Изминатиот период редица високи политичари од Бугарија отворено искажуваат територијални претензии кон земјава, прогласувајќи го Велес за бугарски град, заканувајќи се со испраќање воен полк во Скопје итн. Ваквите закани кон територијалниот интегритет на Македонија се во директна спротивност со основните постулати и начелата на ЕУ и на НАТО за неменливост на границите, како и со европските вредности за почитување на територијалниот интегритет на земјите. Дали молкот и нереагирањето на македонските институции се причина и за молкот на меѓународните организации на заканите од Софија или во заднина стои нешто друго?
Бугарски политичари со отворени територијални претензии кон Македонија
Европската Унија и НАТО не реагираат на агресивната реторика на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, но и на други бугарски политичари, преку која се искажуваат отворени територијални претензии кон Македонија.
Имено, во време кога Бугарија ја блокира Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес обвинувајќи ја дека со употребата на нејзиното кратко име има територијални претензии кон одредени бугарски територии, бугарските политичари отворено искажуваат територијални претензии кон земјава и за тоа никој не ги осудува.
Последниот ваков пример е од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, за кого Велес е град во Бугарија. Да биде апсурдот уште поголем, изјавата ја дава европратеник, кој наместо да се придржува кон европските вредности за почитување на територијалниот интегритет на земјите, отворено ги прокламира соништата за санстефанска Бугарија.
– Сите се сеќавате дека една од најголемите фабрики за лажни вести, која е поврзана со фабриката во Санкт Петербург, се наоѓа во прекрасниот бугарски град Велес – изјави неодамна Џамбаски, за време на настанот организиран по иницијатива на Партијата на европските конзервативци и реформисти, на кој се говореше за тековните закани кон Европа.
Претходно слични изјави доаѓаа и од бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој отворено изјавуваше дека ќе испрати инженерски полк на бугарската армија да дојде во Скопје и да помогне во демонтирањето на спомениците што се однесуваат на периодот од Втората светска војна, во кој Бугарија ѝ беше сојузник на фашистичка Германија.
Во време кога Македонија е жртва на отворена асимилаторска политика на земја-членка на ЕУ, изненадува како Европа, но и НАТО како воен сојуз во кој покрај Бугарија членува и Македонија не ги осудат ваквите изјави ако се има предвид колку отворено се спротивставуваат на менување на границите.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски лоцира три причини зошто Европа не реагира на провокативните изјави на бугарските политичари.
– Прво, јасна е дискрепанцата помеѓу Македонија и Бугарија според меѓународната моќ во моментот. Бугарија е членка на ЕУ, Македонија не е. Тоа го дефинира и односот на земјите-членки на ЕУ кон Бугарија и кон Македонија. Кон неа се многу повнимателни. Токму затоа ние инсистираме тука да има некаков арбитар во овој спор и затоа ние се врзуваме за Берлинскиот процес во тоа решавање – вели Арсовски.
Понатаму тој посочува дека изјавите на бугарските политичари се наменети за публиката во Македонија.
– Втора работа зошто ЕУ не реагира толку силно. Хистеријата на Бугарија е многу поголема кон Македонија отколку кон ЕУ. Мислам дека тие пораки се првенствено наменети претежно за македонската публика. Не знам колку од нив допираат до земјите-членки – истакнува Арсовски.
Според него, со евентуалното реагирање, Европа само ќе им помогне на бугарските политичари што тераат кампања врз македонското прашање во пресрет на изборите следната година.
– Кое било реагирање на Европа само му помага на Каракачанов во предизборието во моментот бидејќи ја прави темата поистакната, на која тој собира политички поени. Само таа тема му е шанса да влезе во парламентот на следните избори – појаснува Арсовски.
Тој уште додава дека реакција од Европа, меѓу другото, недостига бидејќи таа е заглавена со сите свои проблеми, пандемијата, новата верзија на вирусот во Британија итн.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски вели дека нема зошто Европа да реагира кога ние самите не реагираме.
– Бугарските политичари три месеци во низа излегуваат со националшовинистички изјави, а од кај нас нема никаква реакција. Како да се очекува на тоа молчење некој друг да реагира за тебе – истакна Божиновски.
Според него, прво ние треба самите да се одбраниме ако очекуваме некој друг да се заложи за нас.
– Нема ништо ниту ЕУ ниту НАТО да направат ако ти си молчиш и не се браниш. Среќа имавме што Чешка, Словачка и Австрија, делумно и заради нивен интерес, ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ и нè спасија од дополнителни компликации – истакнува Божиновски.