Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, го нарече решавањето на спорот за името “историски исчекор“ за двете земји, за регионот и за Европа во целост.
-Им аплаудирам на лидерите од двете страни за нивната храброст и визија – напиша Хан по ратификацијата на договорот во грчкиот парламент.
Овој успех, додаде тој, немаше да се случи без јасната перспектива за членство во ЕУ за наскоро именуваната Северна Македонија.
-Ова е силата на атракцијата на ЕУ во најдобро светло, која носи стабилност и просперитет за регионот во време кога дестабилизирачките сили растат- напиша Хан.
Тој рече дека е лично задоволен што патот кон Преспа започна со договорот од Пржино во 2015, кој тој лично го посредуваше и кој и овозможи на земјата да излезе од длабока политичка криза.
-Оттогаш земјата започна длабоки реформи и ги реши споровите со соседите, ова треба да биде инспирација за целиот регион – заклучи Хан.
Се огласи и еврокомесарот за финансии, Французот Пјер Московиси на Твитер, и порача дека со денешната ратификација се преминува важна етапа за политичката и економската стабилност на Грција, на регионот и на Европа.