Преполовениот капацитет во градинките поради состојбата со пандемијатa на ковид-19 на многу родители не им остави друга можност туку за чување на своите деца да ангажираат дадилка во својот дом. И додека социјалните мрежи се преплавени со барања за дадилка, се чини како барателите, но и оние што сакаат да ја работат оваа работа, како да ја згрешиле адресата.
Интерес за ваква работа сѐ повеќе жени покажуваат на социјалните мрежи, но не и на вистинското место, во Министерството за труд и социјална политика, каде што може да се јават за обука со теоретски и практичен дел и, откако ќе ја поминат обуката, да добијат лиценца. Обуките и полагањето ги спроведува Министерството, а заинтересираните кандидати уплаќаат за обуката, која не чини многу пари. Во согласност со одредбите од Законот за заштита на децата, ако некој не поседува соодветна лиценца, прави прекршок, за кој е предвидена глоба во износ од 150 до 200 евра во денарска противвредност, кој не исклучува поведување прекршочна и кривична одговорност.
– За жал, интерес за добивање лиценца од страна на физичко лице за згрижување деца, во моментов нема, иако пред неколку години Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Европската Унија и проектот „Унапредување на алтернативните услуги за згрижување деца“, беа лиценцирани повеќе од 30 лица, за кои беше обезбедена и соодветна опрема, но не поднесоа барање за почнување со работа. Згрижувањето и воспитанието на децата од предучилишна возраст може да се врши во домот на родителите на детето, во домот на физичкото лице или во друг соодветен станбен/деловен простор што ги исполнува условите во согласност со законот.
Физичко лице може самостојно да врши одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца, како професионална дејност за организирање и остварување на згрижување или престој, нега и исхрана на деца од предучилишна возраст до шест години, односно до поаѓање во основно училиште и деца на возраст до десет години, најмногу до пет деца и не помалку од два часа дневно – објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Оттаму дефинираат дека лиценца се стекнува по поднесено барање од страна на кандидатот, со сите потребни документи во прилог и уплатница од 450 денари до Комисијата за лиценцирање при Министерството за труд и социјална политика. Доколку има интерес дадилката да го чува детето во својот дом, и тоа е дозволено, но мора да исполнува одредени услови во согласност со законот. Најпрвин мора да обезбеди просторија каде што ќе престојува детето, треба да има површина од најмалку 15 квадратни метри, а просториите во кои ќе се одвиваат активностите со децата треба да се функционално поврзани и одвоени од просториите што ги користи семејството.
– Физичкото лице не може да врши одредени работи во сопствениот дом доколку во семејството има член што е болен од неизлечива заразна болест, зависник од дрога или друга психотропна супстанција или злоупотреба на алкохол, или доколку на возрасен член на семејството му е одземено или ограничено родителското право. Секое физичко лице што самостојно врши одредени работи од дејноста згрижување и воспитание на деца како професионална дејност задолжително треба да поседува важечка лиценца за негувател и решение за вршење одредени работи од дејноста. Поблиските услови и критериуми и начинот на вршење на работите ги пропишува министерот – децидни се од ресорното министерство.
Можноста да се добие лиценца за дадилка е особено актуелна сега, во услови на пандемија, кога голем број граѓани останаа без работа. Иако тука може да најдат интерес и невработените, како шанса и можност за заинтересираните жени за оваа работа со малку труд да поднаучат и да се квалификуваат за чување дете во нечиј дом. За некој да може да го работи ова, мора да исполнува и некои услови, најмалку да има средно образование, да не му е одземено родителско право, да има општа и посебна здравствена способност, да не му е одземена или ограничена деловната способност. Исто така не треба да му е изречена казна со правосилна судска пресуда со која е осуден за кривично дело за семејно насилство, за одземање малолетно лице, како и за негрижа или малтретирање малолетно лице или родосквернавење.