Меѓународната заедница е подготвена и дава сигнали да ги прифати сите аргументи што држат, а тоа значи македонските. Засега, многу педантна и разумна изјава во јавноста даде германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, која смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширувањето на ЕУ. Изјавата на амбасадорката е отворен, чесен став на легалист. Тоа е и став што содржи силна порака. Меѓутоа, сѐ уште се свежи сеќавањата кога своевремено вакви изјави даваа дипломатите и кога започна грчко-македонскиот спор за името, кој речиси сите го оценуваа како ирационален
Германската амбасадорка со чиста порака од својата земја и од другите членки на Унијата
Расправата за преговарачката рамка за Македонија меѓу земјите-членки на Европската Унија треба да заврши до 6 октомври, период во кој македонската дипломатија би требало да преземе решителна офанзива и да ги убеди членките за оправданоста за почеток на преговорите со Унијата, отфрлајќи ги безумните барања на бугарскиот меморандум упатен до земјите-членки на ЕУ, преку кој Бугарија бара идни сојузници што ќе ја поддржат во блокирањето на македонските аспирации за членство во ЕУ.
Многу билатерални спорови што влечат историски корени направиле неправди над малите народи, а биле поддржани од големите сили. Прекршување на меѓународното право или на принципите на кои се темели ЕУ би било преседан да се направи и овој пат во агендата за Македонија, а веројатно за тоа стануваат свесни и земјите-членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија или, пак, Грција.
Засега, многу педантна и разумна изјава во јавноста даде германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн, која смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширувањето на ЕУ. Изјавата на амбасадорката е отворен, чесен став, но и став што содржи силна порака.
Меѓутоа, сѐ уште се свежи сеќавањата кога своевремено вакви изјави даваа дипломатите и кога започна грчко-македонскиот спор за името, кој речиси сите го оценуваа како ирационален.
– Ние, а според моите сознанија и сите други земји-членки, сметаме дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион – рече неодамна Холштајн.
Во случајот за името моќната грчка дипломатија, благодарејќи на постојаниот ангажман низ годините, успеа да интернационализира еден билатерален спор и да го претвори во клучен услов за зачленување на Македонија во НАТО и во ЕУ.
Сега истата дилема се наметнува повторно, односно дали недостигот од порешителен дипломатски ангажман и лобирање кај земјите-членки на ЕУ ќе го издигнат и овој спор од билатерален во мултилатерален со инволвирање и на други земји и ќе се претвори во нова сопирачка на македонскиот евроинтегративен пат.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи смета дека само со добра комуникација можат да се надминат недоразбирањата. Дали само со добрата комуникација ќе се реши наметнатиот проблем?
– Најдобар начин за решавање на проблемите е комуникација. Не смееме да ја уништиме комуникацијата. Исто така, во интерес на Република Бугарија е целиот регион да се интегрира во Европската Унија – изјави Османи.
Дел од познавачите на состојбите во меѓународната политика сметаат дека аргументите се на македонска страна, но дека анемичната комуникација и дијалог воопшто нема да придонесат за решавање на прашањето во наша полза, односно да се дојде до правилно решение. Инстант мобилизација и координација на сите чинители во државата се неопходни, без разлика дали се институции со таков утврден мандат, политички партии или, пак, неформални групи интелектуалци, НВО, па дури и лоби-групи и дијаспора. Консензус за ова постои и тоа треба да биде ударна тупаница на Македонија, аргументирана со меѓународното право. Тоа се фундаменталните принципи, а помалку потпирање на емоциите и чувствата.
– Според некое непишано правило, нашите политичари треба да бидат практични и прагматични по ова прашање. Адутите во случајот со Бугарија се на наша страна. Меѓународната заедница е подготвена и дава сигнали да ги прифати сите аргументи што држат, а тоа значи македонските – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Тој додава дека не знае зошто ова сега го прави Бугарија, иако смета дека тоа се прави поради внатрешнополитички причини во земјата, односно загрозената позиција на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој се соочува со бран незадоволства од народот во таа земја, а македонското прашање отсекогаш се користело во такви кризни моменти.
– Сметам дека нашата дипломатија, но и политичките партии во земјава, треба решително, трезвено, разумно и практично да му пријдат на тоа прашање, а не да се водат од чувствата и емоциите, туку со презентација на факти да се докаже вистината. Тоа е начинот како треба да му се пристапи на ова прашање – смета Јањатов.