Фото: Игор Бансколиев

Ако по утрото се познава денот, тогаш пописот уште непочнат го очекуваат сериозни премрежиња и искричења, од кои веројатно најголемиот дел е од политичка природа. Она што сега се поставува како прашање е како ќе се дојде до релевантни податоци од пописот ако ниту двајцата први луѓе на ДЗС не може уште на почетокот да постигнат согласност за толкувањето на Законот и методологијата за пописот, а не, пак, подоцна за резултатите. Смее ли Македонија како држава да си дозволи евентуално ново фијаско, штелување на пописните резултати по етнички клуч и каде ќе нѐ одведе тоа

РАЗНОГЛАСИЕТО НА ПРВИТЕ ЛУЃЕ НА ДЗС ГО ПОТКОПУВА ИНТЕГРИТЕТОТ НА ПОПИСОТ

Различното толкување на Законот и методологијата за спроведување на пописот од страна на директорот на Државниот завод за статистика и неговиот заменик уште во стартот промовира разногласие и контратези кај првите луѓе, кои се и најодговорни за спроведување на пописот, што, од друга страна, создава недоумица и сомнеж врз перцепцијата на граѓаните за успешноста, кредибилитетот и релевантноста на целата оваа статистичка операција. Како што вели народот, ако по утрото се познава денот, тогаш пописот уште непочнат го очекуваат сериозни премрежиња и искричења, од кои веројатно најголем дел и од политичка природа.
Имено, недоразбирањата меѓу првите луѓе на статистика се јавија за толкувањето на членот 8 од Законот за попис, во кој се наведува дека за државјаните на земјава што се на привремена работа или престој во странство информациите ги дава полнолетно лице на кое најмногу му се познати, при што ги дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот.
Од друга страна, во методологијата не е прецизно наведено дали лицето што дава информации за друго лице што е во странство може да кажува каква е неговата етничка или верска определба или, пак, станува збор исклучиво за лично чувство, кое поединецот мора самиот да го соопшти.
– Припадноста кон етничка заедница се дефинира како чувство на припадност на лицето… Граѓаните можат слободно и јавно да ги изразуваат своите верски и духовни верувања. Лицето што се попишува може по сопствена волја да даде одговор на ова прашање, независно дали е запишано во книгата на припадниците на некоја вероисповед – се наведува во методологијата во делот на етнокултурните карактеристики.

Толкувањето на директорот Симовски беше дека кога некое лице дава податоци за друго лице не може да се даде одговор на прашања за кои се бара исклучиво лично изјаснување. Спротивен став има неговиот заменик, кој со својот врзан потпис исто така е надлежен да ги верификува резултатите од пописот по неговото завршување.
– Што сакал да каже директорот не знам, најдобро знае тој. Само знам дека тоа што го кажал е грешка, и тоа од две причини. Такво нешто не е предвидено ниту со Законот, ниту со методологијата. Законската одредба е општа и вели дека ќе даде податоци што се однесуваат на лица што се надвор. Ги вклучува сите податоци од матичниот број и сѐ друго што се однесува на пописот – реагираше заменик-директорот на ДЗС, Иљми Селами.
Она што сега се поставува како прашање е како ќе се дојде до релевантни податоци од пописот ако ниту двајцата први луѓе на ДЗС не може уште на почетокот да постигнат согласност за толкувањето на Законот и методологијата за пописот, а не, пак, подоцна за резултатите.
Од друга страна, интервенцијата на Селами добива етнички и верски карактер, со што на некој начин ги потврдува тезите дека зад целата операција можеби се крие интенција за штелување на бројките на Албанците како малцинска етничка заедница во државата.
Реакции стигнуваат и од нашинци што престојуваат во странство, кои повикуваат на бојкот токму поради сомнеж за веродостојноста на пописот и штелувањето на етничките проценти.

Она што сега се наметнува како дилема е дали како држава Македонија смее да си дозволи етнички наштиман и нелегален попис, а уште повеќе дали смее да си дозволи луксуз од ново фијаско и непотребно трошење пари.
– Не може да се избегне перцепцијата дека наместо статистичка, пописот повторно станува политичка операција. Дополнително се поставува и прашањето дали е само тоа перцепција или, пак, станува збор за свесно внесување хаос во кој ќе може да се манипулира со бројките – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.
Според неа, впечатокот на граѓаните добива веќе многу силни основи дека може да дојде до свесни и несвесни или сакани или несакани изместувања на реалните бројки.
– Во методологијата дефинитивно има многу недоречени елементи, кои може да се толкуваат на различен начин и автоматски во слични или исти ситуации различно да попишуваат попишувачите – појаснува Најчевска.
Таа додава дека и без зла намера може да се направат промашувања со ваков вид методологија.
– Дефинитивно беше потребна многу попрецизна методологија за да се избегнат овие работи – истакнува Најчевска.
Сличен став има и Солза Грчева, политичка аналитичарка, според која во вакви услови на разногласие најдобро би било пописот да се одложи.
– Направија да има врзани потписи меѓу директорот и заменик-директорот на ДЗС и сега тие не се согласуваат. Во што да веруваат граѓаните? Најдобро е да го одложат пописот и да поработат на довербата, а довербата се стекнува во кредибилен процес на пописот – смета Грчева.
Според неа, самиот Закон за попис има многу недостатоци и дозволува разни манипулации.

– Јас разбирам зошто има разногласие меѓу првите луѓе на ДЗС, но тоа е помалку важно. Разногласието е помеѓу луѓето, тие немаат доверба во ваков попис. Замислете, оние што треба да се главни во овој процес, самите не се согласуваат едни со други. Не може ниту образовни реформи ниту попис да се направат прекуноќ. Сето тоа треба да ферментира за да направиме најдобар можен закон со сите заштити, а не да ни личи на изборен процес, кој секогаш е фалсификат. Луѓето немаат доверба во ваков попис – категорична е Грчева.