Има неколку случувања што доживуваат своевиден обрт во изминатите месеци и што имаат придонес во релаксирањето на политичката сцена во Македонија. Случувања што доведоа до ситуација да се намали, да се снижи температурата што беше крената до највисок степен на спротивни дебати и очекувања. Пресврти што го покажаа и другото лице на политиката и кои докажаа дека нештата може да се набљудуваат на посмирен начин, да се дебатира помалку жолч, да се одбегнат обвинувања и етикетирања, а истовремено да се бараат подруги, посолидни и потрајни решенија. По искуствата стекнати од нив може да извлечат соодветни поуки претседателот на Владата Зоран Заев, неговата владејачка екипа од СДСМ и неговите професионални и хонорарни советници. А со самото тоа да го направат подобро своето владеење, секако во интерес на сите граѓани.
Би се осврнал на три настани, три прашања, кои може да се означат како централни, а кои не се во тесна врска со славниот нумерички владин план 3-6-9 кому му истекува терминот, но не му поминува актуелноста. Едниот е Законот за употреба на јазиците, другиот е најновиот развој околу признавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на бугарската црква и третиот, феноменот на реакциите по објавувањето на збирката поезија од млади поети.
ЗУЈ сѐ уште зуи, но притаено
Изгласувањето на Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ), на албанскиот пред сѐ, предизвика силна бура од пратеници од сите партии, од професори, од политичари и аналитичари, од актуелни водечки новинари, но и од скрибомани што ја досолуваат или запиперуваат секоја политичка манџа, како и од обични и помалку обични граѓани. И претседателот на државата Ѓорге Иванов го кажа гласно својот став и не го потпиша указот без чиј потпис законот не може да стапи во сила. Потоа настапи своевиден молк, во случајов потребен и корисен.
Во тој галиматијас најмалку се слушаше, дури намерно се задушуваше гласот на легалитетот, на разумот, како од ѕид се одбиваа секоја забелешка, секоја критика на законот од страна на афирмирани професори, докажани правници, лингвистички експерти, мнозинството на стручната јавност. СДСМ притоа се однесуваше сосема противно од напишаното и прокламираното во својата програма, дејствуваше надвор од принципите врз кои ја доби довербата од гласачите на последните избори.
Што покажаа овие три месеци откако е изгласан, а непотпишан Законот за јазиците?
Прв и основен заклучок: Не дојде до распад на коалицијата и на Владата, не се предизвика меѓуетнички судир, не се прогласи Илирида. Тие беа сценарија со кои се плашеа граѓаните, доколку не се потпише указот. Се покажа дека неговото одложување и одолжување за извесно време не е болка за умирање. Непотпишувањето, ниту нешто закочи, ниту забрза. Ниту нешто расипа, ниту нешто поправи во животот на луѓето, освен што, во меѓувреме, забележливо поскапеа месото, овошјето и зеленчукот чии цени воопшто не зависат од јазикот на кој се продаваат и купуваат. Тримесечната пауза, освен стивнување на страстите, навестува дека претседателот на Владата, Зоран Заев, пред сѐ (или неговите правни советници), понамира увиделе дека за да се донесе вистинска одлука е нужно некое преиспитување, дека сепак имало пропусти во процедурата при донесувањето, дека можеби се нужни некои корекции и дека има некој вистински дефект што го предизвикува големото искрено незадоволство од граѓаните – Македонци, не само вмровци или опозициски настроени кон СДСМ, туку и голем дел политички необоени гласачи. Дека законот не може да се третира рамно на сомнителен досуден пенал во 95-та минута од натпреварот.
Влада, претседател, опозиција
Не може да се тврди со сигурност, но постои можност на претседателот на Владата да му е советувано да не ги турка нештата на сила и со сила, да покаже волја за толеранција, да најде решенија што ќе бидат целосно прифатливи и потрајни. И да не подлегнува на притисоци, да не прифаќа неумесни уцени како од коалициските партнери, така и од запалените лобисти – аналисти што си ги гледаат личните интереси. Дека во мирна атмосфера, низ отворен или затворен дијалог со опозицијата и со други упатени фактори, се донесуваат поквалитетни одлуки, достоинствени решенија што нема никого да навредат, со кои никој нема да се чувствува како добитник или губитник. Победници да бидат законите што ќе се почитуваат и стриктно ќе се применуваат. Да бидат спроведувани онака како што се напишани, а не по нечие самоволно или своеволно индивидуално толкување. Дека не е суштината во брзината туку во квалитетот, не во насилството туку во демократските процедури и постапки. Во рамките на смирување на страстите најверојатно е дека од некои извори му е сугерирано и на претседателот на државата да ги штити Уставот и законите, како што тоа го прави, но да не долева масло на огнот. Во таа насока одат и штурите кабинетски полуинформации дека сепак, далеку од очите на јавноста, се води рововска војна низ која се бараат решенија не само за Законот за употреба на јазиците туку и за надминување на други несогласувања, меѓу кои инсајдерите на прво место го ставаат именикот на амбасадорскиот распоред, кој амбасадор каде и кога ќе оди. Во насока на можно регулирање на односите одат и последните постапки на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која под притисок на странскиот фактор и по некои ветени отстапки од СДСМ, се доближува до Собранието, каде што далеку од очите на јавноста, зад затворени врати, води дијалог за нејзино целосно враќање на политичката сцена. Она што на Заев на почетокот му изгледаше како пречка, сега му изгледа како поволност.
Неможно решение за црквата
Второто прашање е прашањето на односите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Бугарската црква, по барањето од МПЦ да ѝ биде ќерка на мајката БПЦ. Ретко кој во Македонија се сомнева дека црковното зближување не е ненапишан дел од потпишаниот билатерален договор за пријателство и соработка меѓу двете држави и дека тоа е дел од некој не докрај познат план за доближување, а некогаш, во иднина и до национално изедначување на двата народа (?!). Еден народ во две држави, како преодна фаза до конечното обединување, национално и територијално(!?). Можеби затоа во ниеден од членовите на гореспоменатиот договор не е ставена клаузула во која експлицитно се признаваат посебноста и посебноста на македонскиот народ!
Но и во овој случај се покажува дека почетниот оптимизам, братските прегратки и широките насмевки меѓу двата премиера беа само минлива фаза на трновитиот пат што треба да го поминат двете цркви (или двете актуелни влади) за да го остварат тоа што го замислиле или договориле. Последните информации од великодостојниците на бугарската црква се далеку попретпазливи од почетните еуфорични изјави и очекувања. Всушност, сега од Бугарската црква пристигнуваат ставови, кои соопштуваат дека секој нивни потег за признавање на автокефалноста на МПЦ може да претставува загрозување на статусот на самата Бугарска црква и дека нивниот чекор би бил чекор во провалија.
Поточно, ако БПЦ ја признае МПЦ може и самата да се најде во раскол со другите цркви, да биде отпишана од православното братство. Македонската страна како да заборави дека низ историјата на православието црковните прашања стојат отворени и се решаваат со години, некои со векови. Во сегашната ситуација за македонската влада (делот од СДСМ) најпрепорачливо би било да се ослободи од товарот што се нафати да го носи, да им ја остави работата на црквата (црквите што се во спор), на господ да му го остави господовото, на царот царевото. Секое нејзино натамошно заплеткување ќе носи штета, никако корист, ќе биде извор на многу шпекулации или предмет на теориите на заговор за евентуалното спојување на Македонија со Бугарија, за изедначување по националност на Македонците со Бугарите.
Една книга – повеќе погрешни чекори
Многу прашина крена објавувањето на книгата под прозаичен наслов „Збирка поезија“, издадена од Агенцијата за млади и спорт. Две иронично-сатирични песни, две стихувани пародии, предизвикаа вештачка политичка, меѓунационална, родова и секаква друга вознемиреност. Појавата, просто неверојатно, беше означена за скандалозна. За разлика од кај нас, во секоја нормална демократска држава, таму кај што сакаме да се придружиме, како најголем скандал, скандал од големи размери би било токму повлекувањето, односно забраната на книгата. Не би одговарале, оставки не би поднесувале, оние што ја објавиле книгата, туку оние што ја забраниле. Зашто е несомнено дека осудата на книгата на младите поети и забраната за натамошна дистрибуција флагрантното ги нарушува не само правата на младите, туку ја урнисува и нивната надеж за развој на слободно и демократско општество, за нивно послободно мислење, изразување и творење. Од книга не пропаѓа држава, а ако пропадне значи дека не заслужувала ни да ја има.
Еднаш и никогаш повеќе
Со изразените ставови околу книгата (песните) Владата на СДСМ, партијата СДСМ и самиот претседател Зоран Заев покажаа низок капацитет за демократија, за прифаќање слободно творештво и трпење на евентуална критика. Дали нивниот партиски штаб беше од некого намерно насанкан и вовлечен во антидемократска игра не е ни важно, важно е што нивната реакција не може да се протолкува поинаку, освен како сериозен политички кикс. Навидум мал, но многу сериозен, особено ако постапката за забрана стане ориентир за натамошно дејствување во ситуации кога ќе се објавуваат други критички книги, кога ќе се поставуваат критички драми или комедии и слично. По невидената хајка по книгата за чудо поддржана од слободниот печат и провладините аналисти, власта (партијата) не може да остане слепа, да не види дека направила погрешен чекор. Тоа се случи еднаш и никогаш не смее да се повтори. Значи, меѓу редицата обиди за успешни потези, Владата си дозволи да направи и неколку гафа, без потреба забрза некои процеси, невнимателно прекрши дел од дадените ветувања. Нејзината работа ќе биде поефективна ако ги прима со разбирање критиките, ако не го крева носот и за најмала ситница. Искуството од практиката од сите досегашни влади ни покажало дека Владата работи многу подобро кога ги крева ушите за да ги сослуша критиките одошто кога ги затвора очите и мирно спие на пофалби и лаври.