Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска од Неготино порача дека граѓанската акција за собирање потписи, со кои ќе се поништи Законот за пописот, се одвива одлично додавајќи дека во тој град се собрани повеќе од 1.000 потписи.
– ВМРО-ДПМНЕ не е против попис, пописот ни е сериозно потребен за градење политики, мерки за иднината, за планирање на економијата, за планирање на вработувањата. Но, тие вработувања не смее и не може да се базираат на попис, кој е некредибилен, спротивен на сите стандарди, политички мотивиран – порача претставникот на опозициската партија.
Тој додаде дека акцијата ќе продолжи уште две недели во сите градови и изрази надеж дека ќе бидат постигнати сериозни бројки.
– Почнавме многу сериозно, во првиот викенд беа собрани над 50.000 потписи. И сигурни сме дека до крајот на акцијата бројката ќе стане и шестцифрена и ќе може да имаме сериозна поддршка во Собранието за да можеме да го спречиме овој попис што сакаат да ни го организираат – истакна Андоновски.