Потпретседателката на СДСМ и пратеничка Фросина Ременски очекува опозицијата да ги поддржи Предлог-измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Таа денеска најави дека сите предлози, вклучително и амандманите на опозицијата, ќе бидат разгледани.
– Предложените законски измени, во текот на оваа недела, ќе бидат на второ читање на надлежната Комисија за транспорт и врски, каде што ќе се разгледуваат сите предложени амандмани. Добро е што опозицијата даде мислење и конкретни предлози за овие законски измени, но добро ќе беше тоа да го стореа порано за да може сите тие предлози што беа поднесени од страна на опозицијата, исто така, да бидат дел од јавните дебати и трибини на што се дебатираше за законско решение, изјави Ременски.
Таа додаде дека се работи за еден од најдебатираните законски решенија и оти во дебатата биле вклучени сите чинители и субјекти на медиумската заедница.
– Со начинот на изборот на членовите на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис се обезбедуваат сите предуслови за професионални персонални решенија, без постоење на судир на интереси и политички влијанија. Членовите на овие тела ќе се бираат со двотретинско мнозинство, што е дополнителна гаранција дека целиме кон професионалност и целосна департизација на овие важни тела, рече Ременски.