Првпат во историјата на Македонија како самостојна држава, командантот на почесната единица на АРМ, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на тогашниот претседател на Р Словенија, Милан Кучан, кој ја предводеше високата словенечка делегација. Настанот е обележан како историски бидејќи токму за таа пригода првпат беше построена почесната единица на Армијата на Република Македонија (АРМ) со македонското државно знаме, а на настанот, тогаш окарактеризиран како еден од оние со највисока форма и содржина, првпат беше интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија се раѓа“
На денешен ден три нешта првпат се случија во историјата на самостојна и суверена Македонија
„Нова Македонија“ во македонската национална колективна меморија останува запаметена како првиот македонски весник. Но „Нова Македонија“ е многу повеќе од тоа, нашиот весник е своевиден хроничар на македонската државност и историска меморија на македонската нација. Како доследни наследници на оваа традиција, наша задача е да ги потсетуваме денешните генерации, а истовремено да приложуваме и автентични сведоштва за идните генерации, за исклучителните настани од современата македонска историја.
Во едно време-невреме што има егзистенцијално значење за македонската држава и нација, пред точно 29 години се случи еден несекојдневен настан. Првпат во историјата на македонската нација и современата македонска држава беше пречекана странска државна делегација, со највисоки протоколарни почести. Датумот останува запаметен како датум кога првпат при пречек на странска делегација се интонира македонската химна „Денес над Македонија“, кога првпат при пречек на висок странски државник е построена почесната единица на Армијата на Република Македонија, кога првпат свечено е развиорено македонското државно знаме и кога првпат еден македонски офицер – командант на почесната единица, му рапортира на македонски јазик на претседател на странска држава.
Ако земеме предвид дека вооружените единици на ЈНА сѐ уште се наоѓаа на територијата на Македонија и кога постоеше одредена колебливост кај одредени македонски офицери на ЈНА, ситуацијата беше критична и круцијална за иднината на Македонија. За сериозноста на ситуацијата сведочат и зборовите на Митре Арсовски – тогашниот началник на Штабот на Третата армија на ЈНА, упатени кон претседателот Киро Глигоров: „Знаете, претседателе, како е, тоа е сега многу опасно…“ Од денешна перспектива, протоколарната свеченост од 17 март 1992 година може да се определи како пркос, како манифестација дека Македонија не се откажува од својата независност кон сите оние што беа (а и ден-денес ги има такви) нерешителни или се противеа на македонската државност.
Меѓу малкутемина што покажаа решителност и ја почувствуваа тежината на овој историски момент, може да се вброи тогашниот полковник Стефан Лазаревски. Тој е човекот што во функција на војнички непоколебливо изразување државност, со демонстрација на државните симболи и темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, преку оформувањето и обучувањето на првата почесна единица на Армијата на Република Македонија, во својство на македонски офицер што командува со единицата, првпат поднесе рапорт на македонски јазик. Весникот „Нова Македонија“ како хроничар на македонската државност имаше чест да стапи во контакт со господинот Лазаревски, кој од прва рака ни пренесе автентични сведоштва за споменатиот настан.
Оваа егзистенцијална сложеност за македонската независност го затекнала Стефан Лазаревски како помошник на началникот на Штабот на разузнавачките работи на ТО на Република Македонија. На господинот Лазаревски како воен старешина на ЈНА му било понудено да се дислоцира на територијата на Србија каде што требало да ја продолжи воената кариера, но тој одбил со зборовите: „Секоја птица си лета кон сопственото јато“, потврдувајќи дека останува во редовите на македонската армија.
Споменатиот период се одликува со голема деликатност, тешкотии и искушенија. На 21 јануари 1992 година, македонското собрание го усвојува Законот за одбрана и македонската влада одлучува да ги прифати старешините на ЈНА што ќе се ангажираат во системот на одбраната на Македонија, а меѓу нив бил и полковникот Стефан Лазаревски. Истовремено се воделе преговори на највисоко ниво за повлекувањето на тогашната ЈНА од македонската територија. Генералот Благое Аџиќ, како вршител на должност сојузен секретар за одбрана, пристигнува во Скопје.
Во текот на овие разговори се постигнува договор, според кој, Македонија ја презема контролата врз целата своја територија со сопствена војска. Било предвидено заминувањето на ЈНА од Македонија да заврши заклучно со 15 април 1992 година. Македонските војници во составот на ЈНА требало да се демобилизираат до крајот на април, а офицерите можеле да изберат дали ќе останат во рамките на дотогашните служби или ќе се вклучат во одбранбениот систем на Македонија. Договорот беше објавен во весникот „Нова Македонија“ на 22 февруари 1992 година, а последниот војник на ЈНА си заминува од Македонија на 27 март 1992 година.
Во оваа сложена ситуација, Стефан Лазаревски ја гледал својата иднина единствено во Армијата на Република Македонија. Во почетокот на март 1992 година, Лазаревски, како офицер што е решен да учествува во создавањето на македонската армија, добива наредба да ја создаде првата единица за почести на Армијата на Република Македонија, која требало свечено да го пречека Милан Кучан, претседателот на Словенија.
Наредбата била тешка и сложена ако се земе предвид сведоштвото на Лазаревски, според кого, армијата сѐ уште не била пополнета, немало униформи, оружје и опрема. Требало да се најдат војници, оружје, па дури и сабја за свечениот пречек. Полковник Лазаревски, извршувајќи ја задачата, бил во тогашните фабрики „Рудници и железарница – Скопје“ и ФАС „11 Октомври“, бидејќи му биле потребни околу 800 луѓе, припадници на тогашната Територијална одбрана (ТО) на Македонија.
За неполни десет дена, според сеќавањата на полковник Лазаревски, од овие работници требало да се направи елитна гардиска единица. Со сѐ уште присутно чувство на гордост и војничка чест, полковникот се присеќава на секојдневните неуморни физички вежби и подготовки, строева обука, став, движење, команди итн. Тој потврдува дека бил длабоко свесен за сериозноста на задачата бидејќи првпат треба јавно да се покаже дека постои Армија на Република Македонија (АРМ), а тој како македонски офицер да рапортира како командант на елитна единица за почести на македонски јазик, преку кој се идентификува постоењето на македонскиот народ и држава. Не случајно, полковникот Лазаревски вели дека одговорноста била огромна.
Колку и да звучи чудно, еден од најголемите проблеми со кои се соочил овој наш офицер во текот на неговата задача била неопходноста од сабја. Заминал во касарната „Илинден“ бидејќи знаел дека таму има сабја за свечен пречек, но и таа била однесена од единиците на ЈНА. На крајот, се обратиле до колекционерот Блашко Димов, кој им излегол во пресрет. Откако биле обезбедени униформите со натписите на АРМ, оружјето и свечената сабја, била организирана генералната проба на која присуствувале претседателот Киро Глигоров и генералот Томислав Трајчевски.
За протоколарната свеченост, која останува запаметена како пркос кон противниците на македонската независност, господинот Лазаревски вели: „Делегацијата од Република Словенија пристигна на 17 март 1992 година и беше пречекана со највисоки почести. Датумот останува забележан како датум кога првпат при пречек на странска делегација се интонира химната „Денес над Македонија се раѓа“, првпат при пречек на странски државник се постројува почесната единица на АРМ, се вее македонското знаме, а јас бев првиот македонски офицер, командант на почесна единица, кој на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава“.
Зборовите на Стефан Лазаревски се сведоштво дека во моментите кога државата и нацијата се соочуваат со големи тешкотии и искушенија, само значителна работа и напор, пожртвуваност и љубов кон татковината се нештата што водат кон наша држава во вистинска смисла на зборот. Тој вели дека конституирањето на македонската држава како самостојна и суверена е дело на многу наши предци и генерации, кои биле одговорни пред себе и пред генерациите што треба да дојдат.
И неговата генерација и самиот тој, како што вели, ја презеле одговорноста тогаш, а и потоа, за иднината на македонската земја, која ја гледал како национална држава, во која се гарантираат малцинските колективни права и правата на индивидуата, каде што има социјална правда и економска благосостојба и во која владеењето на правото е темелна вредност што апсолутно се почитува. Затоа и сегашните помлади генерации, а особено лидерите, како што подвлекува Лазаревски, треба да ја преземат одговорноста за сегашноста и иднината на својата татковина, имајќи ги секогаш пред очи заложбите, жртвите и посветеноста на своите предци за да дојде до создавање на самостојна и суверена држава Македонија и зачувување и развој на изворните историски вредности и принципи на постоењето на еден народ, територија, јазик и историја.