Предлозите од бугарска страна по одржаните средби во петокот во Софија не се ниту европски, ниту добрососедски. Доколку Бугарија не го смени ставот, тогаш мора да бидеме подготвени дека нема да се одржи ниту првата меѓувладина конференција Скопје – Брисел, која е закажана за декември, изјави премиерот Зоран Заев по билатералните средби на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Бугарија.
Средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов за Заев поминала добро, додека пак, средбата со шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, не поминала најдобро. Сепак, тој е оптимист и дека Комисијата за историски прашања, која треба деновиве да одржи нова средба, наскоро ќе најде компромис и за Гоце Делчев.
– Решивме пет историски личности и постојат записници за нивно заедничко чествување. Одличен мегдан е нашиот историски заеднички јунак, Гоце Делчев, за да нѐ сплотува, да ја зголемува соработката и поддршката. Убеден сум дека ќе постигнеме решение и ќе направиме сè што е во наша моќ за да продолжиме по тој пат, затоа што нашиот сон е Европа, која што го признава и целосно го почитува правото на самоопределување. Ние сме Македонци коишто зборуваме македонски јазик и верувам дека таквите вредности ќе опстојат комплетно и кај нашите соседи – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Со сличен став е и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, кој денеска во Прилеп изјави дека никој нема право да се меша во правото на самоопределување на еден народ, а исто така порача дека без елементарна почит, нема ни пријателство.
Ваквите рекции доаѓаат по острите изјави од страна на Захариева, според која Македонија треба да ја признае историската реалност поврзана со процесот на создавање на новиот национален идентитет. Бугарскиот премиер Борисов, пак, очекува да се достигне компромис до 10-ти ноември, кога треба да се одржи Берлински процес, на кој копретседавачи се Македонија и Бугарија.