Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва беше на средба со граѓани во Кисела Вода, каде од страна на присутните новинари беше прашан за неговите очекувања околу датумот со преговорите со ЕУ.
– Очекуваме се разбира тоа што цело време го зборуваме, да добиеме чист датум за отпочнување преговори со ЕУ – одговори Мицкоски, иако, како што, рече оваа влада најмалку го заслужува тоа.
Сепак, според партискиот лидер, граѓаните на Македонија и државата заслужуваат таква разврска.
– Сè што е надвор од тоа да биде чист датум за отпочнување преговори ќе биде неуспех за оваа влада и голем неуспех и делегитимирање за политиките на Зоран Заев и коалицијата што ја предводи тој – оцени Мицкоски.
Тој додаде дека иако голем дел од јавноста можеби очекувал поагресивно политичко однесување од страна на ВМРО-ДПМНЕ, партијата била свесна за државниот интерес и европерспективата на земјата.
– Државниот интерес и она коешто се вели европреспектива за сите граѓани во Република Македонија за нас беше врвен приоритет и еве како што гледате денеска ден спроти последниот ден кога ќе се одлучува за тоа дали Македонија ќе добие чиста препорака, нема да добие воопшто препорака или некое меѓурешение, ВМРО-ДПМНЕ е резервирано и апелира да се добие чист датум за отпочнување преговори со Европската унија – нагласи Мицкоски, додавајќи дека доколку нема позитивна одлука очекува формирање на техничка влада и одржување на предвремени парламентарни избори.