Лидерот на БЕСА, Билал Касами, се сомнева дека неговиот пратеник Кастриот Реџепи не доаѓа на седница бидејќи некаде е држен присилно. Тој кажа дека од вчера нема никаков контакт со пратеникот кој напиша дека нема да гласа за пад на Владата на СДСМ и ДУИ. Во меѓувреме, Касами потврди дека БЕСА останува на ставот оти овој режим треба да падне.
– Се додека нема слика и глас на пратеникот, јас се сомневам дека тоа го има кажано против своја волја. Денеска го немам контактирано. Вчера беше последната информација. Се додека не излезе да каже негов став, да каже дека не е присилен, дека ова е доброволно, јас како претседател на БЕСА имам право да се сомневам дека се држи некаде и не може да дојде во Собранието да каже негов став – рече Касами.
Прашан дали ќе успеат како опозиција да обезбедат 62 пратеници, како мнозинство, Касами рече: „Во моментов за нас е важно здравјето на пратеникот“.