Државните институции и невладиниот сектор се во постојана потрага по неевидентирани лица без лични документи. Изминатите години се евидентирани близу
700 вакви случаи, а од ноември 2020 досега во Управата за водење матични книги се поднесени 209 барања за дополнителен упис во посебната матична книга
на родените
И покрај редицата акции, апели и кампањи досега, во државата и понатаму има лица што не се евидентирани во матичната книга на родени, односно лица без лични документи. Поради тоа тие се надвор од образовниот, здравствениот и системот на социјална заштита и не се во можност да остварат ниту право на вработување со задолжително осигурување. Лицата без документи се лица без идентификација, немаат никаков статус во општеството. За да бидат пронајдени овие лица, државните институции соработуваат и со граѓанските организации, кои несебично помагаат.
Во февруари 2020 година е донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, врз чија основа секое лице што не е евидентирано во матичната книга на родените, а е родено во Македонија или живее во Македонија може да поднесе барање за запишување во посебната матична книга на родените. Нема ограничување на возраста на лицата што можат да го поднесат ова барање. Невладините организации помагаат во процесот на пронаоѓање на лицата без документи и ги упатуваат, а понекогаш им асистираат за да ги доведат до шалтерите на Управата за водење на матичните книги. Во Управата за водење на матичните книги, по двата јавни повика, пријавени се 656 лица што не се евидентирани во матичните книги на родените. Секој предмет за себе е посебна приказна, но најчесто се работи за недостиг од документи на мајката (или таа е странски државјанин што нема регулирано престој во Македонија или, пак, мајката е апатрид што нема никаков документ) – појаснуваат од Управата за водење на матичните книги, од каде што додаваат дека постои електронска база во која се внесени прашалниците за сите 656 лица пронајдени во текот на акциите изминатите години.
Од Министерството за труд и социјална политика нагласуваат дека посебниот таканаречен Закон за лица неевидентирани во матичната книга на родени почна да се имплементира веднаш штом беше донесен. Оттаму дополнуваат дека невладините ромски организации беа членови на мобилните тимови што на терен заедно со претставниците на институциите работеа на идентификација на лицата неевидентирани во матичната книга на родените.
Од ноември 2020 досега во Управата за водење на матичните книги се поднесени 209 барања за дополнителен упис во посебната матична книга на родените, при што од сите поднесени барања се извршени дополнителни запишувања и издадени се изводи за 95 лица. Во тек е решавањето на преостанатите предмети. Постапката за дополнителен упис во посебната матична книга на родените во согласност со законот трае 30 дена од денот на поднесувањето до денот на подигнувањето на изводот. Доколку некои факти за лицето треба да се проверат дополнително, тогаш лицето што го работи предметот може да го продолжи рокот на водење на постапката сѐ до обезбедувањето на потребните факти. Во согласност со член 11 од Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, лице запишано во посебната матична книга на родени по добивањето извод од посебната матична книга на родени и идентификациска исправа во согласност со овој закон, може да оствари право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување, во согласност со законот, под исти услови како и државјаните на Македонија – објаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
РЕЦ „Амбрела“ е невладина организација што се залага за општествено интегрирање и еманципација на ромското население и негово општествено вклучување преку програми за образование и човекови права. Нивна примарна цел се децата и жените Ромки, како најкревки и најмаргинализирани членови на општеството.
РЕЦ „Амбрела“ како невладина организација има широка соработка со повеќе институции, како на локално така и на национално ниво, и во изминатиот период има имплементирано повеќе проекти. Во моментот помагаме за решавање на долгогодишниот проблем со лицата неевидентирани во матичната книга.
Во периодот од 2017/2019 година, како партнер, во соработка со асоцијацијата „Иницијатива за социјална промена“ (ИнСоК), хуманитарното и добротворно здружение „Месечина“ од Гостивар и Здружението за заштита на правата на Ромите, имплементираме проект насловен „Надвор од кругот невидливи за општеството“, финансиран од страна на Европската Унија, со кој беа градени капацитети за помош на лицата неевидентирани во матичната книга на родените. Беа идентификувани вкупно 700 лица на национално ниво, од кои 400 лица во Скопје, или само во Шуто Оризари 280 лица, од кои повеќето се деца под 18 години – вели Бесник Сулејмани од РЕЦ „Амбрела“.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека на лицата што се без лични документи, односно лицата што се неевидентирани во матичната книга на родените до стекнувањето на правото за добивање личен документ, во согласност со Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, Министерството за внатрешни работи им издава идентификациска исправа со која овие лица го докажуваат својот идентитет во однос на остварување на правото на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување.