Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе учествува на основачкиот самит на кримската платформа, во Киев, Украина. Кримската платформа е иницијатива на Украина, за обединување на меѓународните напори за состојбите околу Крим.

На настанот ќе присуствуваат претставници на повеќе од четириесет земји, меѓу кои голем број земји членки на ЕУ и НАТО, кои ќе бидат претставени на високо ниво вклучително и девет претседатели, неколку премиери како и министри за надворешни работи.


Пендаровски во посета на Украина

Претседателот Стево Пендаровски, од денеска до среда ќе престојува во работна посета на Украина, во чии рамки ќе учествува на одбележувањето на 30-годишнината од независноста на земјата.

Утре, Пендаровски ќе присуствува на централниот настан по повод 30-годишнината од независноста на Украина кој ќе се одржи на плоштадот на независноста во Киев, и на кој ќе се обрати украинскиот претседател Владимир Зеленски, по што ќе следи и празнична парада на вооружените сили на Украина.

Во рамки на работната посета, Пендаровски ќе оствари билатерална средба со Зеленски, а на маргините на посетата, предвидена е и средба и со Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет.

На прославата на 30-годишнината од независноста на Украина којашто се одржува под слоганот „Ти си моја единствена“ е предвидено присуство на повеќе од четириесетина делегации од земји и меѓународни организации.