Гласањето во македонскиот парламент за преименување на државата, со што се отстранува најголемата пречка за интеграција во евроатлантските институции претставува доказ дека и навидум нерешливите политички проблеми можат да бидат решени преку традиционалните договори на демократските претставници од кои е исклучена јавноста, наспроти преку директното почитување на волјата на народот, пишува Блумберг.
Во јуни минатата година, македонскиот премиер Зоран Заев се договори со грчкиот колега Алексис Ципрас дека ќе ја преименува својата држава во Северна Македонија, за таа да се диференцира од истоимената грчка провинција. За возврат, Ципрас вети дека ќе го прекине долгорочното грчко противење на членството на Македонија во НАТО и на приклучувањето кон Европската унија. Двајцата лидери мораа да надминат силен домашен отпор за да го испочитуваат договорот.
– Силното инсистирање на Заев на почитување на договорот со Ципрас, објективно, веројатно е најдобро за Македонија. Надвор од ЕУ, изгледите не се баш добри за мала држава опкружена со копно. Никакво количество на националистичка пропаганда не може да ја прикрие очигледната потреба за економска интеграција во Европа. Русија, која претставува единствена алтернатива за НАТО и за ЕУ, е премногу далеку и економски слаба за да биде од значителна помош – се наведува во анализата на Блумберг.
Како што Британците сфаќаат, по двеиполгодишното измачување поврзано со брегзит, прашувањето на народот несекогаш претставува најдобро решение за проблем што предизвикува поделби. Доброто старо политичко пазарење понекогаш може да доведе до подобри резултати. Британците кои се изјаснија во полза за останување во ЕУ, веројатно би посакале да имаат сопствен Заев, кој е подготвен да ги истурка убедувањата за кои верува дека се исправни, и покрај загубениот референдум.
Дури и да немаат сопствен Заев, и Ципрас би бил поволен. Кога грчкиот премиер би го испочитувал својот дел од спогодбата со Заев, овој двоец би можел да претставува пример и за лидерите на Србија и на Косово.
Директното обраќање кон народот за решавање на проблемот би можело да биде погрешна идеја, поради влијанието на емоциите и на дезинформираноста поврзани со одржувањето на референдум. А јавноста би можела и да се премисли доколку ги согледа економските бенефиции. Токму затоа, во одредени случаи кога гласачите се збунети, демократијата делува подобро од изразувањето на јавното мислење.