Консензуалното одлучување ја претвора Унијата во нефункционален систем
Последните реакции на разочараност и наводното неразбирање на позициите на Бугарија во однос на Македонија, од претставниците на другите 26 земји-членки, искажани на последниот министерски Совет за општи прашања на ЕУ (како и во подоцнежните изјави), даваат одредени сигнали дека во Унијата веќе постојат одредени увидувања дека консензуалното одлучување со право на вето ја прави самата Унија нефункционална. Но дали тоа е доволно ЕУ да го укине правото на одлучување за проширувањето со вето
Начинот на одлучување во ЕУ со консензус за процесот на проширување на Унијата, кој практично на секоја земја-членка ѝ дава можност и право на вето поради какви било (и)рационални причини, се покажува како непробоен бедем за македонските евроинтеграции. И покрај сите применети внатрешни и надворешни стратегии за исполнување (не)возможни услови на каприциозните земји-членки, асиметрични договори за добрососедство, потпирање на веродостојноста на бриселските ветувања… Македонија повторно не успеа да го направи тој веќе „митски“ исчекор за добивање датум за почеток на преговори. Второто експлицитно вето на Бугарија за преговарачката рамка за Македонија предизвика дури и разочарана реакција на македонскиот премиер Зоран Заев.
– Брисел ни порача дека ЕУ не успеа да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблемот. Тоа што 26 земји-членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една земја-членка, тоа е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ… Гласот на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка, наспроти едногласниот став на сите преостанати 26 земји-членки, сметаме дека не е во духот на добрососедските односи… Дефинитивно, да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака.
Проблемот е никаков – го артикулира Заев своето разочарување од импотентноста на ЕУ, предизвикана од механизмот на консензуално одлучување за проширувањето.
Игрите со ветото на ЕУ за европската иднина на Македонија се претворија во хроничен предизвик на земјата, со непристојни и дрски барања до степен на закана за македонскиот национален идентитет, историја и јазик. Пред бугарското вето, Македонија дваесетина години се справуваше со блокадите на Грција во ЕУ и во НАТО, што привидно се реши со еден многу контроверзен Преспански договор, поради кој земјата си ги смени историското име и Уставот, а прифати и низа други обврски што перманентно го загрозуваат македонскиот национален идентитет, на што како симптоматично продолжение се надоврзуваат новите вета од Бугарија. Од друга страна, последните реакции на разочараност и наводното неразбирање на позициите на Бугарија во однос на Македонија, од претставниците на другите 26 земји-членки, искажани на последниот министерски Совет за општи прашања на ЕУ (како и во подоцнежните изјави), даваат одредени сигнали дека во Унијата веќе постојат одредени увидувања дека консензуалното одлучување со право на вето ја прави самата Унија нефункционална.
– За баластот на ветото и идеите за негово надминување, во ЕУ се зборува уште од 2007 година, од самитот во Лисабон. Одвреме-навреме се искажуваат некакви изјави од претставници на ЕК и други бриселски политичари и административци со идеи за цикличност во носењето одлуки за проширувањето, во зависност од фазата во процесот на пристапувањето на кандидатите… Но да се стигне до некаков конкретен резултат за да не се применува консензуалното одлучување во Унијата, претставува комплексен процес, кој не може да се предвиди. Она што може да се заклучи од актуелниот статус на процесот на проширување со Западен Балкан (иако не се кажува гласно), додека ЕУ не се реформира однатре, нема да има поместувања во однос на проширувањето – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Сепак, Божиновски проценува дека пандемијата, односно носењето одлуки во вонредни и кризни состојби, ги покажала слабостите на системот на одлучување во Европската Унија, што практично ја направиле нефункционална. Најмногу засегната од принципот на вето, самата Унија беше во ситуацијата кога требаше да се одлучува за нејзиниот буџет, а земјите-членки како Унгарија и Полска ставија вето, условувајќи ја поддршката со свои барања. Според Божиновски, тоа пореално наведува на можноста дека ЕУ би го почнала процесот на ревидирање на начинот на носење одлуки со консензус и право на вето отколку заинтересираноста за проширување со Западен Балкан.
Поранешната македонска амбасадорка, Мелпомени Корнети, во однос на консензуалното одлучување во ЕУ, се потсетува дека таа уште пред 14-15 години, на меѓународен форум го поставила прашањето за несоодветноста и неправедноста на ветото како начин за носење одлуки во големи меѓународни организации, пред сѐ во ЕУ. И покрај релативно долгиот изминат временски период, таа констатира дека работите не се воопшто поместени во некоја попозитивна насока за Македонија по тоа прашање.
– Извесно е дека како земја-кандидат не можеме да влијаеме за менување на механизмот на носењето одлуки во ЕУ, како за проширувањето и воопшто за други прашања во Унијата. Но можеме да се надеваме дека процесите за менување на ваквиот начин на одлучување ќе се забрзаат само ако други земји-членки се засегнати од овој принцип и заклучат дека поради тоа се загрозени некои нивни интереси.
Таквата засегнатост можеби најдрастично се покажа при носењето на буџетот на самата Унија за време на пандемијата. Како што стојат работите за Македонија, со постојаните блокади за започнување на преговорите со ЕУ, се покажува дека треба да бидеме прагматични по прашањето на евроинтеграциите. Наместо да се исцрпуваме со соседски уцени, кои ни го загрозуваат националниот идентитет, постоење, па и територијалниот интегритет, треба да се насочиме на користење на фондовите на ЕУ, усогласување на нашето законодавство со европското право…, но поради нашиот сопствен развој. Залудни се сите дипломатски напори за започнување преговори за членство во ЕУ, ако дома не ни се средени работите. Илустративно кажано, прагматичноста во нашиот однос со ЕУ се сведува дека во овие услови доволна ни е само свршувачка, а бракот не е неопходен – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.