано – Италија; и Монсегир, Каркасон – Франција. Каркасон е град во областа Ландок, на југот на Франција. Тука се наоѓа сега музеј на инквизицијата, каде што има препис од „Тајната книга“. Истражувањето во Ватикан во 1978 година, Плевнеш го преточи во филм во 2002 година, а потоа со коавторката Маја Јакимовска Тошиќ, книжевна историчарка, во книгата „Романот за Тајната книга“, објавена во Париз, во 2011 година. За тоа како живееле и со што се судирале богомилите ќе посведочат неколку одломки од романот на Плевнеш:
„На 11 април 1096 година, токму на зајдисонце, во селото Коњско, на брегот на Преспанско Езеро пристигна Павле Бигорски, младич на 27 години, речиси по два месеци пат, првин преку Сицилија до Солун со брод, а потоа од Солун до Преспа – пеш“.
„Павле Бигорски, кој беше крстен во црквата посветена на Св. Апостол Петар и Павле, на островот Голем Град, на Преспанско Езеро, и знаеше да пишува глаголица, петнаесет години ги немаше видено мајка си и татко си, и двајцата бескрајно тажни создатели негови, кои останаа неутешни, кога него го зеде еден од крстоносците на Роберт Гискард, взори, од нивната плевна, каде што спиеше заедно со јагнињата и, заедно со стотици заробеници, замина од Солун за Сицилија, во 1080 година“.
„Денес, на 12 април лето Господово 1096, токму на зајдисонце, се осудува Павле Бигорски, роден на овој остров, зашто ја раскажа ‘Тајната книга’ и го расеа злото семе и се посомнева во божјата љубов наспроти сатаната. Се осудува со сечење на јазикот! Казната да се изврши веднаш!“
„Монахот крстоносец, кој го држеше ракописот на ‘Тајната книга’ на глаголица и на латински со своите крвави раце, го остави на земја пред да си ги измие рацете и лицето во езерото, погледна кон небото и од металниот џеб на својот панцир извади парче пергамент, на кој беа напишани само две букви, во кои завршија светот и животот на Павле Бигорски: ТН.“
„Монахот крстоносец замина од Преспа со крстоносните војски во правец на Ерусалим, преку Константинопол, користејќи го Дијагоналниот пат за Сердика преку Скопје/Скупи, град на бреговите на Вардар, река што под името Аксиј се споменува во Илијадата на Хомер.“
„Се појавија пред куќата жената и двете ќерки на Мислен Радомир. Жената се викаше Деница, а ќерките Галена и Преспана. Во дворот пред куќата на Радомир, Павле Бигорски напиша со клинот што го носеше во дрвениот куфер: ‘Јас сум Павле Бигорски од Голем Град, од Преспа, од Македонија. Дојден сум да си го земам надгробниот споменик што татко ми Јован Бигорски го порача пред седум години, со меч и штит, со сонце и месечина и со едно јаболко на врвот на мечот! Моите сите беа убиени од крстоносците пролетта, само јас преживеав и дојдов да ви кажам!“
Кога го прочита тоа, Мислен Радомир му ги зеде двете раце на Павле Бигорски. Првин нив ги бакнуваше, па потоа му го бакна челото и го зеде за десната рака и провикна: „Деницо, Галено, Преспано, излегувајте, дојде Свет Човек од нашата фамилија, од Преспа во Македонија!“
„Ти ли си Павле Бигорски што ти го пресекоа јазикот? Павле Бигорски кимна со главата. Ти се Павле Бигорски, а јас сум ТН – Tаncrade de Hautville. Но не тој што ти го пресече јазикот. Јас сум му татко. Тој е мој син. Сите мои синови се викаа Танкред де Отвил (Tаncrade de Hautville), дури и мојот зет. Имав четири сина, сите беа заклани во освојувањето на Ерусалим. Ерусалим беше освоен на 15 јули 1099 година. Никој од нив не знаеше дека ќе бидат погубени сите во истиот ден, инаку немаше да им дозволам на сите во исто време да влезат во Саломонскиот храм.“
„Речи му дека во библиотеката во базиликата на Светиот гроб ќе се чува засекогаш ракописот што го донесе Танкред де Отвил (Tаncrade de Hautville), ако не го донесеше од Ерусалим, од каде ќе дознаеше Ерусалим дека тој воопшто постои! И кажи му дека во библиотеката има уште едно изборно евангелие (апракос), донесено од Преспа и Охрид, тие се Ерусалим за Европа, треба да го дознаете тоа еднаш засекогаш! И таму се спомнуваат Кирил Филозоф и брат му Методиј, како и Климент Охридски, меѓу најучените луѓе на Европа, кои ја формираа Школата на хуманизмот. Тие дејствуваа во периодот 840 и 920 година“.
„Споменете го Карло Велики, таткото на Европа, и споменете ме мене, кога со младичот од Македонија ќе пиете вино во Каркасон (Carcassone) за душа на твоите четири сина, кои го носеа твоето име, драг Танкред де Отвил (Tаncrade de Hautville).“
Тогаш Павле Бигорски го извади парчето пергамент со буквите ТН и почна самиот да ги подава рацете кон Ерусалим и како да сакаше да викне, но не можеше да викне: Танкред, Танкред, Танкред, Танкред… Тој зеде мало стапче и му напиша на земјата: „И јас сега сакам да заминеме за Ерусалим за да им се извинам на твоите синови што напишав книга за која тие помислија дека е еретичка, а таа беше пишувана од љубов, љубов, љубов, љубов кон човекот и светот, љубовта е најголемата божја книга, најголемата тајна книга, тајна книга за секое човечко срце.“
Танкред де Отвил (Tаncrade de Hautville), стариот крстоносец, го зеде за рака Павле Бигорски, кој пеш ја помина цела Европа и му рече: „Еве го пред нас Небескиот Ерусалим, кој се вика Каркасон (Carcassone), затоа што Ерусалим може да се вика секое место каде што Бог го гради храмот на љубовта за сите луѓе, независно од која вера, што веруваат во неа. И му ги кажа последните зборови од тајната книга: „Тогаш Синовите Божји и Ќерките Божји ќе седнат десно од Отецот и ќе им заповеда на своите ангели и на праведните луѓе како луѓе ангелски. Па, ќе ги облече во нераскинливи одежди и ќе им стави несвенливи венци… Бог ќе ги избрише сите солзи од очите и Синот Божји ќе царува со својот Отец за век и веков!“
Приказната за богомилите е милениумска и незавршена. Богомилското движење тајно вонвременско. Секогаш ќе биде предизвик за нови сознанија и знаења. Преспа и Охрид вечни светилишта дваесет века на Македонија.
(крај)