За економскиот развој, општествениот напредок и правичното општество, клучен е квалитетот на институциите околу кои се организираат општествата. Разликите помеѓу Норвешка и Нигерија, и двете богати со нафта, е во квалитетот на работата на институциите. Економските чуда во Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и Кина се резултат на квалитетот на државните институции. Најголемиот предизвик со кој се соочуваат Украинците по Портокаловата револуција е дали својата држава можат да ја направат функционална. Многу луѓе веруваат дека конфликтите на Балканот лежат во етничката припадност и религијата, меѓутоа причините лежат во самите држави, односно во функционалноста и ефикасноста на нивните институции, тврдат повеќе високи светски интелектуалци. Каква паралела може да се извлече за нашата држава?
Стабилната држава треба да биде модерна и силна, да го почитува владеењето на правото и да биде одговорна пред сите граѓани. Државата има многу специфична функција, а таа функција се состои од концентрирање на моќта и користење на таа моќ за спроведување на правилата, обезбедување на поредокот и обезбедувањето на основните јавни добра (храна, вода, енергија и сл.). Ефикасноста е многу важна, затоа што кога се говори за државата, таа мора да има способност докрај да ја спроведува, да биде авторитет што се остварува во името на целата заедница. Владеењето на правото, кое ги одразува ставовите на заедницата за правда, мора да биде обврзувачко за власта, доколку сакаме да има владеење на правото. Тоа е фундаментално ограничување на државната моќ. Најважна карактеристика на владеењето на правото е дека постојат правила што се транспарентни, а ги рефлектираат принципите на правдата во одредена заедница. Правилата мора да бидат обврзувачки за најмоќните луѓе во општеството било да се претседателот, премиерот или министрите. Доколку луѓето што ја имаат извршната моќ во општеството ги одредуваат правилата во зависност од нивните потреби, тоа не е владеење на правото. Владеењето на правото значи дека постојат правила што управуваат со моќта и ја ограничуваат. Одговорноста, односно демократската одговорност на институциите, се обидува да гарантира дека моќта ќе се користи во името на заедницата како целина, а не во името на елитата што владее со заедницата.
Најквалификуваните наспроти непотизмот
Френсис Фукујама, еден од највлијателните современи мислители, експерт од областа на политичките науки, забележува дека политичкиот поредок всушност е балансирање помеѓу државата од една страна и владеењето на правото и демократската одговорност од друга страна, кои се обидуваат да ја ограничат моќта. Модерната држава го ограничува непотизмот и создава институции што промовираат квалитет, односно ги ангажира најквалификуваните личности врз основа на нивните способности и образование! Според него, тоа е еден од најголемите предизвици на современата политика.
Државите во развој се соочуваат со корупција, покровителство и клиентелизам. Официјалните лица на Светска банка се запознаени дека корупцијата е голем проблем во многу земји во развој, а странската помош честопати завршува кај официјалните лица на државите. Постојат многу причини зошто корупцијата го попречува економскиот развој. На прво место, финансиските стимулации, кои треба да ѝ помогнат на економијата, завршуваат кај политичарите. Во многу држави е раширена и ситната корупција меѓу слабо платените службеници, меѓутоа, сепак, најголемиот дел од злоупотребените финансиски средства завршува кај политичката елита.
Клиентелизмот и покровителството, уште една смртна рана
Според Фукујама, вториот феномен што честопати се идентификува со корупцијата се покровителството и клиентелизмот. Главна карактеристика на земјите во развој е всушност патримонијалната држава. На пример, Нигерија остварува околу 400 до 500 милијарди долари годишно од продажбата на нафтата, меѓутоа стапката на сиромаштијата изнесува околу 70 отсто. Богатството завршуваа кај елитата што владее со земјата, а со финансиските средства ја купува стабилноста, меѓутоа ништо не прави во однос на економскиот и општествениот развој. Во патримонијалната држава, владетелот ги назначува своите роднини и блиски на позициите на моќта во државата.
Тие постојат кога две лица со различен статус и моќ постигнуваат договор, имено покровителот дава одредени услуги за лојалност и политичка поддршка од страна на клиентот. Во одредени сегменти покровителството може да се разликува од клиентелизмот. Покровителските врски секогаш се помеѓу покровителот и клиентот и постојат во сите демократски и авторитарни држави, меѓутоа клиентелизмот вклучува голема размена на услуги помеѓу покровителите и клиентелата, оттука е потребен систем на посредници. Клиентелизмот постои првенствено во демократските држави каде што голем број гласачи треба да бидат мобилизирани.
Неодењето на работа и земањето плата за тоа, не е наш пронајдок
Во 90-тите години на 20 век, беше направено едно истражување во Индија, кое покажа дека во многу сиромашни северни држави како Утар Прадеш, 50 отсто од државните наставници не се пријавувале на работа, тие земале плата, но не ги извршувале своите професионални должности. И таму властите се обиделе да преземат мерки за промена на оваа состојба, меѓутоа десетина години подоцна новото истражување покажува дека процентот на наставниците, кои не доаѓаат на работа, е непроменет. Проблемот лежи во природата на системот, кој е врз основа на покровителството и клиентелизам, односно луѓето гласаат за одредени политички лидери и партии во замена за одредени лични бенефиции и услуги. Уште еден пример што се совпаѓа со нашето секојдневие. Имено, коренот на современите политички проблеми во Грција и во Италија лежат во злоупотреба на јавното вработување и создавањето на политичкото покровителство. Оваа состојба доведе до неефикасна администрација и огромен буџетски дефицит. Грција и Италија пред да станат изборни демократии не создадоа модерна бирократија, а во поновата историја вработувањето беше користено како средство за мобилизирање на гласачите. Оваа политика доведе до појава на хронична неспособност во јавниот сектор.
До кога и до каде со институционалната ерозија?
Институционалната ерозија е смртен непријател на државата. Внатрешен непријател што полека но сигурно ги пасивизира органите на државната власт и државата ја прави неспособна за да одговори на барањата од граѓаните. Како што вели докторандот Петар Богојевски во својата колумна „Одумирање на државата“, тој феномен води до степен на „опаѓање на капацитетот на институциите, нивниот кредибилитет и функционалност, каде што граѓаните го напуштаат општествениот договор и ја преземаат судбината во свои раце. Си го враќаат суверенитетот кај себе. Во такви услови, државата е парализирана, не може да направи ништо. Најмалку да се самозаштити, зашто нема како. Институциите се државата, а тие уништени, нема како да се реагира. На пример, така пропадна популарната Југославија“.
Како што истакнува тој, оваа негова дијагноза всушност е нашиот најголем проблем.
Токму тоа што денешната македонска држава има огромна институционална ерозија, што поради минатото, што поради најновите случувања. Тоа станува толку евидентно, што веќе создава реален ризик по државноста. Имаме ѓубре, државата е немоќна. Имаме загаден воздух, државата е немоќна. Имаме дивоградби, државата е немоќна. Имаме злоупотреба на правниот систем, државата е немоќна. Имаме злоупотреба на политичкиот систем, државата е немоќна. Имаме даночна евазија, државата е немоќна… итн.
Овде не станува збор за идеолошко прашање, уште помалку за партиско или за тоа кој да биде или кој да дојде на власт. Јакнењето на институциите, нивната ефикасност и нивната одговорност е кон граѓаните, не кон поединци и елити. За одговор на гореспоменатите предизвици, кои однатре ги разоруваат државата, институциите и владеењето на правото се потребни најпрвин здрава морална вертикала, кредибилитет, компетентност, знаење и вештини и се разбира лојалност. Но не кон партиските идоли, туку национална лојалност. Има ли некој што може да аплицира за лидер?
Во примерите на Фукујама се препознава и Македонија
Френсис Фукујама е еден од највлијателните современи мислители, како специјалист од областа на политичките науки разгледува голем број прашања од современата политика, неговите дела опфаќаат теми од филозофијата, историјата, социологијата и технологијата. Фукујама имаше значајно влијание во подемот на неоконзерватизмот во американската политика. Покрај научната дејност, му беше советник за биотехнологија на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш, а подоцна се пројави како еден од неговите најголеми критичари, особено во неговиот пристап кон Ирак. Исто така беше меѓу советниците на поранешниот либиски диктатор Муамер Гадафи.
Без разлика на неговите намери и цели, прашањата што ги разгледува и образложува, вклучувајќи ги и политичките состојби што ги претставува, можат да ни помогнат во разбирањето на современите општествени случувања во Македонија, меѓу другото, во некои од примерите што овој автор ги посочува, многу лесно можеме да ја препознаеме нашата држава.