Со меѓусебни обвинувања за тоа кој што (не)направил и кој ја уништил државата, партиите ја продолжија изборната кампања низ земјава, промовирајќи ги кандидатите и програмите со кои сакаат да ја добијат довербата на граѓаните во пресрет на парламентарните избори закажани за 15 јули.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера престојуваше во Прилеп, каде што говореше за остварените инфраструктурни проекти.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Битола вети илјада проекти, инвестиции во инфраструктурата, повисоки плати и пензии, рамен данок…
Кандидатот за премиер на ДУИ, Насер Зибери, од пред куќата на Мајка Тереза порача дека на земјава ѝ треба фигура што ќе може да интегрира без оглед на политичката, етничката, социјалната или друга припадност.
Алијансата на Албанците симболично ја започна кампањата од Тетово, нудејќи им се на гласачите како алтернатива за ДУИ, која, според оваа партија, многу години била во власта, а не ја подобрила положбата на Албанците
Под слоганот „Можеме“ носителот на изборната единица број шест на коалицијата предводена од СДСМ, Билал Касами, ја почна предизборната програма од регионот на Зајас, изразувајќи убеденост дека коалицијата на СДСМ и БЕСА ќе освои најмалку 61 пратеник и на тој начин, како што рече, ќе ја реализираат ветената програма.
Во текот на вчерашниот ден носителите на изборните листи од власта и од опозицијата беа во посета на изборните единици низ земјата каде што пред присутните ги презентираа изборните програми и ветуваа подобра иднина.