Во зависност од многу фактори и начинот на кој ќе се развиваат состојбите, се разгледуваат и различни рестриктивни мерки, односно сценарија, кои подразбираат користење различни препораки за заштита од вирусот, од строго рестриктивни, комбинирани, па до послободни мерки. Кои се таканаречените розово, жолто, црвено и црно сценарио и што предвидува секое од нив
Колоритни сценарија за борба против опасниот вирус
Како се подготвуваат здравствените власти да се справат со опасностите од коронавирусот во периодот што претстои, со оглед на предвидувањата за можен втор поголем бран на заразата наесен?
Во моментов здравствените власти посочуваат дека во периодот што следува има многу ризик-фактори што може да ја влошат епидемијата, која во моментов е стабилна и со мал тренд на зголемување на бројот на пациенти во некои градови.
Првиот човек на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, вели дека има повеќе сценарија и дека системот е подготвен и за најлошото сценарио.
– Има розово сценарио, жолто, црвено и црно сценарио. Да не излезе дека ние сме пророци и предвидуваме што ќе се случи, ние како секоја нормална институција мора да размислуваме за добро, средно добро, просечно, лошо и многу лошо сценарио. Во моментов сме во жолто сценарио, имаме број на заболени, но го држиме под контрола. Состојбата не е влошена – изјави Караџовски.
Според Караџовски, со првиот предизвик на спроведување на сценаријата докторите ќе се сретнат веќе на крајот на октомври.
– Што ќе се случи следниот период, не би можел да одговорам децидно, затоа што ниеден епидемиолог во светот не може да го каже тоа. Ние сме согласни на ниво на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство дека периодот што следува, значи ноември, декември, јануари, ќе имаме зголемен број респираторни заболувања, пред сѐ инфлуенца.
Октомври и ноември ќе имаме зголемен број респираторни вируси, риновируси, параинфлуенца и инфлуенца, односно сезонски грип. Врз основа на нашите статистики во период од 30 години, тоа може да го очекуваме во втората и третата недела околу Божиќ и вториот бран околу февруари и март. Меѓутоа, зголемениот број на респираторни вируси веќе се очекува кон крајот на октомври и почетокот на ноември. Ако имаме направено една рамка во која очекуваме зголемен број заболувања, тоа би било крајот на есента и почетокот на зимскиот период, кога ќе имаме еден конгломерат на респираторни вируси, вклучувајќи и инфлуенца – вели Караџовски.
Според него, бидејќи некои од симптомите за сезонски грип се исти како и за ковид-19, клучна ќе биде дијагностиката, а тој уверува дека лабораториите имаат зголемен капацитет за тестирање, кој е доволен да се одговори на предизвикот.
Строго рестриктивни сценарија (црвено и портокалово)
Епидемиологот Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести во изјава за „Нова Македонија“ вели дека се согласува со Караџовски и додава дека во зависност од многу фактори и начинот на кој ќе се развиваат состојбите, властите би можеле да применуваат различни рестриктивни мерки, односно сценарија, кои подразбираат користење различни препораки за заштита од вирусот, од строго рестриктивни, комбинирани, па до послободни мерки за спречување на ширењето на болеста.
Според Стојанов, построгите сценарија условно именувани од колегите како црвено и портокалово, се сет мерки што најмногу личат на оние од времето на првиот бран на вирусот.
– Од почетокот кога се соочивме со вирусот, државата со полициски час го ограничи движењето, но не верувам дека во иднина ќе се практикува оваа мерка, бидејќи повратно придобивките од неа не се толку позитивни. Во порестриктивните сценарија би можеле да се очекуваат мерки што, на пример, ќе го ограничат времетраењето на работата на компаниите. На пример, во соседна Грција фирмите работат до 12 часот, а остатокот од денот се отворени единствено аптеките и болниците. Со сигурност би требало строго да бидат забранети концертите, како на пример оној во Хераклеја, и свадбите, погребите и семејните прослави – вели Стојанов.
Комбинирано сценарио (жолто и розово)
Епидемиологот се надева дека самодисциплината на граѓаните најмногу му помага на здравствениот систем, особено во пресрет на врвот, кога се очекува бројката на новозаболени сериозно да расте.
– Па, оттука, ако состојбите на терен се контролираат како на пример во моментов, тогаш се очекува и самите мерки да бидат полиберални, односно да бидат комбинирани. Имено, дополнително, ако во некој одреден регион или град се случи драстично зголемување на бројките, тогаш само таму ќе се воведат одредени мерки, кои на пример нема да важат во целата држава. Натаму, во одредени градови е можно да се препорача да се забрани јавниот превоз, а во други места да биде дозволен, бидејќи сето тоа ќе зависи од моменталната процена на состојбите – вели Стојанов.
Тој вели дека справувањето со состојбите е комплициран процес, на кој влијаат многу фактори, здравствени, економски и државни, а сето тоа е успешно само во оние услови каде што ќе се спроведат сценаријата, откако властите ќе направат најдобар баланс на мерките.