И ПОКРАЈ ОЛАБАВУВАЊЕТО НА МЕРКИТЕ, МАСКИ И ПОНАТАМУ СЕ НОСАТ НА ОТВОРЕНО
Веќе една недела во сила се олабавените мерки во однос на пандемијата на ковид-19, вклучувајќи ја и мерката за укинување на носењето заштитни маски на отворено, но и редица други олеснувања. Во последните 24 часа, во согласност со податоците од Институтот за јавно здравје, направени се 1.375 тестирања, а регистриран е само 1 нов случај на ковид-19 од Куманово, што е индикатор дека пандемијата полека спласнува и го губи здивот. Сепак, и покрај ваквите сигнали, во согласност со онаа народната стравот лозјето го чува, граѓаните тешко се откажуваат од стекнатите навики кога станува збор за мерките против вирусот. Стравот од пандемијата не им дозволува на граѓаните да се опуштат и тој сѐ уште длабоко е присутен кај многумина. Имено, наспроти олабавувањето на мерките, продолжуваат да се носат маските, кои останаа како декор и на отворено, што е показател дека стравот од непредвидливоста на вирусот сѐ уште постои.
И покрај владината мерка повеќе да не се носат маски на отворено, сепак гледам многу луѓе со маски. Вчера пеш се враќав од работа и забележав дека речиси 70 отсто носеа маски. Евидентно е дека луѓето се навикнаа на маските и не можат да се осмелат да ги извадат, од страв дека ќе се заразат. Опасноста не е помината и со право се плашат, кога уште се зборува за новозаразени. Просто се плашат да бидат помеѓу поголем број луѓе и очигледно е дека се многу претпазливи, внимателни и држат растојание еден од друг – вели Михајло Серафимовски, вработен во угостителски објект.
Веројатно ќе има и такви што ќе се плашат да бидат дел од настани на отворено.
И јас сѐ уште носам маска на отворено, иако не треба повеќе да се носи. Живеењето во постојан страв повеќе од година и пол не може толку лесно и брзо да се заборави. Сѐ уште има новозаразни и луѓе што умираат од ковид и дури и да има еден починат, уште ништо не поминало. Особено страшно е сѐ уште за старите луѓе и не можеме да зборуваме за постпандемија. Можеби треба да помине повеќе од еден месец и никој да не умре од коронавирусот и да нема ниту еден заразен, па можеби тогаш луѓето полека ќе престанат да се плашат, како што беше за грипот, почнаа луѓето да се вакцинираат и престанаа да се плашат. Животот нема да биде како претходно и не може да биде како претходно. Сѐ го менува животот, војна, инфлација, пандемија, и луѓето поминуваат низ многу нешта. Како што никогаш нема да имаме 20 година и не треба да имаме, сето тоа е нормално, затоа никогаш ништо нема да биде исто. Така и во овој случај со пандемијата промената беше катастрофална, се изгубија многу животи, но и многу работи научивме, научивме и колку можеме да ги растегнеме силите, научивме да работиме онлајн, да ги гледаме своите блиски. Ќе помине стравот, но повеќе ќе ги цениме некои нешта – објаснува психологот Мирјана Јовановска Стојановска.