Последната рунда разговори во Охрид помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија Никола Димитриов и на Грција Никос Коѕијас, околу наметнатиот спор за името, исфрли на површина и еден нов момент за „временска одредница“ или т.н. временска клаузула, која се однесува на имплементација на евентуалното идно решение. Тоа веднаш наиде на различни толкувања кај аналитичарите и кај експертската јавност
Последната рунда разговори во Охрид помеѓу шефовите на дипломатиите на Република Македонија Никола Димитриов и на Грција Никос Коѕијас, околу наметнатиот спор за името, исфрли на површина и еден нов момент за „временска одредница“ или т.н. временска клаузула, која се однесува на имплементација на евентуалното идно решение.
Тоа веднаш наиде на различни толкувања кај аналитичарите и кај експертската јавност. Така, во телевизиска изјава, професорот Љубомир Фрчковски во врска со тоа вели дека терминот времена рамка како алатка би можела да биде употребена во делот од преговорите каде што постои „проблем што не може да се реши“ веднаш. Токму таму би се вградила т.н. временска клаузула.
Токму во таквиот контекст, „проблем што засега не може да се реши“ во преговорите, излегува дека е нашиот Устав (?!). Во тој дел, во овој момент ние и Грците имаме целосно спротивни позиции.
Професорот истакнува дека имено, „ние имаме позиција дека Уставот не треба да се менува и дека веројатно е тоа добра преговарачка позиција“. А од другата страна, за Грците, сега промената на македонскиот Устав станал нов момент и тежиштен услов. Професорот истакнува дека Грците претходно воопшто не ги интересирал Уставот туку се занимавале само со меѓународен договор, а сега ова е главна пречка во понатамошните преговори. Но според професорот Фрчковски, оваа пречка може да се надмине со т.н. временска клаузула.
За тоа кога и како би се одвивале работите, тој вели дека постои и веројатна временска рамка (2025 год.), а истакнува и дека во игра се и различни „односи на промени“ на нашиот Устав.
– Имаме два односа на промена на Уставот. Едно е промена на насловот на Уставот, тоа е Устав на „Горна Македонија“ или Устав на Република Македонија како што е сега, а друго е промена внатре во Уставот. Тие се две позиции, кои паралелно, порадикално или помалку радикално, се споменуваат во Грција. Се споменуваа и некои членови, ја споменуваа преамбулата, чл. 3 и чл. 49. Јас мислам дека тој дел од промените внатре во Уставот нема да се отвораат, дека Уставот како таков како текст ќе остане кохерентен. Промената ќе се адресира на насловот на Уставот, тој ќе биде во формулата и двете страни на некој начин ќе се најдат во решението – вели тој.
Професорот Фрчковски истакнува и тоа дека Уставот веројатно нема да се менува веднаш, туку при влезот на Република Македонија во ЕУ, а тоа е 2025 година, или можеби нешто малку порано. Тогаш, според него, и така ќе се отвора Уставот за чл. 118, а тоа е важењето на европските договори, односно директното нивно законодавство, кое не може да остане само со ратификување. Професорот Фрчковски подвлекува дека сите устави се менуваат кога влегуваат нови членки во ЕУ, а тогаш ќе се искористи моментот да се адресира (промени) насловот, што веројатно тоа ќе биде компромис, кој е поднослив и за двете страни. На тој начин, професорот толкува дека од една страна, првата страна се задоволува дека Уставот не се менува сега или за седум години, а, пак, другата, грчката страна, има за својата публика резултат дека Уставот сепак ќе се промени во насловот, по извесен период. На тој начин, ќе може да се излезе евентуално со тоа решение, при што професорот изнесува мислење дека тоа „не е некоја посебна драма за нас“.
Во секој случај, професорот истакнува дека не треба да се заборават оние прашања, кои како што вели „стално сме ги наведувале дека за нас се идентитетски прашања“. Но исто така, и дека има впечаток дека „главно во овие решенија, кои се наѕираат, ние тие позиции сме ги задоволиле“.
Во секој случај, професорот Фрчковски истакна дека се води еден апсурден спор. Но исто така вели дека и апсурдните спорови се спорови и мора да се решаваат:
– И апсурдните спорови се спорови мора да ги решавате. Во меѓународните односи апсурдни – неапсурдни, луѓето водат војни, граѓански војни, кои се суперапсурдни, па ги водат. Од една страна тоа е апсурдно, може ќе влезе сигурно во литературата, во меѓународното право како таков спор, меѓутоа тој спор мора да го решите и мислам дека решенијата одат на линија на задоволување на нашите стратегиски позиции и ние нема да излеземе од тоа повредени што е важно околу тие главни точки, кои за нас ги лоциравме како стратегиски приоритети.
За специјалниот статус на Македонија во НАТО и за иредентизмот
Во врска со ова прашање професорот Фрчковски е дециден:
– Освен полноправен статус ништо за нас друго не е интересно ниту ќе биде на маса за расправање. Ние одамна го имаме својот дел од домашната задача кон НАТО направено што тука имаме платено една цена со кршење на спогодбата значи, кој е меѓународен договор интерен во чл. 11, кој го докажавме на суд, значи таа цена ние сме ја платиле за полноправно членство и ништо под тоа ќе биде во комбинација. Но ова со иредентизмот е интересна теза и треба малку да ја изанализираме. Коментарите на претседателот на Грција и опозициските партии на некој начин се веќе реторички, кажани во празен простор. Погледнете ги испитувањата на јавното мислење во Грција. Опасноста за Грција, од страна на Македонија стои со 2 отсто. Значи немате основа за иредентизмот, виси во воздух коментарот за иредентизам, кога јавноста перципира дека кај нас опасност од северниот сосед е 2 отсто, за разлика од Турција, која е 76 отсто за тоа кој кого загрозува. Албанија е далеку пред нас, Бугарија исто така. Македонија практично е најмала по перцепција на јавноста. Грчката јавност знае да биде најнационалистичка и која протестираше сега повторно во Солун и Атина, сега е 2 отсто, комплетно е апстрактна по малку, по инерција одат протестите.