Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, е убедена дека во земјава има материјал за американската „црна листа“. Откога десетици поединци и организации низ Европа, меѓу кои и група контроверзни бизнисмени, Срби од северно Косово, и компании поврзани со нив, со седишта во Србија, Косово, Хрватска и во Бугарија, се најдоа на „црната листа“ на Секретаријатот за финансии на Соединетите Американски Држави, домашната јавност сѐ почесто се интересира дали и некој во Македонија би можел да се најде на удар на американската администрација
Санкции на САД кон поединци, компании и организации, кои преку организиран криминал и корупција вршат политичко влијание
Откога десетици поединци и организации низ Европа, меѓу кои и група контроверзни бизнисмени, Срби од северно Косово, и компании поврзани со нив, со седишта во Србија, Косово, Хрватска и во Бугарија, се најдоа на „црната листа“ на Секретаријатот за финансии на Соединетите Американски Држави, домашната јавност сѐ почесто се интересира дали и некој во Македонија би можел да се најде на удар на американската администрација. Станува збор за проширениот опсег на санкции што Вашингтон претходно, од 2001 година, ги применуваше кон поединци од Западен Балкан, така што, според веќе познатата одлука на новиот претседател Џо Бајден, тие сега се однесуваат и на поединци, компании и организации, кои преку организиран криминал и корупција вршат политичко влијание и директно ги загрозуваат демократските процеси и функционирањето на државите, сојузници и партнери на САД, а со тоа и нивните интереси.
– Корупцијата им нанесува директна штета на надворешната политика, националната безбедност и на економското здравје на САД и на нашите сојузници и партнери. Затоа сме решителни да промовираме одговорност и да се бориме против неказнивоста на оние што се инволвирани во значителната корупција на Западен Балкан и во светот – објасни пред некој ден американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Акцијата на САД доби поддршка и од Европската Унија.
Високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја оцени како „важен чекор против организираниот криминал на Западен Балкан“ одлуката на САД да стави на листата на санкции повеќе лица од северот на Косово, меѓу кои и водечките личности од Српската листа.
– Разбивањето на транснационалните криминални мрежи придонесува кон безбедноста, стабилноста и унапредувањето на владеењето на правото во целиот регион. ЕУ е во целост ангажирана на остварувањето на оваа заедничка цел – објави Борел на Твитер.
Веднаш потоа, Габриел Ескобар, заменик на помошник-државниот секретар и специјален претставник за Западен Балкан на САД, објави дека „нови санкции се на маса“, но без да ги наведе имињата на новите кандидати за „црната листа“.
– Не сакам да зборувам однапред за нашите санкции, но ќе ги има уште на Западен Балкан – изјави тој минатиот викенд, при престојот во Албанија.
По ваквата решителност на САД и согласност на ЕУ, како и сите претходни укажувања за високото ниво на корупцијата во Македонија, претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, е убедена дека и во земјава има материјал за американската „црна листа“.
– Досега никој од американската администрација не контактирал со нас директно во однос на тоа. Но ние секоја година во август, за потребите на Стејт департментот, до американската амбасада доставуваме краток опис на состојбата со имотните листи на функционерите и на предметите што ги водиме, а дали токму тие се користат во конкретниов случај, не би можела да кажам. Можам да кажам дека ние секогаш, како прв и најважен фактор на ризик ја потенцираме корупцијата поради политичкото влијание и затоа веќе и претпоставувам кој сѐ од земјава би можел да се најде на листата. Особено затоа што кај нас сѐ уште силно се присутни и сите други фактори врз кои таквата корупција се потпира, а тоа се неказнивоста, отсуството на интегритет, злоупотребата на дискрециските права и, се разбира, нетранспарентноста – објаснува претседателката на Државната изборна комисија, Билјана Ивановска.
Сепак, не сите сметаат дека димензиите на коруптивните активности во Македонија, во моментов, се толку големи што би можеле директно да им наштетат на интересите на САД.
– Несомнени се забелешките за високиот степен на корупцијата кај нас, меѓутоа мислам дека листите на американската администрација одат во насока на лоцирање личности што создаваат суштинска корупција, директно загрозувајќи ги владеењето на правото, демократските процеси и основните функции на државата. Од тој аспект не гледам многу простор за таква интервенција и кај нас, иако морам да кажам дека нивните методологии не ми се докрај познати. Факт е дека имаме корупција, која постојано ја влече државата надолу, но таа повеќе е економски мотивирана отколку политички, во смисла на некакво позиционирање на државата во регионот и пошироко, што, во крајна линија, би можело да им пречи на некакви американски регионални или геостратегиски интереси. Сепак, не би го игнорирал процесот, бидејќи доколку наскоро не направиме некаков значителен прогрес, мислам дека некои луѓе од кај нас би можеле да се најдат на листата – смета поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски.
Инаку, двајца од косовските бизнисмени што се најдоа на „црната листа“ се сметаат за блиски со владејачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а еден е и висок претставник на Српската листа – главната политичка сила на Србите во Косово.
По сето тоа, некои од српските аналитичари изразуваат скептицизам во однос на способноста на САД „да опстојат на позицијата на планетарниот полицаец“ и „да го дисциплинираат Балканот“, додека „сѐ уште ги гаснат пожарите од својот ангажман во борбата против тероризмот“. Другиот дел смета дека „фокусот на американската акција е насочен кон овој простор за конечно да се сузбие руското влијание за чие присуство се осомничени токму српските земји“. Д.М.М.