Во врска со написот „Копчињата на униформите ја распуштија македонската гарда?!“, објавен на 8 март, со реакција се јави Министерството за одбрана, од каде што посочуваат дека не била точна констатацијата (без оглед што, како што велат, весникот ставил ограда) дека „грчката амбасада во Македонија, по извршена инспекција на нашите одбранбени сили, побарала македонската национална гарда да не биде построена при пречекот на грчкиот министер за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис, кога тој пристигнал во Македонија“.
– Армиската гарда може да биде вклучена во оддавање почест само по барање на министерот за одбрана, началникот на Генералштабот на Армијата, и на премиерот и претседателот на државата, односно при пречек на странски гости што се еквивалент на наведените државни функционери.
Од оваа информација јасно се гледа дека пречекот на гости во Министерството за внатрешни работи на ниту еден начин не е поврзан со Гардата на Армијата. За ваша информација, во рамките на МВР за такви намени постои почесен вод, кој исто така нема никаква врска со армиската гарда – се вели во реакцијата на Министерството за одбрана.


Одговор од Редакцијата

Водејќи се исклучиво од поширокиот јавен интерес и почитувајќи ги професионалните новинарски стандарди, „Нова Македонија“ ја обработува темата во која се пренесени повеќе извори, меѓу кои и ставот на МО, како и мислења на неколку експерти и професори од сферата на безбедноста, кои ги посочуваат нивните гледишта и искуства за третираната проблематика.
Затоа и не се концентрираме само на еден (последниот) случај туку се прави опсервација и на претходни примери, кои ги посочуваат соговорниците, што всушност е и суштината на професијата и аналитичкото новинарство преку можноста да се слушнат повеќе мислења по одредено прашање. Колку изнесените ставови некому му се допаѓаат или не, останува на судот на читателите и јавноста.