Ваквата синоптичка состојба на многу ниски температури во метеорологијата се нарекува поларен вортекс и се очекува да се почувствува во Македонија од денеска, па во наредните денови, со врнежи од снег, ветер и голомразица. Како ќе влијаат ваквите температурни промени врз здравјето на граѓаните, но и врз посевите и овошките
Ако пред неколку дена имавме речиси летни дневни температури што на некои места достигнаа и до 22 Целзиусови степени, во периодот што следува нѐ очекуваат вистински поларни студови со утрински температури и под минус 20 Целзиусови степени. Метеоролозите најавуваат пад на температурите под влијание на многу студена воздушна маса што ќе услови период на студено време со умерен засилен северен ветер по должината на Повардарието.
Во текот на викендот ќе биде облачно со врнежи од снег, пообилни во југозападните делови. Насекаде ќе се формира снежна покривка, а на планините ќе се зголеми. Се очекува во југозападните делови и на пониските места таа да изнесува над 20 сантиметри. Поради ниските температури, ќе има појава и на голомразица. Температурите ќе се задржат значително под просекот за овој период и во текот на денот ќе бидат под нулата, а во почетокот на наредната седмица наместа и под минус 15 Целзиусови степени. Метеоролозите велат дека северниот и источниот дел од европскиот континент се под влијание на многу студена воздушна маса, која е резултат на поле на висок воздушен притисок на приземје и висински циклон што се спушта кон јужните делови на континентот.
– Влијанието на ваквата синоптичка состојба што во метеорологијата се нарекува поларен вортекс се очекува да се почувствува во подрачјето на нашата држава од денеска, па во наредните денови.
Студеното време и ниските температури за време на викендов ќе бидат проследени и со врнежи од снег и засилен северен ветер. Времето ќе биде облачно и студено, во целава земја со врнежи од снег, пообилни во југозападните делови. Врнежите ќе започнат денеска во раните претпладневни часови во западните делови и ќе се прошират насекаде, па попладне речиси секаде ќе има снежна покривка, а на планините ќе се зголеми. Најобилни врнежите ќе бидат во ноќните часови сабота кон недела. Се очекува во југозападните делови и на пониските места снежната покривка да изнесува над 20 сантиметри. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а поради ниските температури ќе има појава на голомразица. Утринските температури ќе се движат од минус 11 до минус 4, а дневните од минус 8 до 1 степен – информира м-р Рада Аврамовска, раководителка на Секторот за прогноза и предупредување.
Овие температури неповолно ќе влијаат на некои видови овошни дрвја, како и на виновата лоза, чие закројување некои веќе го започнаа.
– Ваквите температури нема поволно да влијаат на овошките, како што се црешата, кајсијата и праската, кои веќе беа процветани во јужните краишта на земјава. Овие нагли температурни промени најверојатно се должат на глобалното затоплување, кое се чини ја помести и зимата, еве, таа допрва доаѓа. Тие сега неповолно ќе влијаат на цветот на овошките што први цветаат. Во Гевгелија дури и на минус 12 Целзиусови степени ќе им го уништи цветот. Снегот, пак, кој според очекувањата ќе наврне повеќе од 20 сантиметри, поволно ќе влијае на посевите, a ниските температури нема да влијаат на ластарите, но ќе ги уништат родните пупки и лисните папки на виновата лоза – вели Ангелко Ангелевски, советник за агрометеорологија.
Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека од понеделник, поради придвижување на висинскиот циклон кон исток, врнежите ќе престанат, но ќе се задржи влијанието на студениот бран. Времето ќе биде стабилно, сончево и многу студено со повремено умерен северен ветер. Температурите ќе се задржат значително под просекот за овој период и во поголем дел од земјава во текот на целиот ден ќе бидат негативни. Утринските температури се очекува да бидат најниски во средината на идната седмица кога наместа ќе се спуштаат и до -20 степени.
– Следува период на многу, многу студено време повремено со умерен до засилен ветер. Денеска и утре ќе биде облачно со врнежи од снег, а пообилни ќе бидат во југозападните делови од земјава, каде што очекуваме снежната покривка да биде над 20 сантиметри. Особено ниски температури очекуваме за наредната седмица, понекаде ќе се спуштаат и под 15 Целзиусови степени – вели дежурниот синоптичар Борис Секирарски.
Лекарите тврдат дека ваквите временски промени секако ќе влијаат, особено на хомеопатите, на оние со ревматски заболувања, на хронично болните, кои како и секогаш ќе мора да се придржуваат кон пропишаната терапија.
– Температурните промени пациентите веќе ги чувствуваат и тие се изразени најчесто со нерегулиран крвен притисок. Оваа промена најмногу влијае на хронично болните, бидејќи студеното време ги стеснува крвните садови, потоа секако влијае на пациентите со ревматски заболувања, кои ќе чувствуваат вкочанетост во зглобовите и грчеви. Метереопатите ќе ја регистрираат промената со главоболки и мигрени, а на промената ќе реагираат и оние со белодробни заболувања. Промените од плус 20 на минус 20 степени се случуваат за краток период и затоа треба да се работи на имунитетот, да се прават прошетки на свеж воздух и да се земаат витамини, како и здрава храна, свежо овошје и зеленчук – советува д-р Виолета Крстевска, матична лекарка во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
Епидемиолозите, пак, сметаат дека ниту топлото ниту ладното време немаат особено влијание на короновирусот.
– До скоро имавме температури од 20 Целзиусови степени, а сега има најава за падот на температурите малку подлабоко под нулата, но ваквите температурни промени нема да имаат никакво влијание врз ширењето на пандемијата. Не влијаат промените на овој вирус. По овој студен бран, повторно ќе има затоплување и веќе ќе помине февруари, зимата ќе помине не е ништо страшно. Велевме дека ако дојде летото, ќе помине пандемијата, но не помина, мислевме високите температури нема да му годат на вирусот, па видете што се случи. Европа беше завеана во снег, но бројките на заразени паднаа. Настинките се можни, но тешко е да се одреди дали е настинка или ковид-19, доколку не се тестира. Хронично болните се чувствителна и ризична категорија и затоа треба да си седат дома – вели епидемиологот д-р Александар Стојановски.