Фото: Архива

Атина својата загриженост ја манифестира така што порачува дека не се откажува од Преспанскиот договор и на тој начин сака да ја потврди својата „кооперативност“ пред меѓународните фактори, истовремено одејќи дотаму да се заканува и со тужба против Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг ако таа се откаже од потпишаното во Нивици, пред истиот тој суд што во 2011 година пресуди во македонска полза во спорот за тоа дали е прекршена Привремената спогодба, а Грција најбезобразно ја игнорираше неговата пресуда. Да биде парадоксот уште поголем, Македонија не само што доследно го спроведува договореното туку оди и пред роковите и повеќе од она што го пишува во текстот од договорот

Тужба против Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг ако се откажеме од потпишаното во Нивици?

Најновите изјави на грчките политичари во кои се бара доследно почитување на Преспанската спогодба не може да се протолкуваат никако поинаку освен како вклучување на алармот од страна на официјална Атина по епилогот од локалните избори во Македонија и можното ново прераспределување на политичките сили во земјава.  Несомнено, во Грција постои загриженост дека евентуално ново прегрупирање на политичките сили во земјава би можело да го загрози имплементирањето на Преспанската спогодба од македонска страна преку ревизија на обврските, а стравувањата одат дотаму дека земјава би можела дури и еднострано да го раскине договорот и да побара од Обединетите нации да ја прифатат волјата на македонските граѓани својата држава да ја нарекуваат Република Македонија.

Преседанот на Организацијата на Обединетите нации (ООН)

Тезата за еднострано раскинување на Договорот од Преспа поради низа флагрантни прекршувања на меѓународната легислатива подолго време ја застапува професорот по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград Игор Јанев, кој смета дека ООН направила преседан што примила, како што вели, безимена држава.
– Три децении им објаснувам на сите фактори дека сме примени како прва безимена држава во ООН. Нелегално. И ништо, нашиве само креваа рамења. По раскинување на Преспанскиот договор, Генералното собрание на ОН по наше барање треба да го продолжи членството на оваа држава под името Република Македонија… Сега за името одлучува Собранието на ОН со просто мнозинство! Имаме 140 држави на наша страна, кои би гласале за продолжување на членството на оваа држава под името Република Македонија. Преспанскиот договор е споменик на македонската глупост, која очигледно е бесконечна – наведува Јанев.
Ваквиот наратив од македонските интелектуални кругови предизвика реакции од страна на највисоките грчки политичари, актуелни и поранешни, кои со идентична реторика повторуваат дека договорите мора да се почитуваат од сите, во спротивно најавуваат тужба пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Токму ваквите најави за професорот Јанев се директна порака од Атина до македонската страна дека може слободно да го раскине Преспанскиот договор.
– Ако новата влада во Скопје ја раскине „Преспа“, Атина ќе тужи во Хаг, чија пресуда по Букурешт ја игнорира? Грција ќе нѐ тужи нас? За Преспа? Со ова точно ни кажаа дека може да го раскинеме договорот! – констатира Јанев.

Грција демонстрира „кооперативност“ кон меѓународните договори

Атина својата загриженост ја манифестира така што порачува дека не се откажува од Преспанскиот договор и на тој начин сака да ја потврди својата „кооперативност“ пред меѓународните фактори, истовремено одејќи дотаму да се заканува и со тужба против Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг ако таа се откаже од потпишаното во Нивици, пред истиот тој суд што во 2011 година пресуди во македонска полза во спорот за тоа дали е прекршена Привремената спогодба, а Грција најбезобразно ја игнорираше неговата пресуда. Да биде парадоксот уште поголем, Македонија не само што доследно го спроведува договореното туку оди и пред роковите и повеќе од она што го пишува во текстот од договорот.
– Во демократските општества, владите доаѓаат и си одат, но државите и обврските што ги преземаат остануваат. Нова демократија не гласаше за Договорот од Преспа и имаше остри приговори за конкретни точки, за чии последици, на најинституционален начин, предупреди во грчкиот парламент. Но не криеше, како по изгласувањето на Договорот, така и од првиот момент кога ја презеде функцијата, дека ќе го спроведе – порача неодамна шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас.
На таа линија е и грчкиот весник „Катимерини“, кој во еден свој аналитички текст неодамна напиша дека Атина, од своја страна, мора да ја испрати пораката дека во целост ќе го поддржи Договорот од Преспа. Весникот понатаму анализира дека оваа порака се испраќа до три страни, едната страна се САД и ЕУ, втората се македонските политички субјекти, додека третата страна до која се испраќа оваа порака е грчката јавност, односно дел од неа што и натаму смета дека овој договор е лош за грчките национални интереси.
Ова само потврдува дека сите политички субјекти во Грција се исклучително задоволни од Преспанскиот договор, без оглед што некои од нив во јавноста истапуваа радикално против договорот, но во практика повеќе од јасно е дека сите задоволно ги тријат рацете, оти добија договор што ниту во сон не можеа да го замислат. Затоа сега на Македонија ѝ се случува и бугарската блокада, бидејќи Софија увиде дека Грција доби сè со Договорот од Преспа, а тие помалку со Договорот за соработка и пријателство, потпишан една година претходно, и се почувствуваа „изиграно“. Од тие причини, Бугарија сега оди со максималистички барања кон Македонија, кои се на граница на лудост, со надеж дека ако играат според грчкото сценарио, можеби и тие ќе го добијат максимумот.

Македонија нема веќе што да загуби

Затоа сега се појавуваат и стравувањата во Грција дека Македонија, соочена со целосната блокада на евроинтеграциите и речиси никакви шанси за некаков пробив во скоро време, изморена од празните ветувања од страна на ЕУ, едноставно може да крене раце од имплементацијата на Преспанската спогодба со образложение дека Унијата не го испорачала тоа што го ветила и да чека понатамошно спроведување кога ќе почне отворањето на преговарачките поглавја, што можеби нема да се случи во следните пет до десет години.
Од друга страна, Македонија во меѓувреме треба да најде аргументиран начин како да им објасни на ЕУ и на САД дека Преспанскиот договор е целосно асиметричен, односно наметнува обврски само кон земјава, но не и кон Грција. Таквиот пристап не подразбира радикални чекори што би ја етикетирале земјава како некооперативна страна, туку аргументирана кампања во која ќе им се образложи на странските партнери дека договорот треба да е заснован на консензус и почитување на човечкото достоинство, но и на меѓународното право на самоидентификување, а не врз етноцидни временски ултиматуми само кон едната страна.

Грците се исплашени од овдешната реалност

За поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски е видлив стравот меѓу грчките политичари од можно запирање на имплементацијата на Преспанскиот договор од македонска страна и затоа се зачестени изјавите во последниот период, особено по локалните избори во земјава.
– Грците се уплашени дека она што го гледаат во реалноста во Македонија, ќе се отслика и во политиката, и тоа ги плаши. Народот спонтано и стихијно дава отпор кон оваа работа, не го употребува новото име и нема намера да го легитимизира. Тоа е тоа што ги плаши Грците – констатира Боцевски.
Правејќи една подлабока анализа, поранешниот вицепремиер за евроинтеграции причините за стравот на грчката политичка сцена ги лоцира во можната промена на политичката сцена во земјава, што би се рефлектирало врз динамиката на реализација на точките од Преспанскиот договор.
– Прва работа што грчките политичари ја забележаа е дека оваа влада јури безглаво да ги имплементира работите што ги нема во Преспанскиот договор. Има рокови во него што се поврзани со отворањето на преговарачките поглавја. Ништо од тоа не е отворено, а ние веќе правиме промени што не треба да ги правиме, бидејќи тоа е поврзано со определена динамика, така што Грците се свесни дека ако дојде до каква било промена тука, тоа нема да биде случај и работите поинаку ќе се одвиваат. Втора работа, тие, бидејќи не нè познаваат добро, се изненадени од фактот што ние не го користиме новото име ниту во дневниот говор, ниту во печатот, ниту во дебатите и вознемирени се околу таа работа. Мислам дека сега маските паѓаат, се гледа дека максималистичките барања на Грција се прифатени, дури и над тоа што тие го очекувале и сето ова што се прави сега е само подготовка за тоа што ќе биде кога ќе биде – смета Боцевски.

Аргументирано и трезвено презентирање на фактите

Поранешниот вицепремиер смета дека во врска со Преспанскиот договор не треба да се реагира брзоплето и еуфорично, туку најпрво преку една поширока дебата е потребно да се утврдат правните чекори што би можеле да се преземат во врска со самиот договор.
– Треба да се види кои се правните чекори што може да се направат во врска со Преспанскиот договор преку една поширока дебата, во која би биле вклучени домашни и странски правници, додека во доменот на културата треба да продолжи она што и сега се случува спонтано, стихијно, а тоа е неупотребата на тоа решение за името и едноставно пласирање на информации во светот како се случи промената, зошто се случи промената и кои беа прекршувањата на законот, на нормите на политиката, на нормите на домашно воспитување и однесување кога се носеше тоа. Тоа мораме ние да го пласираме пред меѓународната заедница – смета Боцевски.
За него, прв чекор би било почитување на она што е ставено во договорот, без да се излегува од неговата рамка.
– Реално, прво треба да се вратиме на духот, односно на словото на самиот Преспански договор. Тоа значи дека не треба да одиме над тоа, туку да се држиме до она што е напишано внатре. Ако нема европска интеграција, не може да има имплементација. Едното оди со другото. Претпоставувам дека во тој ентузијазам кога е работен договорот тоа било така скроено и замислено, но очигледно дека на терен не го гледаме тоа и затоа нема зошто ние да брзаме – категоричен е Боцевски.
Осврнувајќи се на дилемата дали евентуалното ревидирање на Преспанскиот договор би можело да го загрози членството на државата во НАТО, поранешниот вицепремиер истакнува дека не може да се случи такво нешто.
– Во однос на НАТО, не треба да заборавиме дека Грција, откако е членка на Алијансата, го има променето своето име, од Кралство Грција стана Република Грција. Таа за тоа немаше никакви реперкусии, така што нема причина да се грижиме дека промената на нашето сегашно официјално име би имала влијание врз членувањето во меѓународни организации – смета Боцевски.