Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија, кој редовно ги анализира настаните на Балканот, направи анализа и на актуелните настани во Бугарија, непосредно пред самитот во рамките на Берлинскиот процес. Доминантниот впечаток на аналитичарите што работеле на анализата е дека Софија ги користи инструментите и процесите на ЕУ за „бугарско ’сертифицирање’ на идентитетот на Македонците и на македонскиот јазик“
Предизвиците што ги поставува справувањето со коронавирусот создаваат дополнителна неизвесност за спроведувањето и одржувањето речиси на сите глобални, регионални, па и локални политички процеси. Така, до последен миг беше неизвесно дали и самитот за Берлинскиот процес за Западен Балкан, денеска, на 10 ноември, кој заеднички го организираат Бугарија и Македонија, ќе се одржува онлајн или со физичко присуство на лидерите во Софија. Во текот на вчерашниот ден, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и бугарската шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, во рамките на копретседавањето за процесот, веќе одржаа состанок на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес за Западен Балкан. Оваа министерска онлајн средба всушност беше најава за денешниот состанок на врвот на процесот, на која ќе бидат презентирани Акцискиот план за воспоставување заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан, која беше подготвена под раководство на Европската комисија и Советот за регионална соработка. Меѓу приоритетните теми на овој состанок е да се разгледаат можностите и предизвиците пред Берлинскиот процес за Западен Балкан, во контекст на мерките за изградба на доверба, како и подобрувањето несомнено на регионалната соработка, вклучувајќи подобра релација помеѓу луѓето и инфраструктурата.
Примарна цел на разговорите меѓу министрите беше темата врзана за младите и граѓанското општество во Западен Балкан, но и мерките за градење доверба и подобрување на соработката преку мобилноста на луѓето од земјите од Западен Балкан.
Иако Берлинскиот процес е политичко-дипломатска иницијатива, која почна во август 2014 година, како иницијатива за забрзување на процесите за економско и политичко трансформирање и интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, дневниот ред на годинешниот самит од процесот некако како да е во втор план од развојот на настаните во билатералните односи меѓу копретседавачите Македонија и Бугарија. Сосема спротивно на целата идеја на Берлинскиот процес, Бугарија како земја-членка на ЕУ и коспонзор на процесот веќе неколку е во постојана и жестока офанзива на опструкција на Македонија да ги почне преговорите за членство во ЕУ. Имено, со неколку акти до ЕУ, кои започнаа со т.н. објаснувачки меморандум, Бугарија бара Договорот за добрососедство да биде дел од преговарачката рамка за Македонија, истовремено оспорувајќи ги македонскиот идентитет, историја и јазик. Неколкумесечните закани за вето со кое би го спречила одржувањето на првата меѓувладина конференција ЕУ-Македонија во декември 2020, Бугарија веќе почна да ги реализира на 6 ноември (четири дена пред Берлинскиот процес), кога на состанокот на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, во Брисел, официјално беше соопштено дека Бугарија „не е во можност да ја даде својата согласност за преговарачката рамка за Македонија“.
Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија, кој редовно ги анализира настаните на Балканот, направи анализа и на актуелните настани во Бугарија, непосредно пред самитот во рамките на Берлинскиот процес. Доминантниот впечаток на аналитичарите што работеле на анализата е дека Софија ги користи инструментите и процесите на ЕУ за „бугарско ’сертифицирање’ на идентитетот на Македонците и на македонскиот јазик“.
Констатирајќи дека иако Бугарија е полноправна членка на ЕУ и НАТО, станала „земја-случај“, која веќе претставува „социјална бомба“ и внатрешен проблем на ЕУ, предвидува дека во перспектива ќе претставува уште поголем проблем за своите соседи и за ЕУ како целина. Таквиот рејтинг во ЕУ, дополнет со длабоката политичка криза во земјата, манифестирана преку повеќемесечни демонстрации против криминалот, корупцијата, олигарсите и Владата, Бугарија всушност настојува своите проблеми да ги извезе во Македонија, се заклучува во анализата на институтот.
– Актуелните бугарски власти сакаат да го „сертифицираат“ идентитетот на Македонците и македонскиот јазик, пласирајќи неверодостојни податоци дека Македонците водат потекло од Бугарите и дека Република С Македонија мора да даде официјална изјава, дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски крени. Незамисливо е во 21 век државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, да ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот народ, на Македонците – се вели во анализата.
ИФИМЕС заклучува дека во такви околности и односи меѓу копретседавачите на Берлинскиот процес, Македонија и Бугарија, се одржува конференцијата, денеска, на 10 ноември. Сепак од Меѓународниот институт од Словенија предупредуваат дека тоа е последна шанса да се запре бугарскиот империјализам спрема Македонија.
– Загрижуваат информациите дека Бугарија подготвува слично сценарио и спрема Србија, за да го забави, односно да го условува нејзиниот пат кон ЕУ, со отворање некои нови прашања и теми. Поради тоа, со запирање на потезите/опструкциите на Бугарија на самитот во Софија би се спречиле евентуалните идни опструкции на другите држави спрема државите-кандидати за членство во ЕУ, како што веќе постојат навестувања дека Хрватска би можела да го отежнува патот на Србија во ЕУ. Бугарија во 2007 година стана членка на ЕУ, благодарение само на компромисот и интервенцијата на САД, но и понатаму е под поставените ЕУ-стандарди, односно е на самата „опашка“ на ЕУ по својата (не)успешност. Потребно е ЕУ да пронајде начин за забрзан прием на државите од Западен Балкан за членство во ЕУ.
Иако досега се инсистираше на индивидуален прием на државите во членство во ЕУ, повторно се создадоа услови во регионот да се разгледува можноста државите од Западен Балкан да бидат примени во членство во ЕУ, како што тоа беше сторено во 2004 година за десет нови држави-членки – се вели во анализата на ИФИМЕС.
Како заклучок во анализата на меѓународниот политички институт од Словенија се наведува дека доколку Бугарија навистина чувствува припадност и приврзаност со ЕУ и доколку преку членството во ЕУ ги прифаќа нејзините вредности, тогаш би требало да работи на афирмацијата на Македонците што живеат во Бугарија, а кои според процените се околу 10 отсто од вкупното население. Истиот европски однос Бугарија треба да го има и спрема македонскиот јазик, зашто богатството на различностите би отворило нови европски перспективи на Бугарите и Македонците и другите етнички заедници што живеат во двете држави.
– Сѐ друго го отвора прашањето што прави Бугарија во ЕУ, во Советот на Европа и други меѓународни организации, кои заговараат и ги кодифицираат правата на етничките малцинства како еден од столбовите и темелните вредности на современите држави. Бугарија во 2007 година стана членка на ЕУ само благодарение на компромисот, но и понатаму е под стандардите на ЕУ – се заклучува во анализата на ИФИМЕС.
Берлински процес од 2014 година
Идејата за Берлинскиот процес како дипломатско-политичка иницијатива за забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, почна да ја реализира германската канцеларка Ангела Меркел во август 2014 година. Учесници во процесот се земјите од Западен Балкан: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, а нејзини коспонзори и поддржувачи се неколку земји-членки на ЕУ, како Германија, Франција, Австрија, Италија, Велика Британија, Полска, Грција, Хрватска, Словенија и Бугарија.