Три години од потпишувањето на Спогодбата од Нивици
Што доби, а што изгуби Македонија досега, три години по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој и натаму во јавноста предизвикува амбивалентни перцепции?
Политичките аналитичари, правниците и експертите се поделени во оцените околу придобивките или последиците од договорот врз македонскиот народ и држава
Текот на времето и развојот на геополитичките и внатрешнополитичките процеси во Македонија се чини не придонесоа за надминување на мноштвото спротивставени ставови, тези, мислења и линии на општествени поделби што ги предизвика потпишувањето на Преспанскиот договор. Три години од потпишувањето на договорот во Нивици, на 17 јуни 2018 година, и понатаму останува отворен предизвикот на прашањето дали, колку и чии очекувања исполни договорот за евроатланска и европска интеграција на Македонија. Што доби, а што изгуби Македонија досега?
Фактот што дури по две години од потпишувањето на договорот Македонија стана полноправна членка на НАТО, а почетокот на преговорите за членство во ЕУ по грчкото вето сѐ уште е далечен и неизвесен поради новопродуцирани вета во овој тригодишен период (француското и бугарското), само ги засилува скептичните дилеми од типот – дали вредеа сите отстапки и промени што ги направи македонската држава со овој договор. И по три години од церемонијата на потпишувањето на договорот во Нивици остануваат актуелни низа прашања и дилеми, кои создаваат двојна антиподна перцепција во македонското општество во однос на договорот. За дел од аналитичарите договорот е позитивен исчекор на државата додека други го оценуваат како погубен или како што велат како холокауст врз Македонија. Постојат низа отворени прашања меѓу кои и дали овој договор навистина ги стабилизира Македонија и регионот, или создаде нова линија на поделби во македонското општество и предизвика нов бран уцени кон нашата држава од соседите и меѓународната заедница.
Надминати ли се предизвиците во однос на македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, правото на македонска национална историја? И неколку македонски познавачи и проследувачи на политичките процеси и случувања, за „Нова Македонија“ со своите толкувања ги потврдуваат спротивните, антиподни перцепции што ги предизвика Преспанскиот договор во пошироката јавност, по неговата тригодишна реалност.
Историската вредност на договорот зависи од нашиот исчекор кон ЕУ
Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, смета дека и покрај оствареното членство во НАТО, Преспанскиот договор е штетен за македонските национални интереси
– Да почнеме со добрите работи околу Преспанскиот договор… Првата е дека воопшто го има, бидејќи без тоа секако сѐ уште ќе бевме во истата ситуација во однос на евроатлантските интеграции како и пред него. Второ, тоа (евроатлантската интеграција), со стапувањето во членство во НАТО, е и главната придобивка (барем засега) од договорот. И тука приближно завршуваат придобивките, бидејќи главната замислена цел на договорот – членството во ЕУ (или барем почеток на преговорите) и три години по договорот останува недостижна.
Самиот договор е лош за нас. Тоа впрочем го покажаа и анкетите на јавното мислење во тоа време, кога мнозинството од граѓаните (и над 70 отсто од етничките Македонци) беа против најголем дел или сите битни одредби, а го потврди и референдумот кога не се обезбеди потребната мнозинска поддршка. И сега ситуацијата е непроменета во тој поглед. А тоа е така зашто сепак се навлезе во идентитетските прашања (вклучувајќи и за името) и што е најлошо, самите отстапивме од одбраната на тие права и принципи (вклучувајќи и европски вредности, како правдата, владеењето на правото, самоопределувањето, недискриминацијата), а кога еднаш отстапивме и со тоа ја отворивме Пандорината кутија, па сега не е за чудење ова што го прави и го бара Бугарија. Кога тие го склучија Договорот за добрососедство со нас, веројатно претпоставуваа дека никогаш нема да отстапиме толку многу кон Грција, па откако видоа што сѐ направивме со Преспанскиот договор, им се зголемија и ним апетитите и барањата кон нас.
Во таква ситуација, малку чудно, да не речам и смешно изгледа сега непопустливоста на оваа влада кон Бугарија (кога ги обвинуваа сите претходни влади, а особено последната на ВМРО-ДПМНЕ за непопустливост кон Грција), а всушност сега е потешко да се одбранат идентитетските позиции кога еднаш веќе сме ги напуштиле. Во таа смисла, може да се гледа на Преспанскиот договор и како многу штетен за националните интереси на Македонија.
Секако, времето ќе ја покаже историската вредност на Преспанскиот договор и дали ќе претежнат позитивните придобивки, или ќе го добие третманот како „мировниот“ договор на британскиот премиер Невил Чемберлен со Хитлер неколку месеци пред почетокот на Втората светска војна… А тоа главно ќе зависи од натамошниот тек на пристапувањето на Македонија кон ЕУ – кога ќе станеме членка (ако се случи тоа) – смета Александар Кржаловски.
Договорот е спротивен на меѓународното право
Историчарката и универзитетска професорка Наташа Котлар проценува дека овој договор, во услови на непризнавање на македонско национално малцинство во хеленската држава, се поставува основа за именско, историско и идентитетско редефинирање на македонскиот народ, односно нација.
– И по три години, останува впечатокот дека Преспанската спогодба (2018) е документ со крајно асиметрична содржина, во која се задоволени, во голема мера, агресивните барања на хеленската република („Првата страна“), додека на „Втората страна“ ни името не ѝ е спомнато. Забележлив е и потценувачкиот однос на „Првата страна“ кон суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на „Втората страна“, со што е засегнато начелото на Повелбата на ООН за еднаквост на сите членки, некршење на принципот на правна еднаквост на државите и принципот на недискриминација во претставувањето и членството, односно сериозно се засегнати задолжителните норми на меѓународното право (ius cogens). Оттука, овој договор е нелегитимен! Понатаму, договорот излегува од познатата преговарачка рамка (1993) меѓу Грција и Република Македонија да дојдат до решавање на разликата за името.
Затоа што, во конечната верзија, ова е договор за решавање на „разликите“ (а разликата и преговорите за името) преминале во „разлики и преговори за историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, слободите и правата на човекот и граѓанинот, Уставот“. Со договорот се прави сериозна постапка да се стави крај на „македонското прашање“, кое на историската сцена се појави во средината на 19 век, како јазично, духовно (посебна црква) и политичко (држава) прашање поставено од македонскиот народ пред јавната власт во рамките на османлиската држава. Накратко, со овој договор, во услови на непризнавање на македонско национално малцинство во хеленската држава, се поставува основа за именско, историско и идентитетско редефинирање на македонскиот народ, односно нација – вели Котлар.
Според неа, не е само содржината спорна, туку и начинот на кој таа е востановена во македонската држава.
– Најпрвин е проблематично прашањето на референдумот „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ Ова претставува злоупотреба на демократските процеси, односно навредливо е за демократијата. Требаше да биде поставено прашање „Дали го поддржувате договорот со Грција?“, а потоа да се организираше уште еден референдум со прашање: „Дали сакате да влезете во ЕУ и во НАТО“. Токму ова, беше причина и повод за недоверба и определба да се бојкотира референдумот од страна на гласачите во огромен број (63 отсто). „Балканскиот начин“ на кој се инсистираше во понатамошното спроведување, значеше уставни измени, односно промена на уставното име „Република Македонија“ (неспоменато во договорот), заради конституционализација на новото име со географска одредница и на придавките изведени од истата таа. Иако правно, но и од аспект на македонското национално право, неодржливо е со меѓународен договор да се утврдува новото официјално име на државата – „Република Северна Македонија“, како ерга омнес и скратено име „Северна Македонија“- нагласува Котлар.
Во врска со последново, таа истакнува дека името на една држава е име што извира и го создава народот што ја создал и живее во таа држава. Државата што ја создал македонскиот народ е Република Македонија, како суверена држава, формирана врз основа на правото на самоопределување во 1944 г. на Првото заседание на АСНОМ.
Сево ова, како и многу други одредби во договорот, претставува сериозна основа за негодување и неприфаќање на оваа октроирана содржина, на овој нефер договор од страна на најголемиот дел од македонскиот народ. Овој договор ги задоволува единствено грчките барања, а создаде проблем за Македонците и за македонската држава, која егзистира 77 години, вели Котлар.
– Дотолку повеќе, што грчката надворешна политика е во дослух со бугарската, која, пак, создава дополнителни барања од македонска страна во однос на именскиот, историскиот, културниот, националниот идентитет. Ова значи слаба и ранлива позиција на македонската надворешна политика и дипломатија сред меѓународната јавност. Додека, пак, на внатрешен план создава сериозна општествена и политичка поларизација. Така што, неопходно е да се пристапи кон ваков вид договори со голема внимателност, знаење и одлучност. Со оглед на повеќе одредби присутни во овој договор, кои се спротивни на меѓународното право, односно се нелегални и нелегитимни, истиот тој треба да се раскине! – оценува Наташа Котлар.
Големите светски играчи го гледаат договорот како фактор на стабилност
Љупчо Арсовски, првиот амбасадор на независна Македонија во Грција, и покрај сите незатворени прашања што останаа со Преспанскиот договор, смета дека договорните страни треба да се придржуваат до него, барем додека не биде постигнат некој друг договор меѓу македонската и грчката страна.
– Со Договорот од Преспа беше исполнет условот од резолуцијата на НАТО од самитот во Букурешт 2008 година, за надминување на разликите со Грција. Станавме членка на НАТО. Истовремено, со овој договор е преточена одлуката на Советот на безбедност на ОН дека двете страни треба да се договорат за именувањето на државата Македонија, која долги години во ОН беше со привремена референца. Билатералните односи меѓу Македонија и Грција се издигнаа на повисоко ниво, па сега имаме амбасади, а не канцеларии за врски. Сепак, останаа отворените прашања дали во сите ситуации, на внатрешен и надворешен план треба да се употребува новото име на државата. И понатаму, три години по потпишувањето на договорот не е отворен новиот граничен премин Маркова Нога, токму на граничната линија кај Преспа. Имаме некое умерено развивање на билатералните односи, но впечаток е дека македонската страна прави поголеми чекори, а соседната сепак би можела да настапи со поголема доверба. Но, генерално, грчката страна е „оладена“ од амбицијата да прави притисок и опструкции на македонските евроинтеграции, иако не отстапува од „дежурството“ во следење на ситуациите што имплицираат, според нив, прекршување на договорот од македонска страна – вели Арсовски.
Според него, сепак не може да се негираат предизвиците што за Македонија ги создаде Преспанскиот договор на внатрешен план. Најголемиот секако е промената на името на државата и импликациите што ги создаде во однос на националниот идентитет. Тоа во договорот е апсолвирано со формулацијата за државјанство: македонско/граѓанин на С Македонија.
– Македонската дипломатија треба да работи поагилно на афирмацијата на македонскиот идентитет и да реагира на обидите за наметнување од трети страни на конструкцијата „северномакедонци“, „северномакедонски“. Од безбедносен аспект, може да се каже дека Преспанскиот договор придонесе за стабилност во регионот. Без него немаше да станеме членка на НАТО. Последната извршна наредба на американскиот претседател Бајден, во која е додаден и Преспанскиот договор, укажува дека големите геополитички играчи го сметаат овој договор за фактор за безбедност. Неоспорно, Договорот од Преспа во македонското општество и по три години предизвикува поделени гледишта и реакции, но генералната слика однадвор за нас е позитивна. Новите блокади за македонските евроинтеграции секако не придонесуваат за решавање на отворените прашања што ги остави Преспанскиот договор. Во врска со обврската за придржување до него, меѓународното право вели дека договорите се почитуваат додека не се постигнат нови. Но во политичката практика почесто се случува за многу работи за кои не се зборува јавно да се прават, а за оние што гласно се зборува да не се спроведуваат – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.