Најновата резолуција на Комитетот на министрите на Советот на Европа ѝ наложува на Бугарија да ги имплементира во својот правен поредок правата на Македонците слободно да се здружуваат во невладини и партиски организации, притоа слободно да ја изразуваат својата етничка припадност како Македонци.
Непочитувањето на овие образувачки препораки може да има сериозни последици врз Бугарија поради кршење на основните човекови права. Голем срам за нас Македонците ќе биде ако некоја друга земја поведе постапка за да ги заштити Македонците од Пиринскиот дел на Македонија, а не државата Македонија, вели Тони Менкиновски, адвокат што има застапувано повеќе предмети на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права
НА РАСПОЛАГАЊЕ ИМАМЕ МОЌНА АЛАТКА ЗА ЗАШТИТА НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Комплексниот контекст на македонско-бугарските односи, (особено нагласен во текот на последниов месец, кога Македонија ја очекува преговарачката рамка за ЕУ, што Бугарија ја проблематизира со свои услови), добива нов прилог по објавувањето на привремена резолуција РесДХ (2020) 197 на Комитетот на министрите на Советот на Европа, за обврските што треба да ги преземе Бугарија. Оваа резолуција се однесува на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено пресудата „Обединетата македонска организација Илинден и другите групи против Бугарија“, со која се повикуваат бугарските власти да овозможат секое ново барање за регистрација на „ОМО Илинден“ или здруженија слични на „ОМО Илинден“ да се разгледаат во целосна согласност со членот 11 од конвенцијата, односно да се дозволи нивна регистрација.
Познато е дека Бугарија има повеќе пресуди низ годините од Европскиот суд за човекови права, со кои се задолжува да овозможи регистрација на македонските здруженија, преку кои Македонците, главно од Пиринскиот дел на Македонија, ќе можат слободно етнички да се декларираат. Но исто така е познато дека Бугарија на разни начини избегнува да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, па дури има изразено и подготвеност да исплати казни за нивно неспроведување, но да не ги регистрира македонските здруженија и Македонците како етникум на својата државна територија. Овие познати примери, на некој начин и овој пат создаваат резерва во однос на обврзувачката моќ на последната резолуција.
– Постапувањето по пресудите на Европскиот суд за човекови права е задолжително и консеквенците за нивно непочитување би требало да бидат големи. Но во случајот со пресудите со кои Бугарија се задолжува да овозможи регистрација на македонските здруженија, речиси никогаш не дошло до консеквенции, затоа што обично ќе направат некоја законска измена (во која сепак се поставува некој невозможен услов), но пред Судот прикажуваат дека наводно пристапиле кон извршување на пресудата. Дел од тие предмети се третираат и како континуирана повреда на човековите права. Но најновата резолуција на Комитетот на министри на Советот на Европа (тело што го контролира извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права), е многу важна зашто го констатира таквото однесување на Бугарија и претставува добар притисок во интерес на македонските здруженија. Досегашното однесување на Бугарија претставува минимизирање на пресудите на Судот за човекови права – вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права.
Со Привремената резолуција, Бугарија е повикана да донесе законодавни или други соодветни мерки за да ѝ гарантираат на агенцијата за регистрација поширока и поефикасна обврска да ги упатува здруженијата да ги коригираат досиејата за регистрација, секогаш кога тоа е објективно можно, за да се усогласи практиката на агенцијата за строго спроведување на формалните барања со ефективното остварување на правото на слобода на здружување.
Исто така, Советот на Европа ги повикува властите на Бугарија да пренесат порака и да продолжат со напорите за издигнување на јавната свест дека здруженијата што имаат цел да го добијат „признавањето на македонското малцинство во Бугарија“ не смеат да бидат одбиени да се регистрираат врз основа на целите на здруженија и средствата за нивно спроведување, што е во спротивност со пресудите на Европскиот суд за човекови права во овие случаи, и дека овие здруженија не треба да бидат предмет на постапка за распуштање од слични причини.
Комитетот на министрите ги повикува „властите на Бугарија да ја финализираат својата работа за дополнување на упатствата за матичарите за да ги покријат прашањата што се дискутираат во оваа група случаи, како и да подготват упатства за здруженија наменети за корисниците и да се осигурат дека Агенцијата за регистрација сеопфатно ги идентификува недостатоците на досието за регистрација, како што наложува националното законодавство, за да им овозможи на здруженијата брзо да достават досие за регистрација што ги исполнува сите законски услови“.
Комитетот на министрите одлучи да продолжи со разгледување на оваа група случаи најдоцна на состанокот закажан за јуни наредната година.
Тони Менкиновски, адвокат што има застапувано повеќе предмети на македонските здруженија од Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, вели дека оваа резолуција на Советот на Европа претставува моќна алатка за Македонија, со која би можела и да ја исклучи Бугарија од Советот на Европа поради кршење на основните човекови права.
– Во наведениов случај, Бугарија има обврска во согласност со протоколот 14 од Европската конвенција за човекови права да ги исполни во целост пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Тоа значи дека Бугарија мора да ги имплементира во својот правен поредок правата на Македонците слободно да се здружуваат во невладини и партиски организации, притоа слободно да ја изразуваат својата етничка припадност како Македонци. Резолуцијата на Советот на Европа е многу важна и од аспект на членот 33 од Европската конвенција, каде што секоја договорна страна (а вкупно се 47) може да поведе постапка против Бугарија за неисполнување на актите на Советот на Европа и пресудите на Судот во Стразбур.
Значи, Македонија има алатка во своите раце, со која може да ја исклучи Бугарија од Советот на Европа поради кршење на основните човекови права. Голем срам за нас Македонците ќе биде ако некоја друга земја поведе постапка за да ги заштити Македонците од Пиринскиот дел на Македонија, а не државата Македонија – вели адвокатот Тони Менкиновски.