Гласањето помина мирно и без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заблагодарувајќи им се на институциите и на граѓаните за успешно спроведените избори.
– Институциите покажаа дека може да се организираат мирни и демократски избори. Им честитам на граѓаните за мирниот деморатски ден. Република Северна Македонија покажа дека може да се организира европски избори – рече Спасовски.
Во текот на изборниот ден регистрирани се четири фотографирања на гласачки ливчиња, а сторителите се приведени. Гласач во Новаци, пак, под дејство на алкохол оштетил гласачка кутија, а во село Кучичино забележано е лице што делело пропаганден материјал во близина на гласачко место.
Спасовски додаде дека на овие избори, за разлика од претходните претседателски, имало пет пати помалку пријавени инциденти. Министерот истакна и дека на овој изборен процес нема пријавено кривично дело, што не било случај на ниту едни претходни избори.