Промените на Уставот што се потребни за промена на името, претставуваат момент на парламентаризам и потребни се храбри чекори. Разбирам дека ова не е едноставно за пратениците од опозицијата, ова е долг процес што треба одново и одново да се отвора, но тука е и прашањето кои се алтернативите, какви се преспективите за оваа држава, ако самата не е способна да ги решава внатрешните конфликти.
Ова денеска во своето обраќање пред македонските пратеници го изјави претседателот на австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка, кој е во официјална посета на Република Македонија.
– Македонија во изминатиов период направи одлучувачки чекори кон Европската унија, прво со Договорот за добрососедство со Бугарија, и вториот клучен чекор спогодбата со Грција за решавање на спорот со името. Ја гледаме Македонија на патот што од статус кандидат, на крајот на 2019 да почне со опиплива перспектива со преговори за членство во Унијата, рече Соботка.
Претседателот на австрискиот Национален совет нагласи дека во исто време при процесот за членство во ЕУ е јасно кои услови треба да се исполнат.
– Потребна е веродостојна перспектива за влез, но потребни се и напори. Сметам дека по изборите за Европскиот парламент, на пролет во 2019, уште во текот на летото следната година ќе почнеме преговори за членство со Македонија. Верувам дека поглавјата брзо ќе се решаваат и оти ЕУ мора да ги награди овие чекори, наведе Соботка.
Додаде дека земјава е потребно да ги направи неопходните реформи во јавната администрација, правосудството, медиумите, јакнење на граѓанското општество, апелирајќи во Собранието да се води дискусија и да се работи на големите национални планови.
Истакна дека Австрија согласно својата структура и културна свест, кон Балканот и кон Македонија има висок интерес за развој на овие држави на нивниот пат кон ЕУ, додавајќи оти Австрија и Македонија работат на продлабочување на односите во сите аспекти.
Соботка рече дека Македонија се наоѓа пред големи предизвици, посакувајќи и на земјава да стигне до големата цел – а тоа е влезот во ЕУ и НАТО. Изрази гаранции дека поддршката на овој пат не доаѓа само од австриската Влада на чело со канцеларот Себастијан Курц, туку и австриското Собрание и партиите ќе ги поддржуваат обидите и трудот што го дава Македонија.
– Во ЕУ недосигаат државите од Западен Балкан. Неопходно е во стратегијата за Балканот, ЕУ да посочи јасна стратегија во овој правец. Како што неодамна кажа претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, оти ЕУ мора да има еден став што нема да се промени кон државите од Западен Балкан, истакна Соботка.
Посочи оти е свесен дека за одредени држави процесот предолго трае и дека Европа не може секогаш да ги исполни сите надежи.
– Ниту една држава не може сама да ги реши сите предизвици, како што е борбата против корупцијата, криминалот, миграцијата, и затоа е потребно здружување на силите од сите држави. Европа даде ветување дека едни со други државите ќе се поддржуват, посочи Соботка.
Подвлече дека собранијата се столбови на демократијата, нивна задача е да креираат политики и да се вклучат во процесите на носење одлуки, и со национален консензус да се соочат со овие големи задачи на државите кои ги застапуваат.
Соботка рече дека австрискиот Парламент не сака да ја ограничи соработката со македонскиот само преку парламентарните групи за пријателство, туку исто така сака и да се овозможат стипендии за вработени за администрацијата во Собранието, за да имаат можност да се стекнат со нови искуства.
Обраќањето на претседателот на австрискиот Национален совет, покрај пратениците, го следеа и премиерот Зоран Заев, министри, како и дипломатскиот кор во земјава.
Соботка претходно оствари средба со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, а се сретна и со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, Антонијо Милошоски, и членовите на оваа комисија.