Од политиката за проширување на ЕУ сите имаат корист, а со евентуалното „затворање на вратата“ сите губат, порача премиерот Зоран Заев во интервју за белградскиот весник „Данас“.
Тој вели дека иако лично е засегнат од одлагањето на ЕУ да објави датум за почеток на преговори со Македонија и со Албанија, тој не ја изгубил надежта во ЕУ.
Заев во интервјуто со наслов „Макрон знае дека ЕУ нема алтернатива за Балканот“. вели дека Македонија има многу постигнато и дека нема да дозволи да се вратиме на старо.
-Дел од највисокото раководство на нашите политички противници, за жал, до денес се нема оградено од стариот режим. Напротив, го бранат тој режим, криминалот и корупцијата кои државата ја доведоа до дно, додека животот постоеше само за една фамилија – вели Заев.
Тој се надева дека ќе има шанса лично да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и верува оти Макрон знае дека за земјите од Западен Балкан ЕУ нема алтернатива.
-Ниту едно партнерство не може да биде замена за европските интеграции. Мислам дека тоа не е одржлив однос и не би ги донел посакуваните резултати за никого, вклучително и на Европа – додава Заев.
Тој не очекува застој на патот кон членството на Македонија во НАТО.
-Остануваат уште три држави да го ратификуваат Протоколот. Се работи за одлуки на државните парламенти и технички процедури – посочува Заев.
Тој очекува опцијата што тој ја предводи да победи на предвремените парламентарни избори во Македонија во април наредната година.