Употребата на нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИД), како што се ибупрофенот и диклофенакот, нема никакви негативни ефекти. Со оглед на доказите, нема причина да се повлече добро дефинираната употреба на НСАИД за време на пандемијата на САРС-КоВ-2. Но, секако, да се имаат предвид досега познатите негативни ефекти на НСАИД, особено бубрежните, гастроинтестиналните и кардиоваскуларните ефекти
Студија во врска со лекување на ковид-19 со нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИД)
На почетокот од пандемијата на коронавирусот лекарите беа во дилема за можното користење на ибупрофенот, кој спаѓа во групата нестероидни антифламаторни лекови, а кој од одредени медицински кругови беше посочуван како ефикасен во борбата против болеста што го преплави светот. Сепак, паралелно со тоа, од повеќе медицински центри беше изразена загриженост дека ибупрофенот против болка може да го влоши ковид-19.
Ваквиот развој на настаните ги мотивира истражувачите да ги анализираат болничките записи на 9.326 Данци со ковид-19, од кои 248 земале вакви лекови (односно т.н. НСАИД).
Резултатот на ова истражување, за кое подолга сторија објави американскиот портал „Сајенс дејли“, е дека тие не откриле никаква разлика во сериозноста на симптомите.
Употребата на нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИД), како што се ибупрофенот и диклофенакот, не е поврзана со никакви негативни ефекти кај оние што биле позитивно тестирани и на ковид-19. Ова се резултатите од студијата на Антон Потегард од Универзитетот во Јужна Данска и на колегите од Универзитетската болница во Архус, како и од Данската агенција за лекови, објавени во реномираниот медицински неделник „ПЛОС медисин“, во бројот од 8 септември.
За време на раната фаза од пандемијата се стравуваше дека употребата на лекот против болки, ибупрофен, би можел да ја влоши состојбата кај лицата што страдаат од ковид-19. Бидејќи е широко распространета употребата на ибупрофен и на други нестероидни антиинфламаторни лекови, се наложи потребата да се провери за што станува збор.
Во новата студија, истражувачите ги собрале податоците за сите Данци што во периодот меѓу 27 февруари и 29 април имале позитивен тест за САРС-КоВ-2. Притоа беа детално анализирани податоците за употреба на НСАИД, смртноста, хоспитализацијата, механичката вентилација и акутните бубрежни терапии. Во тој период, 248 пациенти користеле лекови НСАИД.
Истражувачите не откриле поврзаност помеѓу каков било исход и употребата на НСАИД. Починале 6,3 проценти од пациентите позитивни на коронавирус што користеле лекови против болки, 24,5 проценти биле хоспитализирани, а 4,9 проценти биле примени во Одделението за интензивна нега. Овие проценти се многу слични на оние забележани кај пациенти без терапија со НСАИД: 6,1, 21,2 и 4,7 проценти.
– Со оглед на доказите, нема причина да се повлече добро дефинираната употреба на НСАИД за време на пандемијата на САРС-КоВ-2 – велат авторите.
– Меѓутоа, секогаш треба да се земат предвид добро утврдените негативни ефекти на НСАИД, особено нивните бубрежни, гастроинтестинални и кардиоваскуларни ефекти, а сите пациенти треба да ги користат НСАИД-лековите во најниска можна доза и во најкраток можен рок – пишува „Сајенс дејли“.