Фото: Игор Бансколиев

Додека светските лидери на годишната сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк разменуваат мирољубиви пораки, голем процент од Европејците, барем според новообјавеното истражување на Европскиот совет за надворешни односи, смета дека светот е во „нова студена војна“! Некои од аналитичарите со кои се консултиравме објаснуваат дека тоа не е ништо ново, а за Македонија, тие презентираат теза дека ако се земат предвид односите
со соседите, со Грција, а пред сѐ со Бугарија, регионот и Македонија како никогаш ни да не излеглеод Студената војна

Според европските граѓани, светот е де факто во нова „студена војна“

Новообјавеното истражување на Европскиот совет за надворешни односи, во чии заклучоци се лиферува ставот дека „светот е во нова студена војна“, предизвика различни мислења кај политичарите, аналитичарите и во академската фела. Но повеќето од нив се согласуваат за тоа дека Студената војна опстојува, тлее, па се засилува, се рециклира, осцилира, дури и периодично досегнува опасно високи амплитуди и дека никогаш не е престаната…

Студената војна не исчезна,
само менува форми и облици

Некогашниот амбасадор на Македонија во Русија, Драган Јањатов, вели дека Студената војна, низ различни форми и облици, сѐ уште си трае.
– Практично не ни престана Студената војна, иако имаше еден краток период на затишје. Судирот помеѓу Западот и Русија трае и ќе се продлабочува без оглед на помирливите изјави – објаснува Јањатов.
Поранешниот македонски амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски, се согласува со впечатокот дека во светот незапирливо се разгорува нова студена војна и дека токму на тоа се должат споменатите резултати на истражувањето.
– Сепак, мислам дека ова што во моментов се случува и го сведочиме, не е студена војна каква што ја познаваме до падот на Берлинскиот ѕид. Повеќе би рекол дека светот во овој момент е во состојба на тензија, која е креирана по одредени точки на фрикција меѓу единствената светска и неколкуте регионални сили, овде секако мислам на САД од една страна и на Русија и Кина од друга. Тие точки на фрикција се генерално околу местата каде што се огромни економските интереси (Тајванскиот Теснец, Јужно Кинеско Море) или каде што геостратегиските интереси имаат потенцијал за потврдување на распоредите на силите (какви што се Украина или Авганистан). Како и да е, мој впечаток е дека светот сѐ уште не е во состојба на студена војна, но како се зголемуваат можностите на регионалните сили не е исклучено во блиска иднина и тоа да се случи. Во тој случај, јас лично не сум сигурен дека улогата на ЕУ ќе биде значајна во таа констелација на сили и интереси – потенцира Шамбевски.
За проф. д-р Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, резултатите од анкетата меѓу европските граѓани од неодамна објавеното истражување на Европскиот совет за надворешни односи и ставот дека светот е во „нова студена војна“, воопшто не се изненадување.
– Граѓаните го чувствуваат притисокот на односите на глобално ниво подолг временски период, а пандемијата дополнително ја засили нивната перцепција. Дополнително, дистрибуцијата на вакцините, која го тангираше секој граѓани, но и условно „себичниот“ пристап на државите се чини, макар и на кратко, придонесе и за оддалечување на граѓаните од заедничките европски институции. Не случајно анкетата, на пример, покажува дека граѓаните во поголем број сметаат дека Студената војна е меѓу ЕУ и Кина, а не е меѓу европските национални држави и Кина. Очигледно со новите турбуленции во рамките на НАТО-сојузот, мора да бидеме исклучително внимателни. Како членка на НАТО, треба да имаме предвид две работи: одбраната на Европа не е возможна без САД и Македонија мора да води сметка за својот интерес и да избегнува евентуални конфронтации со главните протагонисти – заклучува тој.

Каков е статусот на студената војна во регионот на Балканот и за Македонија

Карактерот и широкиот опсег на т.н. глобална студена војна го апсорбира и карактерот на судирите помеѓу Македонија и нејзините соседи, кои резултираа со голем број блокади, ембарга, вета и уцени однадвор кон Македонија во изминативе децении, а тоа ги прави аналитичарите согласни дека Студената војна со специјални методи и хибридни методи и средства, никогаш не престанала да ја инволвира и Македонија по осамостојувањето.
Поранешниот македонски амбасадор во Кина, Оливер Шамбевски, смета дека онаоднесува до Македонија, од својата независност наваму таа е постојано во состојба на замрзнат конфликт (студена војна) со своите соседи.
– Мислам дека активностите што се преземаа во последно време доведоа само до продлабочување на истите тие, особено со источниот сосед. Како и да е, Македонија можеби во овој момент не е во сферите на фрикција, но Балканот го има тој потенцијал. Од мудроста на политичарите и дипломатијата ќе зависи како целиот овој регион и Македонија особено ќе се позиционираат – потенцира Шамбевски.
Проф. д-р Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели дека терминот „Студена војна“ со Бугарија најдобро го отсликува сегашниот статус во односите.
– Работите понекогаш заслужуваат да се наречат со вистинското име, а идејата за „Студената војна“ со Бугарија мислам дека најдобро го отсликува сегашниот статус во односите. Да се потсетиме, Бугарија го признаваше посебниот македонски идентитет неколку години непосредно по Втората светска војна, но дојде до драстични промени во тој поглед за време на Тодор Живков и тој пристап сѐ уште се чини провејува во бугарската политика. Разговорите што се водат во рамките на историската комисија се само врв на сантата мраз. Потребен е покреативен и покомплексен пристап за приближување и прогрес.

Во најскоро време мора да создадеме механизам за подобра соработка и комуникација меѓу двете држави со поддршка на нашите партнери (САД и ЕУ), кој нема да биде лимитиран на политичките елити. Мора да се вклучат младите, образовните и културните институции, граѓанскиот сектор, но и уште повеќе да се поттикне економската размена. Да не заборавиме, во согласност со потпишаниот договор, основен постулат претставува и бугарската поддршка за интеграција на нашата земја во ЕУ. Мислам дека доколку не дојде до позначителен прогрес за овие прашања што е можно поскоро, и постојните иницијативи може да бидат доведени во прашање, што и во голем дел зависи од исходот на изборите. Останувам умерен оптимист за ова прашање. Се чини дека нашите пријатели во Софија едноставно не можат да видат дека најголема корист од нашата интеграција во ЕУ ќе има токму Бугарија и дека пролонгирањето на отворањето на преговорите има катастрофално влијание на јавното мислење за нив во Македонија – објаснува проф. д-р Мишо Докмановиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Д.М.М.


Анкетата што предизвика мислења и за оптимистички и за песимистички исход за ЕУ

Според анкетата на меѓународниот аналитички центар Европски совет за надворешни односи, голем процент од граѓаните на 12 европски земји смета дека САД се до тој степен конфронтирани со Кина и со Русија на глобалната воено-политичка сцена и дека во таа војна, институциите на Европската Унија попрво би застанале на страната на Вашингтон отколку што тоа би го направиле нивните матични држави. Тоа, според истражувачите, би можело да има два исхода за Унијата.
– Оптимистичка интерпретација во перципираното јакнење на улогата на Брисел во глобалните превирања води кон раѓање на вистинска надворешна политика на Унијата, додека песимистичката анализа подразбира нови поделби помеѓу Брисел од една страна и државите членки и нивни граѓани од другата страна – се заклучува во анализата.

Конкретно, 63 отсто од Европејците сметаат дека се води „студена војна“ помеѓу САД и Кина, а 59 отсто дека војната е помеѓу САД и Русија. Притоа, 31 отсто од испитаниците сметаат дека во војната со Кина е вклучена и Европската Унија, а само 15 отсто дека во конфронтација со Кина се нивните земји. Што се однесува до Русија, 44 проценти од испитаните се уверени дека таа е во конфронтација со Европската Унија, а само 25 отсто со нивните земји. Постојат значителни разлики во мислењата на анкетираните граѓани во зависност од земјата во која живеат. Во Бугарија, на пример, само три отсто од анкетираните сметаат дека Софија води „студена војна“ со Пекинг, додека во Шведска во тоа се убедени дури 33 отсто од граѓаните. Но Европејците многу повеќе сметаат дека нивните земји се во конфронтација со Русија.

Во Полска, на пример, тоа го мислат дури 44 отсто од испитаниците, додека само четири отсто од Унгарците и 2,5 отсто од Бугарите се уверени во тоа.
Анкетата е спроведена во мај и во јуни, меѓу 16.267 испитаници во 12 европски земји: Австрија, Бугарија, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Холандија, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска.