Секоја година голем интерес има за гимназиско образование, но во последните години се популаризира и средното стручно образование, за кое се организираат и отворени денови и кампањи за поблиско запознавање со насоките и наставата

УЧИЛИШТАТА ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ СЕ ПОДГОТВУВААТ ЗА ПРЕТСТОЈНИТЕ УПИСИ

И годинава учениците од деветто одделение ќе се запишуваат во средно училиште, почитувајќи ги протоколите за заштита од коронавирусот. Документите за упис, на пример, во гимназијата „Јосип Броз Тито“ ќе се поднесуваат по азбучен ред, а за термините родителите ќе бидат известени на веб-страницата на училиштето.
Секоја година голем интерес има за гимназиско образование, но во последните години се популаризира и средното стручно образование. Ако во некое училиште во државата се случи да има повеќе пријавени кандидати отколку што има слободни места, учениците со ист број поени ќе полагаат квалификациско тестирање.
– Кај нас има паралелки на македонски наставен јазик, паралелки на турски јазик, германска специјална паралелка со шест часа неделно германски. На веб-страницата на училиштето ќе има објавено од колку до колку часот, според азбучен ред, ќе треба да дојде родител/ученик да поднесе документи. Тоа се покажа како добра пракса од минатата година, за да не се создаваат метежи и за да се испечатуваат протоколите. Лани имавме и редари, имавме два влеза и бевме добро организирани. Во нашето училиште, бројката на пријавени ученици се движи во рамките на бројот на слободни места. Запишуваме 10 паралелки по 34 ученици и две паралелки на турски јазик. Да се надеваме дека ќе нема квалификациски тест – вели Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Како што објаснува таа, ако има двајца ученици со ист број поени, а се надвор од ранг-листата, тогаш само тие двајца ќе се тестираат.

– Секоја децимала прави разлика. Ако на пример, 340-от ученик на списокот има 66 поени и 341-от има 66 поени, само тие двајца ќе се тестираат. Освоените дипломи го менуваат рангот. Никогаш не се случило сите пријавени да се со просек 5,00. Лани од 340 ученици, 250 беа со сите петки. Одличните ученици со сите петки се запишуваат во „Раде Јовчевски Корчагин“, кај нас, во „Орце Николов“, во „Ѓорѓи Димитров“ и во „Никола Карев“ – додава директорката.
Во средните стручни училишта, како дел од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, се одржуваат отворени денови во стручните училишта. Во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, присутните ученици имаа можност одблизу да се запознаат со работата на училиштето.
– Целта на овие активности е учениците и наставниците да ги промовираат наставните програми, да се покаже сработеното и, секако, да се информираат идните средношколци за условите за упис, како и за можностите што им се нудат со средното стручно образование. Имаме место за 646 нови ученици во насоките – медицинска сестра, забен техничар, фармацевтски техничар, медицински лабораториски санитарен техничар, физиотерапевтски техничар и новата насока – гинеколошко-акушерска сестра. Дополнително за учениците од трета година се воведува нова дуална паралелка заедно со „Алкалоид“ АД, во која учениците ќе се образуваат по нови наставни програми адаптирани за стекнување знаења и вештини во фармацевтската индустрија и, секако, можност за вработување веднаш по завршувањето – информира Маја Салиу, директорката на училиштето.

Уписните рокови се од 14 до 17 јуни. Се очекува како и секогаш интересот да биде голем, а не се исклучува можноста за приемни испити по биологија и хемија.
Димитар Ѓорѓиев од училиштето „Михајло Пупин“ вели дека во последните години расте бројот на ученици што се запишуваат во ова училиште, заради добрите услови и можности што се нудат во текот на образованието.
– Кај нас секоја година најголем интерес има за насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика, па годинава ќе имаме четири паралелки за оваа струка. Освен тоа, кај нас ги има и насоките електротехничар за електроника и комуникации, електротехничар енергетичар, електричар електромонтер на електроенергетски мрежи и електромеханичар – вели директорот.